Министерството за внатрешни работи денеска информира дека по вчерашното убиство на Р. Т. (39) на улицата „Штипска“ во Тетово имаат основи за сомневање за можниот сторител. Вчера, убиството беше пријавено во 20 часот и 35 минути по што полицијата во координација со Основното јавно обвинителство Тетово формирало екипа, која извршила увид на улицата „Штипска во Тетово“ по што се евидентирани докази и траги.
– Подигнати се траги за вештачење, како и возилото во кое бил Р.Т., кое е однесено за криминалистичко-техничка обработка, а неговото тело по наредба на јавен обвинител е предадено за обдукција. Од страна на инспектори извршени се службени разговори со лица – можни сведоци на настанот, извршени се дополнителни проверки, по кои веќе постојат основи на сомневање за можниот сторител на делото, издаден е централен распис за негово лишување од слобода и продолжуваат интензивните оперативно-технички мерки и активности за целосно расчистување на случајот – соопшти денес МВР.
Јавното Обвинителство претходно денеска информираше дека тетовски обвинител дал наредби за обдукција на убиениот, како и за обезбедување на снимки од видеонадзор, а возилото и други траги се подигнати за вештачење.
По вчерашното убиство, според информацијата на МВР, бил одржан работен состанок во просториите на СВР Тетово на кој учествувало раководството на СВР Тетово, на криминалистичка полиција, на економски криминал и на полициска станица Тетово, на кој се дадени прецизни насоки за понатамошно постапување.
Вчера во 20:35 часот беше пријавено во тетовската полиција дека на улица „Штипска“, во близина на угостителски објект, едно лице кое било со возило „мерцедес“ пукало кон возило „БМВ“ во кое било лицето со иницијали Р.Т.(39), кое од добиените повреди починало.