Истражувањата на Тумба Маџари продолжуваат по десетгодишен застој
Новото откритие од актуелните археолошки истражувања на локалитетот Тумба Маџари е фигурина од типот на „Големата мајка“. Новооткриената фигурина и уште една амфора се значајни предмети што ја збогатуваат ризницата на раритетни откритија на тлото на земјава и им даваат посебна ексклузивност на македонската археологија, историја и култура.
Ова откритие беше претставено при посетата на министерот за култура и туризам Зоран Љутков на неолитскиот локалитет. Според него, новите откритија се важни и во насока на тоа што укажуваат дека границите на локалитетот се прошируваат.
– Жалам што во изминатите години археолошки истражувања биле во застој, се определувале средства само за одржување, но, како што сум информиран, веќе е подготвен елаборат за валоризација на локалитетот и Министерството за култура и туризам ќе даде силна поддршка во заштитата на културното наследство како наш врвен приоритет. Овој локалитет ќе се прогласи за културно наследство од особено значење и како дел од урбано Скопје повидливо ќе се стави и во функција на културниот туризам – истакна Љутков, кој додаде дека в година ќе бидат зголемени минималните средства што годинава се определени за поддршка на археолошките истражувања на локалитетот.
Министерот Љутков го истакна партнерскиот однос на Археолошкиот музеј и Општина Газа Баба во одржувањето на вредниот локалитет и посочи дека грижата за Тумба Маџари е успешен пример на соработка помеѓу централните установи и локалната самоуправа.
Со оглед на тоа што археолошките истражувања на локалитетот годинава продолжуваат по десетгодишен застој, раководителката на проектот, археологот Елена Стојанова-Канзурова, посочи на уникатноста на наодите од Скопскиот и од Пелагонискиот Регион од неолитскиот период во светски рамки и токму поради тоа најави апликација за нивно впишување на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.