В сабота (6 јули), во 18 часот, во „Лаб дизајн маркет“ ќе започне промоцијата на „Тотем“ – новата модуларна колекција на студиото „Номад“.
– „Тотем“ e разиграна сензорна скулптура, инспирирана од играчката со редење обрачи на стапче. Нејзиниот уникатен модуларен дизајн е комбинација на форми и бои што постојано се менуваат, а истовремено инспирираат различни конфигурации пренесувајќи чувство на разиграност. Внимателно рачно изработена, тотем-скулптурата содржи три основни форми што се конфигурираат во повеќе од 12 стилски силуети, овозможувајќи ви да креирате свои променливи скулптурни форми. Преку сензорна стимулација, тотем-светилката пренесува уникатно и хармонично чувство во вашиот дом – велат од „Номад“.
Студиото „Номад“ има развиено композитен материјал со кој старата техника терацо ја стилизира во современ дизајн. Техниката терацо потекнува од Италија и датира од 16 век. На почетоците била употребувана од страна на изработувачите на мозаици во Венеција. Идејата била остатоците од мермер во комбинација со друга смеса да се реупотребат за изработка на декоративни подни површини.
Преку овие настани публиката може одблиску да ја запознае работата на локалните дизајнери и занаетчии и со тоа да ја увиди вредноста во нивниот производ. Крајната цел е да стекне доверба во македонскиот дизајнерски производ што се заснова на рачна изработка и висок квалитет.
„Лаб дизајн маркет“ е изложбен салон сместен во индустриската хала на печатницата „Нова Македонија“.