Грешат оние што тврдат дека Зборникот е само збир на македонската поезија. Зборникот е нашата македонска легитимација и енциклопедија на македонскиот најран етос

НА 24 ЈУНИ ЧЕСТВУВАЊЕ НА 163-ГОДИШНИНАТА ОД ИЗДАВАЊЕТО НА ЗБОРНИКОТ НА БРАЌАТА МИЛАДИНОВЦИ

Ако се земе предвид дека Охридската книжевна школа е првата автохтона точка во создавањето на македонската култура како јазик и идентитет, тогаш втората точка несомнено им припаѓа на браќата Миладиновци.
Со што го задолжија тие македонскиот народ?
Несомнено е дека создавањето на народното творештво во Македонија станува креатор на нашата колективна и национална свест за себе. Убавината на македонското творештво недвосмислено треба да ја бараме во народните умотворби од песната, играта, везот, орнаментот и во создавањето како уметнички чин воопшто. Овие македонски создавања блеснуваат како ѕвезди во мракот, каде што се слуша плачот на нашата колективна болка, а неретко и восхитот од природата и нејзината убавина. Затоа, ние, влегувајќи во светлините на тие ѕвезди, откриваме еден нов македонски свет, една древна национална тајна, која се распослала под болката и восхитот на нашиот народ во најголемите патила низ драматичните векови. Дали тогаш и терминот македонски егзистенцијален патос добива знак на еднаквост со терминот македонски духовен етос. Токму тие тајни на етосот и патосот останале вечно да блескаат во македонското народно творештво и да го формираат нашето автохтоно постоење како идентитет.
Во таа смисла, да се проследи народното творештво на македонскиот народ значи и откривањето на богатството на фолклорот како посебно подрачје на македонската уметност, култура и идентитет. Имаат право оние што тврдат дека нашето народно творештво дури ставено и во изрека или пословица го изразува генијот на народот, неговата мисловна длабочина и посебниот сензибилитет на националното битие, откривајќи ја последната вистина на Македонците. Нашето народно творештво во таа смисла сѐ повеќе ни се открива кога навлегуваме во македонската преродба како наша, автохтона национална култура.

Браќата Миладиновци со својот историски Зборник во 1861 година вршат најголемо влијание за осознавањето на нашето најдлабоко битие како наша единствена вистина. Зборникот на Миладиновци е нашата национална свест и нашата национална естетичка експресија толку карактеристична, толку потресна и толку стварна за нас самите од далечните столетија. Зборникот на Миладиновци е македонскиот влез и во сопствената традиција, нашиот автохтон израз како мислење и пеење. Зборникот преку песните, легендите, сказните, пословиците, верувањата, преданијата и басните ја содржи целата наша најмакедонска, национална митологија.
Грешат оние што тврдат дека Зборникот е само збир на македонската поезија. Зборникот е нашата македонска легитимација и енциклопедија на македонскиот најран етос. Тој е differencia specifika на нашиот народ и нација. Во него гледаме дека е напластена смислата на нашиот емотивен и национален синдром, каде што лежи целата тајна на нашата автохтона култура и идентитет.
Во уметничкото творештво кај Миладиновци и кај Прличев, како наши најзначајни столбови на македонската преродба, се слуша ехото на европскиот и балканскиот романтизам. Романтизмот е субјективен, никогаш не е рационалистички, тој го глорифицира сопственото минато како постоење, таму ги гледаме уметничката инспирација и интуиција на народната поезија. Таму ги гледаме како апотеоза сите насобрани македонски тенденции во минатото.

Нема сомнение дека поетскиот израз на Констатин Миладинов ја содржи во себе романтичарската, лирска поетика. Во неа го гледаме најконкретно култот кон народната песна, каде што според него, таа песна нѐ носи и во претхристијанските времиња.
Култот на враќањето кон минатото кај Миладиновци е всушност потврдување на сегашноста, но и патоказ кон иднината. Проучувајќи ја народната поезија, Миладиновци ќе ни ја откријат спецификата на македонскиот идентитет. Култот кон стихот, култот кон природата испеан во еден романтичарски занес кај К. Миладинов станува симбол на народниот, уметнички, македонски дух.
Со Зборникот на Миладиновци се ставени темелите на нашата специфична култура преку народното творештво.А браќата Миладиновци имаат несомнено едно од најзначајните места во историјата на македонскиот народ, затоа што тие го собраа целокупното македонско творештво и ни ја покажаа сопствената, автохтона култура и бивствување.

Мимоза Рајл