Деновиве читам некакви анализи за пропаста на СДС на претходните избори. Практично за нивното целосно тонење. Анализите доаѓаат најчесто од новите претенденти на челната позиција на партијата и иако не се целосни и најверојатно јавноста нема да ги дознае, некои дијагнози што самите тие си ги поставуваат се сосема погрешни. На пример, се констатира дека немале доволна комуникација со членството и симпатизерите (не гледајќи дека немаат ниту доволно членство, а камоли симпатизери), немале добра медиумска покриеност, немале добра кампања, а идеологијата им била добра и немало да ја менуваат. Ниту збор за погубните договори што ги потпишаа како да се под опојни дроги, од кои сега Македонија и Македонците буквално се дават повторно да докажуваат дека се тоа што се, не се зборува за корупцијата од епски размери, не се зборува за немоќта да се доврши еден пат, а државата му ја предадоа на ДУИ. Не зборуваат за тоа дека дури и „нивните“ не можеа да ги сварат сите генијални распродажби на големо и мало. Вака погрешно поставените дијагнози, за среќа на најголемиот број на населението, ќе ги остават долго надвор од политиката. А тие ќе се лекуваат од непостојни болести, кои никого не го интересираат. Ниту нивното членство, а како што реков, симпатизери немаат. Да не зборувам за тоа кој ќе ги лекува. Истите тие што сите нас нѐ поболеа? Нас кои бевме бркани со солзавец и гаѓани со гумени куршуми? Да бидам искрена, јас би им дозволила да се лекуваат, само не на Бихаќска.
Но не се единствени.
На многу сличен начин деновиве изборите за Европскиот парламент ја разоткрија колабираната политика на Европската Унија, каде што токму поради огромните грешки зедоа замав сѐ повеќе десни партии. Дури и да ги занемариме претераните дијагнози на Макрон дека Европа е во смртна опасност, односно дека се распаѓа, не може да се занемари фактот дека се случуваат тектонски промени. Зелените, кои веќе една декада беа миленици на европската сцена, очекувано изгубија места, како и евровљубените партии. Но, уште поголем индикатор е тоа што се случува во клучни европски земји, како Франција, Германија, Белгија, Холандија, Австрија и други. Се распуштаат парламенти (како во Франција, каде што партијата на Марин Ле Пен згази на изборите за ЕП), во Германија се искачуваат СДУ и АФД (последнава дебело се трудеа да ја забранат), а губи Шолц во коалиција со неговите зелени (буквално зелени), во Белгија веќе имавме оставка на премиерот, во Холандија либералот Руте е заменет со Вилкерс, краен десничар. Ова е само почеток на еден широк процес, кој нема да застане тука.
И повторно, си даваат погрешни дијагнози и имаат намера да се лекуваат со погрешни лекови.
На сите што ја следат состојбата во цела Европа, не само во ЕУ, им е јасно дека владите им се нишаат бидејќи народите на државите се изневерени. Се живее сѐ потешко, со голема скапотија, многу луѓе ги губат домовите и работните места. „Рајската градина“ на Борел полека се претвора во коров, кој тешко се корне. Сигурно Германците не се среќни поради својата индустриска немоќ, а беа клучен столб во Европа. На големо ги селат индустриите во САД, Кина, дури и во Швајцарија. Требаше да им допре до свеста дека индустрија без евтина енергија нема. Ги затворија (под притисок на зелените) атомските централи, дозволија да бидат исклучени од рускиот евтин гас. Па така, Германија падна на шесто место како светска економија, а Русија во време на жестоки санкции од Западот, стана четврта економија во светот. Дозволија, како и Холандија, која имаше посебно развиен аграрен сектор, да паднат под ирационалните политики за модата наречена „климатски промени“, каде што на големо се затвораат фармите што значат живот, бидејќи произведувале штетни гасови. А авионите со кои се возат, не загадуваат, нели? И на мало дете му е јасно дека политиките за климатските промени се во најмала рака неиздржани, бидејќи тоа не може да е политика на едно мало делче од светот какво што е ЕУ, туку на целата планета. Но, дали мислат дека и во Индија ќе им наметнат вакви политики? Натаму дозволија наплив на мигранти со кои не се подготвени да се справат. Нивните политики на божемна „интеграција“ едноставно не работат. Не се задоволни ниту доселените ниту домицилното население. Најважно од сѐ е тоа што не го слушаат гласот на народот. Не можеш никогаш, го видовме тоа и кај нас, да водиш политика што ја слуша само елитата, а не и народот. Тоа се казнува. Казните веќе фрчат.
И наместо да ги дијагностицираат проблемите што самите ги создаваат, тие одредија дијагноза со која ги амнестираат своите пропаднати политики. За сѐ им се виновни Кина, Русија, БРИКС, па дури и некрунисаниот Трамп. Не се освестија навреме дека самите се ставија тие во рацете на САД, кои профитираат секогаш и во секоја ситуација, многу често на сметка на слаба Европа. Колку се со перде на очите се гледа од голем број „анализи“ со кои упорно ги замајуваат сопствените граѓани. Наеднаш, се појавуваат и такви што повикуваат на воени економии, подгревајќи го стравот пред сѐ од Русија и Кина (кои патем тие ги фрлија во прегратка), на создавање милитантна оска Франција-Германија-Полска, нарекувајќи ја оваа творба Вајмарска коалиција за одбрана на тукушто ненападнатата Европа. Последново го заговара некој Марк Леонард со звучна титула „директор на Европскиот совет за меѓународни односи“. А нашиве го пренесуваат овој „голем ум“.
Па така, тој лик ќе констатира дека најголемата закана, пазете по Европа, била ако Украина не станела членка на НАТО и ЕУ (јас посакувам да стане членка на ЕУ, но ако стане членка на НАТО, веројатно ќе започне третата светска војна), ако била неутрална и ако не дај боже утре Трамп потпишел Минск 3 за мир со Русија. На тој начин барем третина од земјите на ЕУ би се чувствувале несигурно. Ова е толку површна и пропагандистичка анализа, што ќе помислам дека истиов студира политички науки на некој наш универзитет. Прво да го смирам г. Леонард. Ниту Минск 12 веќе не вреди пет пари. Можеш да излажеш еднаш, можеш и двапати, ама потоа останува да се лажеш самиот. А неутралноста на Украина, која патем беше спречена од „јавачите на апокалипсата“ да склучи мир во два наврата претходно, но и веднаш по инвазијата, прво ќе ја спречеше, а потоа одамна ќе ја прекратеше оваа ужасна војна, во која никому не му се важни Украина и Украинците, туку распадот на Русија. Па, колку конференции одржаа со проектирани карти на поделена Русија? Дури и имиња на деловите беа дадени, како Република Сибир итн. Само има тука една квака. Се работи за нуклеарна сила, а не за босоноги племиња. Најмалку им е важна Украина, која веќе на големо ги распродава своите ресурси. Дека не им е до Украина и Украинците кажуваат и зборовите на еден американски висок функционер, кој цинично рече: „Наши куршуми, нивна крв“. Или дека тоа била „најдобрата инвестиција“, каде што најсилната армија во Европа, украинската, ќе ја употребат за слабеење на Русија.
Наместо Европа да работи со сите сили, особено ако се смета за „загрозена“, на мирно и трајно решение во оваа војна, со кое ќе се обезбеди безбедноста за целата европска архитектура, ликов, но не само тој, повикува на тројна воена оска. Морбидна, но и опасна теза, знаејќи дека токму од Европа почнаа двете најкрвави светски војни во 20 век. Ако Втората ја започна еден манијак, Првата светска одеше чекор по чекор. Ескалација по ескалација. Од никаде се изроди една од најкрвавите војни во историјата, без да знаат зошто војуваат и страните што учествуваа. И денес, најстрашно е што луѓето се навикнуваат на овие чекори, истите тие што веќе заборавија на стравот од не дај боже, нуклеарна војна. Двете страни во оваа војна одат на максимални барања. Тоа е очигледно. Затоа, Европа мора да работи не на ескалација, туку на мир – веднаш. Само така ќе ја врати својата изгубена геополитичка улога во светот. Со просто веднење глава пред туѓи политики, самата се изложува на опасност и се става не само во безбедносна туку и во економска зависност, а кај своите граѓани ја губи довербата. Плодовите од едни такви политики ги береме и ние до денес.
Друга грешка што се прави, а може да излезе фатална за Европа, се заканите упатени кон Кина. Пазете, си даваат за право да ја караат една Кина што произведувала толку многу и толку евтино. Кина, првата економија во светот, а сега и прва и во науката. И неа ја гледаат како закана, иако таа не го измисли слободниот пазар. Беше само нивен добар ученик. Ама навистина добар. Наместо да ѝ се закануваат, логично би било тие да го следат нејзиниот пример, тие да произведуваат многу, квалитетно и евтино. Но, најлесно им е да не го прават тоа, а на кинеските производи, како на електричните коли и шлепери, да ставаат даноци од 40 до 100 отсто. Како им реагираат на ова нивните граѓани, кои стануваат неконкурентни, купувајќи прескапи возила (пред сѐ за трговија)? Кипат од задоволство или кипат од гнев? Ги чекам ваквите воинствени „аналитичари“, кои очигледно ги има купишта и прават кариери на разни фобии и паранои, кога ќе препорачаат и на Кина да ѝ се стават санкции. Е, тогаш навистина децата ќе ни плачат најверојатно за обична фудбалска топка. Тука ќе ни биде крајот. Ледена доба.
И ова важи за целиот колективен Запад.
Наместо да гонат вештерки по светов, нека се запрашаат на пример како се случи познатиот „Боинг“ да создава толку неквалитетни авиони, а системот за квалитет да му е во колапс? Дури и вселенското летало, исто така произведено од „Боинг“, го одлага враќањето на Земјата поради пукнатини од кои истекува хелиум. Читам дека и „Ербас“, како и „Боинг“, почнал да употребува неквалитетен титаниум. Поради своите санкции. Како се случи еден „Интел“ да не може да произведе подобри чипови од оние што сега ги прави Тајван? Тајван, за кој се сега во спор со Кина. Како се случи БРИКС далеку да ги надмине Г7 по БДП?
Има многу примери за целосно необмислена политика, која гледаме полека се казнува и допрва ќе се казнува од нивните граѓани. Наместо да се свртат кон решавање на нивните проблеми, кои не се никако тривијални и долго е работено на незадоволството на граѓаните, тие решението ќе го барале во воени сојузи. Првиот жолт картон веќе им е даден со последните избори за Европскиот парламент и со потресите во најсилните европски земји. Дали ќе извадат поуки, дали и натаму ќе бидат подгазувани и ќе велат „фала“, останува да видиме. Јас сум делумен оптимист и сакам да верувам дека во Европа има сили да ја урамнотежат, да ја направат силна без да предизвикува кон себе агресија. И без да месечари. Политиката е многу одговорна работа, за да си дозволиш вакви необмислени и во крајна сметка самоубиствени постапки.
Проф. д-р Солза Грчева