Аргентина ја освои својата 15-та титула на Копа Америка пред три години, а потоа и трофејот на СП една година подоцна. „Времето ќе покаже дали ќе бидам (на СП 2026). Сѐ додека чувствувам дека сум добро и дека можам да помогнам, ќе го правам тоа. Денеска сѐ што мислам е за турнирот Копа Америка и да го одиграм. Повторно да се бориме, како и секогаш, да се обидеме да бидеме прваци. Ако одиграме добро на Копа Америка и можам да продолжам да играм, можеби ќе се случи тоа, изјави Меси за „Стар плус“ во декември, пренесе АП

ФУДБАЛ – В ПЕТОК ПОЧНУВА 48-ТА КОПА АМЕРИКА

Лионел Меси ги освои титулите на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година и на Копа Америка во 2021 година и сака да покаже дека има глад да освои уште, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Аргентина влегува во 48-то издание на јужноамериканскиот фудбалски шампионат што почнува в петок во САД како бранител на титулата, но со тим што полека почнува да се подмладува.
Турнирот ќе процени дали Меси ќе може да игра на следното Светско првенство, во 2026 година, ќе ги тестира младите таленти како напаѓачот Алехандро Гарначо и националниот тим ќе се збогува со ветеранот Анхел ди Марија, пишува АП.
– Јасен ни е патот што треба да го следиме. Не е лесно да се натпреварува повторно откако ќе се освои сето тоа. Во однос на резултатите, победникот не е секогаш оној што ги прави најдобрите работи. Никој не може да се опушти – рече селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, во март, пренесе АП.
Аргентина ја освои својата 15-та титула на Копа Америка пред три години, среде пандемијата на ковид-19, победувајќи го Бразил во финалето, со 1-0. Тој турнир послужи како отскочна штица за триумфалната трка до титулата на Светското првенство една година подоцна во Катар. Аргентина смета на неколку фудбалери што ги освоија тие титули, но и на клучни засилувања кога ќе се игра првиот меч, в петок, со репрезентацијата на Канада, во групата А. Перу и Чиле, исто така, се во таа група.
Меси ќе наполни 37 години за време на Копа Америка, што наедно ќе го обележи и првиот пат кога ќе игра голем настан откако го напушти европскиот фудбал, пишува АП. За американскиот Интер Мајами годинава тој постигна 15 гола на 14 натпревари.
– Времето ќе покаже дали ќе бидам (на Светското првенство во 2026 година).

Сѐ додека чувствувам дека сум добро и дека можам да помогнам, ќе го правам тоа. Денеска сѐ што мислам е за турнирот Копа Америка и да го одиграм. Повторно да се бориме за тоа, како и секогаш, да се обидеме да бидеме шампиони. Ако одиграме добро на Копа Америка и можам да продолжам да играм, можеби ќе се случи тоа – изјави Меси за „Стар плус“ во декември, пренесе АП.
Анхел ди Марија постигна голови во победничките финалиња на Копа Америка и на Светското првенство, но напаѓачот ветеран одлучи да ја заврши репрезентативната кариера годинава во САД. Ди Марија е четврти на листата според настапи за Аргентина, досега одигра 138 натпревари од неговото деби во 2008 година. Сите 11 играчи што го почнаа мечот со Франција во финалето на Светското првенство во 2022 година, најверојатно, ќе бидат во репрезентацијата, вклучувајќи ги голманот Емилијано Мартинез, дефанзивците Кристијан Ромеро и Николас Отаменди, играчот од средниот ред Алексис Мак Алистер и напаѓачот Хулијан Алварез.
На годинашната Копа Америка ќе настапат 16 репрезентации, и тоа 10 од Јужна Америка и шест од Северна Америка. Селекциите се поделени во четири групи, а по три кола по две најдобри репрезентации од секоја група ќе се пласираат во четврт-финалето. Н.М.


КОПА АМЕРИКА, ПРВО КОЛО

Група А
Аргентина – Канада 21 јуни
Перу – Чиле 22 јуни
Група Б
Еквадор – Венецуела 23 јуни
Мексико – Јамајка 23 јуни
Група Ц
САД – Боливија 24 јуни
Уругвај – Панама 24 јуни
Група Д
Колумбија – Парагвај 25 јуни
Бразил – Костарика 25 јуни