Иако немаше формален датум, се очекуваше минатиот вторник, на 11 јуни, да излезе извештајот на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел за исполнувањето на условите од страна на Косово за укинување на мерките на ЕУ, објави денеска Радио слободна Европа (РСЕ).
Дипломатски извори во Брисел за албанскиот сервис на РСЕ изјавија дека презентацијата на овој извештај сега се очекува да биде на 19 јуни, на состанокот на Комитетот за политика и безбедност на ЕУ. Меѓутоа, и ова е само „тентатива“ бидејќи не може да има гаранција дека тоа ќе се случи.
Рестриктивните мерки против Косово беа воведени пред една година, како резултат на ескалацијата на безбедносната состојба на косовскиот север, населен со мнозинско српско население, кога официјална Приштина ги смести во општинските згради градоначалниците Албанци избрани на изборите што беа бојкотирани од Србите.
Мерките вклучуваат привремено суспендирање на работните групи за Договорот за стабилизација и асоцијација, непоканување на Косово на состаноци на високо ниво и суспензија на билатералните посети.
Исто така, суспендирано е програмирањето на средствата за Косово, кои беа планирани да се испорачаат преку Инвестициската рамка во Западен Балкан и ИПА 2024 (Претпристапни инструменти).
По казнените мерки, Косово остана надвор од грантовите што ЕУ ги одобри во јули минатата година, во износ од 2,1 милијарди евра, пренесува РСЕ.
Косовскиот вицепремиер Бесник Бислими во четвртокот рече дека во извештајот на шефот на Европската унија за надворешна политика, Жозеп Борел, за чекорите што Косово ги презеде во исполнувањето на обврските за укинување на мерките на ЕУ. ќе се препорача отстранување на казнените мерки“ за Косово.
Портпаролот на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Петер Стано, веќе неколку недели трвди дека „извештајот е во завршна фаза“ и дека „наскоро“ ќе биде доставен до земјите членки.
Официјално нема појаснување за причините за доцнењето на поднесувањето на извештајот, додека неофицијално, од дипломатски извори во ЕУ се дознава дека проблеми предизвикала Европската комисија, која, според овие извори, сака да „појасни некои точки од извештајот“.
Земјите членки на ЕУ побараа извештајот да биде „што е можно поскоро“, но неговото поднесување неколку пати беше одложувано поради активностите на косовските власти да ги затворат објектите на Поштенската штедилница на Србија во северниот дел на Косово. Овие акции беа оценети како „еднострани и некоординирани со потенцијал за поттикнување тензии“.
– Мерките (кон Косово) беа преземени како резултат на некоординираните, еднострани акции на Косово кои доведоа до ескалација на ситуацијата. Тие беа воведени со цел да ги мотивираат косовските власти да преземат чекори за деескалација. Така што, се разбира, се што има негативно влијание на теренот и во напорите за деескалација се зема предвид и се вклучува во извештајот – изјави Стано.
Кога се расправаше за мерките против Косово во Комитетот за политика и безбедност, каде што се дипломатите на земјите членки, мнозинството предложи тие мерки да бидат целосно укинати, додека некои предлагаат постепено укинување. Но, сега дипломатите чекаат да видат што ќе биде вклучено во извештајот на Борел, за потоа да ги кажат своите позиции.
За содржината на извештајот, изворите на РСЕ во ЕУ не сакаат да прејудицираат, но велат дека „се очекува да се предложи укинување на мерките“, иако не се сигурни дали ќе се побара нивно целосно или само постепено укинување.