Подигнување на свеста за чување и заштита на природата
„Концепт плус“ од Скопје започна со имплементирање на проектот „Биди зелен, почитувај ја природата“, чија цел е подигнување на свеста за заштита на природата со слоганот „Почитувај ја природата, биди зелен”, односно едуцирање и подигнување на јавната свест кај младите луѓе за почитување на природата и значењето на заштитата на нашата животна средина. Овој проект ќе се фокусира на подигнување на свеста кај младите за почитување на природата преку нивно вклучување во создавање креативни дизајни за кампањите и промовирање на дизајните преку социјалните медиуми.
Истражувањата покажуваат дека загадувањето на воздухот, водата и земјата негативно влијае на здравјето на луѓето и екосистемите. Според податоците од Светската здравствена организација, загадениот воздух предизвикува преку 4,2 милиони смртни случаи годишно. Отпадоците кои се фрлаат во океаните ги загрозуваат морските животни како и морските екосистеми. Од друга страна, одржувањето на зелени простори и засадувањето дрвја помага во намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид и влијае на подобрување на квалитетот на воздухот. Почитувањето на природата не само што го одржува балансот во екосистемите, туку и создава благодатни услови за здрав живот и процветување на сите форми на живот на Земјата. Загаденоста во Македонија е сериозен проблем, особено во градските области како Скопје, Битола, Тетово, каде што емисиите од возилата, индустријата и домувањето предизвикуваат загадување на воздухот. Младите луѓе често не се свесни за влијанието на своите постапки врз природата и не ја почитуваат околината. Отпадоците се фрлаат непропорционално, а недостатокот на еколошка свест за заштита на природата дополнително влијае врз загаденоста и неквалитетниот воздух.
Преку имплементација на нашиот проект за подигање на свеста за заштита и почитување на природата, еколошкиот момент добива уште поголема релевантност и значење. Целта не е само да ги мотивираме младите луѓе да се вклучат во активности за заштита на природата, туку и да ги образоваме за важноста на оваа тема.
– Екстремно е значајно да се работи на подигнување на свеста за заштита на природата и зголемување на свеста особено кај младите за заштита на природата. Преку различни активности во рамките на проектот се надеваме дека ќе влијаеме да се зголеми свеста и да се чува природата – вели Синиша Пекевски од „Концепт плус“.
Предвидено е проектот да трае до 31 август годинава, но „Концепт плус“ ќе продолжи со имплементација и по тој период заради огромната важност на оваа тема за населението.
Проектот го спроведува „Концепт плус“ од Скопје, и е финансиски поддржан од Министерство за животна средина и просторно планирање и од колективниот постапувач за управување со масла и отпадни масла, „Грин ленд груп“.
– Ние како компанија се грижиме за заштита на природата и секогаш подржуваме активности кои се во насока на зајакнување на свеста за заштита и чување на природата – вели Ален Адиловиќ, менаџер на „Грин ленд груп“.