фото: Ка.М.

Синоќа со доделувањето на наградите за животно дело на Мими Таневска – Србиновска и на Јордан Витанов, и со изведбата на претставата „Хеда Габлер“ на Драмскиот театар, започна 58 издание на МТФ „ВОјдан Чернодрински“ во ЦК „Марко Цепенков“.
– Промената е најискрената потрага по сопствениот креативен потенцијал. Промената е и првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации. Промената е во секој од нас, ние сме промената! Педесет и осум пати во овие педесет и девет години овде во Прилеп почнувал фестивал кој влијаел, влијае и ќе влијае на сите нас. Вечерва по педесет и осми пат почнуваме да го славиме театарот, уметноста која спојува во себе многу уметности, уметноста која гласно го говори и игра она што некои го премолчуваат – рече Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“на отворањето на фестивалот.

фото: Ка.М.

Со дополнителни столчиња беше збогатено гледалиштето на Центарот за да ја собере прилепската публика што сакаше да биде дел од отворањето на фестивалот. Нив пред влезот на Центарот ги пречекаа веселите скомраси и живите статуи. Задржувајќи ја симболиката на слоганот на фестивалот „Промени се, промени сѐ“ учесниците на програмата „Чернодриснски за деца“, кои во изминатите две години работеа учеа и создаваа театар во Прилеп, дадоа свој придонес во отворањето, секој споделувајќи што за него е промената. Фестивалот за отворен го прогласи токму најмалиот учесник меѓу нив, Антониј Кузманоски.
– Платформата „Враќање дома“, која е дел од четиригодишниот план на фестивалот, ни ја отвора можноста да се вратиме кон корените, да ги прифатиме нашите традиции, и да ги искористиме за да изградиме посветла иднина – рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
– Враќајќи се дома, се поврзуваме со нашите вредности и го зацврстуваме македонскиот идентитет кој го носиме со гордост. Дозволете ми да им се заблагодарам на сите кои го овозможија ова издание на фестивалот. Благодарност до организаторите, до актерите, режисерите и сите учесници кои вложија труд и енергија за да ни донесат богат и разновиден репертоар. Вашата посветеност е непроценлива за успешноста на овој фестивал – рече Јовчески.
Градоначалникот Јовчески им ги врачи врачени наградите за животно дело на актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов. Наградата од годинава е изработена од прилепски мермер.
– Со огромно задоволство ја примам оваа награда. Пред сè затоа што таа доаѓа од страна на моите колеги, мојата фела, бранша или како што би рекол Горан Стефановски, од моите театарџии. Особено ми е драго што ја добивам токму на 58. издание на фестивалот, каде што автор во фокусот е Горан Стефановски, зашто во сета моја актерска биографија, Стефановски има голем и значителен простор. Сакам да ù се заблагодарам на публиката која во изминатите години беше секогаш со мене и секогаш го имав оној впечаток дека никогаш не сум играла за публиката, туку со публиката, т.е заедно со неа. Од тоа заедништво се родиле безбројни мигови за кои секој актер сонува, поради кои секој актер ја гледа смислата на оваа наша професија. Ви благодарам од сè срце – рече Таневска-Србиновска.

Претставата „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов, на Драмскиот театар од Скопје, беше првата претстава од официјалната програма што ја виде публиката. Денес на пладне ќе биде организирана и тркалезна маса со екипата на фестивалот.
Како најава на фестивалот во библиотеката „Борка Талески“ беше отворена изложба на фотографии со портрети на Горан Стефановски и изданија на библиотеката на Авторот во фокус.
Вечерва во 19:30 часот во ЦК„Марко Цепенков“ на фестивалот е претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска на Македонскиот народен театар. Денеска е отворена и Детската зона на фестивалот, а во 11 часот во киното „Мис Стон“ гостуваа млади актери од Актерската школа на Весна Петрушевска.

Ка.М.