Денеска, на 5 јуни (среда), со почеток во 12 часот ќе се случи промоцијата на најновиот научен труд од историската едиција на книгоиздателството на Социјалистичката партија на Македонија, со наслов: „АСНОМ и македонската државност“. Авторите на делото, најзнаменитите професори и интелектуалци од нашето милје, ќе говорат во седиштето на Социјалистичката партија на Македонија, во пресрет на чествувањето – осумдесет години АСНОМ
Во августовското лето на 1944-та, Македонија беше исправена во сите аспекти на својата слободна национална егзистенција, пред нов историски почеток. Беше тоа време на еден градителски елан и занес. По долговековното ропство, извојуваната национална слобода бара, врз решенијата на АСНОМ, свој нов поредок.
Но како да се изгради тој?
Во македонската култура и благодарение на неа, во Македонија течат духовните и историските континуитети. Во тој историски час, токму културата длабоко комуницира со своето минато и со своите корени. Во неа слободно продолжувa да се одвива духовниот континуитет на македонскиот народ. Културата беше и основата со која и од која започна процесот на еден редок по својот творечки интензитет, духовно-историски континуум. Со културата, како основа почна во времето на АСНОМ да се обновува тој исконски дух. Во таа смисла, АСНОМ стана и остана симбол на континуитетот, поврзувањето на минатото со сегашноста, преку вековно неостварливиот копнеж – да се вкорени македонскиот народ во еден сопствен, автентичен свет. Тогаш и во таа далечна 1945-та на македонско тло настапува една нова мудра генерација, која инспирирана од сопственото минато ги создаваше асномските начела и се обврза на рушевините повторно да ја гради сопствената држава.
Факт е дека националното прашање во времето на АСНОМ се поставува и како културно-духовно прашање. Една нација се создава и се самоостварува единствено како култура, а културата, пак, е основен белег на нацијата. Обете се условуваат и самопроникнуваат една од друга, така што со АСНОМ нацијата стана столб на македонската државност, а културата стана столб на нацијата. Оттаму да зборуваме за АСНОМ, а притоа да го игнорираме овој духовен и културен континуум е целосно – невозможен потфат.
Историјата на македонскиот народ е еден незапирлив и непрекинлив духовен континуитет, кој се пробивал низ нашата милениумска опстојба на овие бришани балкански простори каде што ин континуо владее една рационално – необјаснива сила за уништување на македонските, големи творби на духот. АСНОМ, мораме денес да се сложиме, претставува врвно достигнување на една генеза на македонското, историско и културно искуство низ столетијата.
АСНОМ немаше основа да постои доколку не постоеше и таа карактеристично македонска култура, ако нејзината долговековна борба немаше свој сопствен духовно-историски континуитет, ако не беше гигантска македонската епопеја што Македонците ја создаваа низ историјата, во потрага по самите себеси и по својот сопствен идентитет. Таа духовна супстанција на македонизмот тече низ вековите во еден континуитет. Изучувајќи ја токму сопствената култура, ние недвосмислено гледаме дека се разликуваме од сите туѓи наслаги и бои на некои други народи. Иако историјата е пишувана во корист на победниците, како во неа да е наталожена една рационално-необјаснива омраза кон сето македонско, а ретко кога е пишувано за македонските херои и страдалници. Затоа беше крајно погубно за нас, ние самите, во современи услови, од нив да се откажеме. Во овој налудничав балкански метеж, токму македонските факти се спротивставуваат на измислиците на едни исти балкански мизантропи и фанатици.
Со документите и решенијата од Првото заседание на АСНОМ, со кои се создаваат темелите на нашата нова историја исто како и на овој голем ден, 8 мај годинава, како пред нас да ги читавме Рациновите „Бели мугри“, како да му се разденува на македонскиот народ, кој векови и децении беше притиснат во една долга и темна ноќ на постоењето. Се појавуваат првите македонски зорини во сопствената горда држава. Конечно дојде мигот да бидеме свои на своето. Тој духовно-историски континуум што Македонија никогаш не го изгуби, токму преку АСНОМ таа го доградуваше и потврдуваше сопствениот идентитет. Ете и денес кога говориме за АСНОМ, како да говориме во сегашно време, како да е насушна потребата од негова повторна ревитализација, како асномските духови повторно да оживуваат и нѐ предупредуваат за самите себеси низ историјата. Предизвикот е голем и на прв поглед во сегашниот миг се чини невозможен, но ние како Македонци од тој сон не смееме да се откажеме.
Мудрите луѓе што ги пишуваат асномските документи и кои влегоа во коренот на нашето најдлабоко сопство се и оние што размислуваа со својот духовен етос и егзистенцијален патос. Токму етосот и патосот што македонскиот народ ги преживуваше во столетијата наназад станаа една нова културна стратегија во новата независна и слободна држава. Тие умни луѓе напишаа дека македонскиот народ е единствен носител на државниот суверенитет, народ што ја создава својата татковина, по Самуила првата слободна македонска држава. Брашнаров во својот говор на Првото заседание на АСНОМ вели дека: „Ние денес не им веруваме на очите, ние кои учествувавме на двата Илиндена. Во овој миг, на ова историско место Св. Отец Прохор Пчински и на овој историски ден – Илинден, кога објавувавм дека е отворен првиот АСНОМ, душава ми е полна со радости и пред премрежените очи гледам како се роди новата, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници многубројни народни херои, кои што паднаа и ги посеаа коските по цела Македонија, им станува полесна и тие во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба старите илинденци – на Гоце Делчев и на денешните илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварувањето на идеалот, на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија“.
Оние што ја создаваа македонска држава во времето на АСНОМ, велеа, а и ние тоа со право го потврдуваме денес, дека асномска Македонија не е создадена на празно тло, туку во славата на македонскиот страдалнички народ низ вековите, од тој најмакедонски 9 век кога се создаде нашиот јазик во кириломедодиевската цивилизација, па сѐ до формирањето на Охридската книжевна школа на Св. Климент, преку македонското, перманентно спротивставување на насилството на големата панисламизација кога Македонија падна во битката кај Марица, спротивставувањето на големата панбугаризација, панелинизација сѐ до македонската преродба, кога се јави во 1903-та, она најзначајно дело на К.П. Мисирков „За македонцките работи“. И не беше ништо чудно дека токму таа книга, која заедно со „Зборникот на Миладиновци“ е основа на нашиот идентитет, во истата година кога во крв е задушено Илинденското востание, гореше во пламени јазици во центарот на Софија.
Сиот овој долговековен труд од 9 век, своја кулминација најде во АСНОМ, како еден од најмаркантните периоди на македонската историја во создавањето на својата држава, како остварување на еден долговековен идеал. Токму низ тие страдалнички векови Македонија постојано се спротивставуваше на насилството, укажувајќи јасно дека овој народ не е без длабоки културно-духовни корени, туку е народ со свој јазик, култура, етнос и со свој идентитет. За таа цел АСНОМ и неговиот Президиум носат судбинско-историски решенија за македонската духовна егзистенција и нејзината култура. Од она познатото дека „во македонската држава како службен јазик се воведува македонскиот“, укажувајќи дека треба да се воспостави една комисија што ќе работи на негова унификација. Во асномските документи гледаме дека сето она што се однесува на македонскиот народ се однесува и на националните малцинства што живеат во Македонија, доживувајќи ги својата национална слобода и целосна рамноправност. Затоа не е чудно ако кажеме дека асномските документи ги гарантираат правата на сите граѓани внатре во Македонија, којa од своите почетоци функционира како демократска, мултикултурна држава, со целата почит кон јазиците и културите на малцинствата.
Сето она што се случуваше од 2001 година па наваму, со рамковниот, подоцна со Преспанскиот договор и онаа несреќна политичкo-партиска комисија што преговараше со Бугарија, не значат „демократизација на државата“, која од своето создавање ги признаваше сите права на малцинствата, туку рушење на темелите токму на асномската, македонска државност, толку тешко стекната по драматичните столетија. Нашата генерација имаше задача и аманет да ги зацврстува до непробојност асномските начела, но наместо тоа, таа го овозможи губењето на суверенитетот на македонскиот народ внатре во сопствената држава, како основна асномско-државничка вредност и придобивка.
Токму погорепосочените договори длабоко ги поткопаа темелите на слободна и суверена Македонија и сега треба да се работи на изнаоѓање решенија за враќање на асномските вредности, да создадеме нов устав што ќе се темели на асномските решенија, затоа што без АСНОМ ја нема ниту Македонија, ниту македонскиот народ како етнос – де јуре и, како што гледаме, станавме граѓани без националност, внатре сопствената нација. Без АСНОМ ние стануваме бришан балкански простор, а нашиот народ повторно е ставен да живее во некои непробојни, минати македонски маглини, како во тешките вековни страдања, распарчен помеѓу балканските мизантропи.
Не знам дали сме свесни за историско извојуваната мајска победа годинава? Дали сме свесни дека во оваа историска и клучна за Македонија 2024 г., на оној пролетен мајски ден, ни се случи новиот АСНОМ? Затоа што и тиранијата си има свој крај. Во инфералното македонско ноктурно, светна новиот ден и на еден нов Илинден! Денес, како повторно да бијат камбаните во Крушево, како и сега да ја читаме онаа најпозната македонска аксиома „Слобода или смрт“, да се биде или да се умре. Оваа година, исто како во времето на АСНОМ, Републиката згрме и од подземи и од небеса, се ореше македонската химна и како од нас да се ослободи еден збир на насобрана мака, како крик на скоро еднодецениско угнетување и обесправеност, како квинтесенција и непрекината борба за нашиот национален статус, како сенародна катарза од голготите на бескрајните уценувања, страдања и понижувања.
Затоа и со право тврдиме дека времето на создавањето на асномска Македонија со денешниов миг, во тежината на задачата околу изградба на државата, само навидум немаат допирни точки. Тој егзистенцијалистичко-градителски порив генетски е запишан во македонскиот народ и колку другите умееле да ги рушат тие градби, тој не се откажа трпеливо и во мака повторно да ја гради на рушевините својата единствена татковина.
Ете се јави исто како и во времето на АСНОМ една нова градителска генерација, која со големо знаење, храброст и мудрост се нафати врз оставениот децениски пустош повторно и трпеливо да ја пишува македонската историја, но сега во едни сегашни тешки и апсурдни околности за Македонија и да ја гради од почеток сопствената држава, чувајќи ја во себе како своја и единствена национална икона.
Мимоза Рајл