Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стручниот колегиум од ЈЗУ УК за државна кардиохирургија денеска во реакција на синоќешната изјава на министерот за здравство Илир Демири во емисија на ТВ „Телма“ оценува дека тој „лиферувал безброј лаги, шпекулации и невистини во врска со долгогодишното работење на Клиниката за кардиохирургија“, пренесува МИА.

Демири во гостувањето демантираше дека е политичка пресметка разрешувањето на директорот на Државната кардиохирургија и рече дека таму ситуацијата е многу сериозна и оти треба да се донесе квалитетен експерт од странство кој ќе ги едуцира младите кадри.

Ситуацијата на Кардиохирургија е сериозна, нема политичка пресметка во разрешувањето, тврди Демири

Зарем на овој човек, прашуваат од стручниот колегиум, „ќе му се дозволи со давање паушални и своеволни субјективни судови, со кои ги доведува во прашање стручноста, капацитетот и многугодишното образование на малкумината специјалисти кои пожртвувано, свесно и одговорно го даваат и последниот атом од својата сила, за да им помогнат и да ги лекуваат најтешките случаи за кои навидум нема спас, притоа запоставувајќи ги своите семејства, своето здравје и жртвувајќи го своето слободно време, да предизвика непоправлива штета?“

Од Клиниката велат дека тој го доведува во прашање кредибилитетот на образовниот систем, Медицинскиот факултет и на сите професионални здруженија на лекари.

Според стручниот колегиум на Клиниката, „очигледно мотивиран од други цели, спротивни на хуманоста, грижата за здравјето и животот на граѓаните, а опкружен со луѓе кои се наоѓаат на дното на стручноста и професионалноста, неговиот порив е да се предизвика неповторлива штета на јавното здравство со непромислените и невистинити изјави, како и дејствија планирани во јавноста“.

– Уште еднаш повикуваме релевантните институции задолжени за заштита на законитоста, животот и здравјето на граѓаните, да реагираат согласно нивната надлежност. Го повикуваме целиот еснаф, министерствата за здравство и образование, каде има сѐ уште професионалци кои си ја знаат својата работа. Истовремено, го повикуваме Медицинскиот факултет при УКИМ, директно нападнат со овие наводи, да излезат и да се произнесат. Неговите закани кои секојдневно ги слушаме во јавноста, нема да нѐ поколебаат да ја докажеме вистината, да го одбраниме професионалниот и одговорен однос – се додава во соопштението.

Од Клиниката велат оти времето ќе покаже и докаже на која страна е вистината. Оттаму нагласуваат оти се професионалци кои ќе продолжат, како досега, да се грижат за здравјето и за животот на граѓаните и покрај актуелните случувања и по сите напади врз нивната стручност. Бидејќи, нагласуваат, имаат морална и професионална одговорност кон сите.