За македонската хидроенергетска перспектива

Да бидам искрен пред читателите и пред себе лично, за овој текст бев поттикнат од написот на проф. д-р Константин Димитров во вашиот весник од 11-12 мај 2024 год., кој допира многу суптилни енергетски проблеми во Р Македонија.

Во развојните планови на Република Македонија секогаш се нагласуваше интересот за искористување на водните ресурси во сливот на реката Вардар. По осамостојувањето на Р Македонија во септември 1994 година, формиран е македонскиот конзорциум „Вардарска Долина“. Природните богатства на Р Македонија, вклучувајќи ги и водните ресурси, се третираат како ресурс од највисока вредност во новиот милениум, а истите тие треба да се користат рационално.
Во студијата ќе биде даден акцент на користењето на водите од повеќе аспекти: вода за пиење, аграр со наводнување, еколошка заштита на водите, делумна пловност, сообраќај, хидроенергија и друго. Притоа ќе се користат искуствата од францускиот модел на уредување на реката Рона, како и истражување на експертите од CNR и EDF од Франција.

Општи податоци

Од Скопје до Гевгелија по текот на реката Вардар во средно влажна година, околу 3,5-4,5 милијарди м3 вода годишно ја напуштаат територијата на Р Македонија само за 60 часа. Притоа логично се поставуваат две прашања, прво дали може да се забави водата, да се задржи барем 60 дена кога е драгоцена за наши потреби, и второ на кој начин да се постигне тоа. Одговор на овие прашања дава студијата за оправданост „Проект за интегрално уредување на Вардарската Долина“ (ПИУВД). Студијата е резултат на истражувањата на француско-македонскиот конзорциум во периодот 1994-2000 година.
Во ПИУВД, освен главниот водотек на р. Вардар, се предвидува директно користење на двете најголеми десни притоки на р. Вардар, а тоа се реката Треска и Црна Река. Просторно, ПИУВД го опфаќа најзначајниот сегмент од сливот, а тоа е централното подрачје на Р Македонија, на кое припаѓа една третина од вкупната територија на државата.
Во клисурниот дел на р. Треска во експлоатација беше ХЕЦ „Матка“, а во меѓувреме се изградија ХЕЦ „Козјак“, ХЕЦ „Св. Петка“. На Црна Река се предвидува изградба на три каскадни акумулациски електроцентрали, ХЕЦ „Скочивир“, ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“, а во функција е ХЕЦ „Тиквеш“, значи дефиниран е систем 3+1. На главниот водотек на р. Вардар, а тоа значи на потегот од Скопје до границата со Р Грција, во должина од 200 км, планирана е изградба на 12 хидроцентрали. Две од нив се класични акумулациски: ХЕЦ „Велес“ и ХЕЦ „Градец“, во клисурните делови на долината.
Ако тука ги ставиме и трите хидроцентрали од каскадниот систем на Црна Река, тоа значи треба да се изградат 15 (петнаесет) нови капитални хидроенергетски објекти!
Сакам да нагласам дека основните параметри на овие објекти се добиени во согласност со Законот за води во ЕУ и со соодветна оптимизација на многубројните мерени податоци.
Нашиот нов закон за води е подготвен и усвоен во 2008 година и е идентичен со гореспоменатиот Закон на ЕУ.
Комплетната документација за студијата за оправданост на Вардарска Долина, со високо позитивно мислење на пет доктори на наука, е ревидирана и предадена на Министерството за градежништво и на ЕСМ-сектор за развој и инвестиции кон крајот на 1999 година.
Значи, да потенцирам уште еднаш, секторот за развој и инвестиции при ЕСМ располага со една современа европска документација.
Како зачеток на размислувањата во тој иден истражувачки процес, оваа студија упатува на проспективните методи и искуства од западните земји, односно ЕУ, а особено од Франција.
Целта на овој напис е да се продолжи со методолошка постапка за конципирање и изработка на идната хидроенергетска документација за искористување на хидропотенцијалот во сливното подрачје на р. Вардар, кое опфаќа 80 отсто од вкупната територија на Р Македонија.

Анализа на состојбата на техничката документација

Досега сета техничка документација се водеше преку секторот за развој и инвестиции на ЕСМ. Факт е дека 1,2 милијарда евра годишно „се вртат“ во секторот за енергетика, односно во ЕСМ. Не знам колкав процент од овој огромен износ на средства се користи за изработка на студии, истражување и изработка на нови проекти?
Од друга страна, ако се направи анализа со каква хидроенергетска документација располага секторот за развој и инвестиции при ЕСМ, се доаѓа до катастрофални резултати. Што изработил овој сектор за последните 20 (дваесет) години?
За последните 20 години врз база на застарена и неважечка техничка документација за ХЕ „Голем Чебрен“, секторот за развој изработува 15 тендери во различни варијанти, кои пропаѓаат и не се прифаќаат од странските инвеститори. Секторот за развој само манипулира со македонската јавност, сите македонски влади, Македонската академија на науките, се замајува самата себе. За таквата работа никој не презема одговорност. Затоа ние како држава во моментов не можеме да се пофалиме дека имаме една валидна техничка документација за кој било хидроенергетски објект, а тоа значи и да имаме готови финансиски средства, не можеме да стартуваме веднаш.

Препораки за долгорочни визии

Проблемите во Р Македонија се премногу итни за да се остават на празни ветувања и на мерки што се навестување за она што е потребно да се направи на полето на хидроенергетиката.
Реките се од непроценлива вредност за општеството и затоа е потребно пред сè да се процени нивната вредност во екосистемот, пред да се донесе одлука за нивно вреднување.
Постојната студија за оправданост на ПИУВД е на француски јазик и содржи 1.600-2.000 страници текстуален дел, табели и графички цртежи. Подлогите и обработката се од областа на повеќенаменско користење и управување со водните ресурси, како и графички подлоги за теренските услови во појасот на главниот водотек на р. Вардар. Дигитална обработка на сите овие податоци не постои.
Со завршување на студијата за оправданост за ПИУВД при крајот на 1999 год. се потврди дека од вкупниот воден потенцијал во сливот на р. Вардар искористени се само 25 отсто, што значи постои можност за реализација на голем број објекти, како и соработка со странски партнери. ПИУВД, гледано во целина, е голем проект, со висока цена на чинење. Тој треба да се реализира во етапи, чекор по чекор. Македонскиот конзорциум што ја водеше и координираше студијата требаше да продолжи да ја води оваа проблематика, меѓутоа истиот тој беше расформиран во почетокот на 2000 година, по наредба на тогашниот министер за транспорт и врски Балковски, без никаква писмена одлука на Владата.

Како хидроинженер со поголемо искуство, имам свој став и мислење пред сѐ за хидроенергетиката во нашата држава. Во мојот 40-годишен работен стаж сум ги поминал сите скалила на еден инженер: проектант, надзорен инженер, изградба на енергетски објекти, седумнаесет години работев во секторот за развој и инвестиции на ЕСМ, а шест години како проект-менаџер ја водев изработката на тех. документација на стратегискиот проект „Вардарска Долина“

Сега е потребно сета оригинална постојна техничка документација да се собере, преведе и пренесе во една дигитална форма. Истата таа треба да се дополни со нови хидролошки и еколошки податоци, извршени во последните десет години. Реализацијата на иновираната студија бара да се оформи еден стручен тим од експерти што веќе работеле на оваа проблематика и помлад кадар, кој би извршил синтеза и дигитализација на обемниот материјал што веќе постои. На тој начин би се добила една иновирана работна верзија на ПИУВД во духот на современите потреби преку електронска обработка на податоците. Таа во иднина ќе може да се користи како базна студија од областа на истражувањата на површинските и подземните води од страна на единиците на локалната самоуправа што се лоцирани по долината на р. Вардар од Скопје до Гевгелија. Исто така ќе можат да се користат и енергетските и економските параметри на објектите.
Во сегашната состојба на македонската хидроенергетика треба итно да се рестартира за долгорочно времетраење и во геополитички рамки. Како почеток на размислувањата во тој истражувачки процес студијата за оправданост упатува на проспективните методи и искуства од поразвиените земји, особено од Франција (CNR и EDF), кои располагаат со комплетни мерни податоци и петгодишна истражувачка работа во нашата земја.
Не споредувајќи се, но учејќи од искуствата на понапредните земји, можно е да се создадат принципи за оформување автентична македонска постапка за истражување со долго времетраење!

Заклучок

Како ќе се постигне горенаведеното:

1. Формирање институт за енергетика и за екологија

Институтот би функционирал и работел во многу слична организациска и стручна форма како Институтот за земјотресно инженерство (ИЗИИС) Скопје.

2. Да се формира министерство за енергетика и за екологија како што постои во некои развиени земји во Европа.

3. Единствена институција што ги едуцира младите кадри во оваа насока е Градежниот факултет од Скопје, со насока хидротехника. Годишно на оваа насока се запишуваат пет-шест студенти, што е премалку во однос на потребите и амбициозните задачи што претстојат во наредните 30-50 години.

4. Итно да се донесе закон за забрана на изградба на мали хидроцентрали, кои се најголемо зло за македонската хидроенергетика и екологија, за кои државата веќе 15 години доделува неповратни државни субвенции, под превезот развој на хидроенергетските извори на ел. енергија.

Скопје, мај 2024

Авторот бил проект-менаџер во периодот на реализација на студијата за оправданост „Вардарска Долина“