Изложбата што ја претставив во „Чифте-амам“ е најголемата и најтешка што сум ја направила досега. Сакав да го исполнам овој прекрасен историски објект со значењето на медалот и да заживее, барем за времето на изложбата. Да ги откриеме тајните и пораките на оваа непозната уметност овде, споделува Надја Розева
Надја Розева, уметница
Надја Розева е уметница и дизајнерка, која работи во областа на медалната скулптура, јувелирството и продукцискиот дизајн. Розева почнала да изработува медална скулптура пред повеќе од 20 години, по завршувањето на постдипломските студии по маркетинг на универзитетот „Рутгерс“ во Њу Џерси, САД. Неодамна таа ги изложи своите уметнички медали и други дела во „Чифте-амам“. Медалните скулптури се создадени помеѓу 2003-2024 година. Ова е прва изложба од ваков вид во нашата земја и го насочи вниманието на јавноста кон интригантниот жанр на уметничкиот медал.
Делата на Надја Розева се откупени за постојаните збирки на Британскиот музеј во Лондон, Кралскиот кабинет за монети, Стокхолм, Шведска, музејот „Берген“ на Универзитетот во Берген, Норвешка, Националната уметничка галерија, Софија, Бугарија, Музејот на монети и медали во Кремница, Словачка итн.
Медалот започнал да се изработува како независна форма на уметноста во 15 век, при што италијанскиот сликар Пизанело (околу 1395-1455) се смета за негов татко. Медалот нема парична вредност, но историски е поврзан со монетите. Медалот е уметност за допирот на раката. Се колекционира низ целиот свет и од приватни колекционери и од музеи и галерии, а најголемите колекции се наоѓаат во Британскиот музеј, музејот „Викторија и Алберт“, Музејот на историјата на уметноста, Виена, Националната галерија на уметноста, Вашингтон, и многу други.
Изработувате уметнички медали… како започна Вашата страст за овој сегмент од уметноста? Што ве фасцинира кај уметничките медали?
Мојата прва средба со медалот беше во моето детство. Дома имавме неколку медали на проф. Богомил Николов, основачот на модерната школа за медали во Бугарија. Беше семеен пријател и во разни пригоди им доделуваше медали на моите родители. За нивната десетгодишнина од бракот, тој им подари специјално изработен медал во многу убава кожна футрола. Се сеќавам дека ги држев малите релјефни форми во рацете и навистина уживав да ги допирам и чувствувам. Ова чувство очигледно остана потсвесно во мене, а кога веќе работев во Њујорк во една голема компанија за издавање книги, тој ме покани да ја посетам работилницата за медали во Националната уметничка академија во Софија. Направив медал без многу идеја како се прави, па тој го патинираше. Да го видам завршен овој медал во метал и патина беше извонредно случување за мене. Се сеќавам на тоа до ден-денес. Всушност, откога знам за себе сум сакала да цртам, но чувството на материјалот во моите раце ми ја даде тактилната димензија што ми недостига во цртањето.
Што подготвивте за публиката во Скопје?
Изложбата што ја претставив во „Чифте-амам“ е најголемата и најтешка што сум ја направила досега. Сакав да го исполнам овој прекрасен историски објект со значењето на медалот и да заживее, барем за времето на изложбата, овој нов жанр за земјата. Да ги откриеме тајните и пораките на оваа непозната уметност овде. Специјално за публиката во Скопје подготвив три ниски релјефи (28 x 28 см) во сребрен месинг, на кои се прикажани три погледи на Старата пошта во центарот – фасадата, изгорената купола, гледана однатре и карактеристичен прозорец на фасадата, што е и метафора за гледање во иднината. За мене оваа зграда треба што поскоро да се спаси, барем да се покрие за да не биде изложена на временските услови. Сум разговаралa со многу скопјани, кои болно споделуваат како зградата се урива пред нивни очи. И има толку убава и стилска архитектура од времето на брутализмот, а се наоѓа и на листата на заштитени културни споменици. Трите релјефи се придружени и со мојата најнова слика, која се вика „Хибернација“ или Зимски сон. Ова е фигура на жена заспана под куполата на старата пошта, која како Заспаната Убавица чека да ја разбудат за да живее среќно до крајот на животот. Секако, покрај овие дела, презентирам уште околу 90 медали и слики создадени во последните 20 години. Оваа изложба ја одбележува и дваесетгодишнината од првото купување на мојот медал од Британскиот музеј.
Како ги опишувате Вашите медали?
Тие се како моите закоравени чувства и мисли. Визуелно и естетски го изразуваат она што ме возбудува како човек и креатор. Мали нежни предмети што ќе ме надживеат и кои ќе останат зад мене.
Што Ве инспирира најмногу во создавањето медали? И кој е процесот на создавање?
Ме инспирираат различните силни сензации и емоции, болка, љубов. Човекот е во центарот на моите дела. Најгенијалната креација на Бога и потомството.
Процесот на секој автор е различен. Се користат различни материјали. Претпочитам класичен лиен медал, други – фабрикувани медали од нетрадиционални материјали како хартија, смоли, стакло, алуминиум со ласерски пресек итн. Но медалот започнува со идејата. А идејата веќе зависи од пребарувањата и животното искуство на секој автор. Во принцип, прво започнувате со скицирање на идејата (што јас го правам многу ретко), правејќи го моделот во материјал од кој потоа медалот се излева во месинг, бронза или друг метал, а потоа се патинира. Сама ги обработувам и патинирам сите мои медали, ова е исклучително важно бидејќи така најдобро избирам како ќе биде завршено.
Каков жанр е уметничкиот медал? Колку често е избор на уметниците?
Уметничкиот медал е редок жанр, но со многу древна историја, историски е поврзан со монетите. Има многу скулптори што исто така прават медали, помалку што се фокусираат на жанрот. ФИДЕМ – Светската федерација за уметнички медал, со седиште во Париз, е организација што обединува автори, колекционери, куратори и музеи во една заедница речиси 100 години. На секои две години имаме светски конгрес и изложба на најдоброто создадено во последните две години. Минатата година, на пример, бевме во респектабилната зграда на Националната библиотека во Фиренца. Во светски рамки, медалот е ниша уметност, а ова е прва изложба од ваков вид во земјава. Често на моите патувања, дури и во земји што имаат долга историја на овој жанр, среќавам луѓе што не знаат што е уметнички медал. А за мене испадна судбина. Тешко, но многу задоволувачко. Исто така, ми стана мисија да ги запознаам луѓето со тајните и спецификите на медалот. Оттука започнаа и моите други пребарувања во областа на накитот и дизајнот.
Снимивте и филм за жанрот уметнички медал… Што беше важно за Вас да споделите со публиката, какви вистини и тајни за уметничкиот медал?
Минатата година имав покана од Универзитетот ФОН да гостувам пред студентите. Моето предавање траеше час и половина и мислам дека беа многу заинтересирани. Некои покажаа интерес и за учество на работилница за време на изложбата, која наскоро ќе ја одржам во Националната галерија. Оваа недела ќе се сретнам и со студенти од Катедрата за дизајн на Американскиот универзитет. Верувам дека она што им го давате на другите е ваше засекогаш, а она што го чувате за себе засекогаш е изгубено. Затоа сакам да работам со студенти и којзнае, можеби еден ден и тие ќе бидат заинтригирани од жанрот. И јас ќе се задржам на задоволството дека придонесов за тоа. Сакав учениците да почувствуваат каков е уметничкиот медал. Што го прави медалот интересен? Да научат да размислуваат синтетизирано, концизно и да имаат добра естетика. И тие ги имаат вистинските ориентации во оваа уметност. Многу е важно да почувствувате што го прави еден медал убав, а друг не. Сè уште ги барам тајните, мислам дека тоа е процес што нема крај, но бидејќи имаме толку малку време на овој свет, се трудам да работам што повеќе.
Својата креативност и енергија ја вложувате и во накитот… Каква ревитализирачка моќ има за Вас создавањето накит?
Изработката на накит е сосема поинаков процес и занает од изработката на медали. Накитот носи многу енергија, моите серии накит од сребро и злато се природно продолжение на мојата работа како скулптор. Со изработка на накит ја вложувам мојата енергија во него. Имам серии што се претворија во некој вид икони, како онаа со ангелите, зајаците, брошевите итн. Накитот е составен дел од женскиот стил. Многу од моите лојални клиенти се луѓе што можат да си дозволат многу скап накит од големи брендови, но го избираат и мојот, споделувајќи дека во него има извонредна енергија. Честопати не го симнуваат со години, како на пример колекцијата „ангелите“. Еден од моите неодамнешни клиенти беше списанието „Форбс“, кое ми побара да направам сребрени брошеви за „Вомен бизнис форум“ две години по ред. Многу е пријатно да се види секојпат кога 200-300 жени што го добиваат твојот брош споделуваат дека го носат со големо задоволство и по настанот, а на улица се препознаваат токму по брошот.
Какво наследство сакате да оставите со Вашите дела? За што се залагате како уметник?
Сакам да оставам дела што ги засегаат луѓето. Сакам да оставам трага на збирките на најголемите светски музеи. Сакам да создавам награди и медали за фестивали што ќе траат по мене. Сакам да го вложам своето време во работа со луѓе што го ценат она што го работам и се истомисленици на еден или друг начин. Напорно работам и на дизајн на производи за мојата линија „Ателие НРГ“ и развивам додатоци за љубителите на пури, како и рачно изработени предмети за внатрешен ентериер. Сакам да го направам медалот видлив и препознатлив. Многу желби, но сепак недоволно време…