Лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на самото место при извршување на кривичното дело, информираа од МВР

Врховен судија и член на Советот на обвинители под истрага за примање поткуп

Активен врховен судија е уапсен поради примање поткуп, а претрес е извршен и во канцеларијата на член на Советот на јавни обвинители поради поврзаност со истото дело, во рамките на истрагата што ја спроведе Јавното обвинителство.
– По претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија. Врз основа на доставеното известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик – соопштуваат од ЈО.
Понатаму во соопштението од ЈО уште се појаснува како се одвивала целата шема на примање поткуп.
– Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ги својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот. Предметниот обвинител, вчеравечер (20 мај) покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд – Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот…
Прибраните докази и извршените претреси до овој момент му даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот, кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи – стои во соопштението на ЈО.
Судскиот совет на седницата завчера по полноќ му го одзеде судискиот имунитет на уапсениот врховен судија Наќе Георгиев од Струмица, за кого истрагата не застана само на поткупот, туку продолжи во неговата канцеларија и на негов личен имот. Георгиев завчера бил уапсен во моментот кога земал пари за да му заврши работа, односно услуга на обвинет и да издејствува најблага казна за него.
На затворена седница Советот го одобри барањето за одобрување мерка притвор за Георгиев. Наедно, привремено го оддалечи од вршењето судиска функција до правосилна разврска на почнатата кривична постапка против него.
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) истражува дали членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, е дел од група што барала поткуп.

– На 20.5.2024 година лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на самото место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител – информираа од МВР.
Полицијата не ја соопшти висината на наградата што ја примил врховниот судија, но поголем дел од медиумите пренесуваат дека станува збор за 10.000 евра.
Истите извори наведуваат дека, наводно, судијата бил пријавен од лице што тврдело дека му бил баран поткуп со ветување за олеснителни околности во судски случај. Се шпекулира дека станува збор за поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, поврзан со трговија со марихуана. Тој беше еден од десетте уапсени откако во март годинава полицијата откри криминална група што печалела пари од продавање дрога што потекнува од фирма што била регистрирана за одгледување канабис за медицински цели, со сомневање дека токму Стојчев ја предводел групата.
Пред да биде избран за врховен судија Георгиев беше претседател на Апелациониот суд – Штип. Токму за неговото работење во времето кога бил претседател на тој суд, за него имало претставка до Судскиот совет, како и за уште двајца судии од истиот суд. Судскиот совет ги разреши другите, но претставката за Георгиев половина година не беше ставена на дневен ред. Се најде на масата дури откако тој се кандидираше за член на Судскиот совет.
Само еден ден пред да се утврди неговата кандидатура за член на Судскиот совет, ова тело ја запре постапката против Георгиев. При разгледување на претставката, наводно, мнозинството членови гласале дека тој не треба да биде разрешен, по што на 13 јули 2023 година тој беше избран за член на Судскиот совет. Сепак, по две недели не даде свечена заклетва и даде оставка во Советот, откако беше утврдено дека за истиот ден е закажан и избор на судии од кандидатите за судии, меѓу кои, е и неговиот син. Тој избор ќе беше во спротивност со Законот за судови, според кој, за судија не може да биде избрано лице што со член на Судскиот совет е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар. С.Т.


Реакции

Интелектуалците охрабруваат бескомпромисната борба против корупцијата да продолжи

По апсењето на судијата во Врховниот суд за примање мито од 10.000 евра имаше многубројни реакции на социјалните мрежи.
Поранешниот министер за финансии Џевдед Хајредини прокоментира кратко дека не знае колку е казната за примање мито од 10.000 евра, но не заборави да нагласи дека оние што примиле мито за случајот „Телеком“ сѐ уште остануваат неказнети.
– Не ми е познато колку е казната за мито од 10.000 евра, меѓутоа, познато е дека во Македонија не се казнети тие што од „Телеком“ примиле по 2,5 милиони евра – пишува Хајредини.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска вината ја гледа кај тие што ги избираат оние што се на раководни функции.
– Осомничениот за поткуп јавен обвинител Иџет Мемети од ДУИ, во два мандата беше народен правобранител, беше министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија. Институциите вредат колку што вредат луѓето во нив. Вие ги избирате. Не паѓаат од небо. Вие самите сте виновни што вакви луѓе се наоѓаат на раководни позиции – пишува Најчевска на социјалните мрежи.