Претседателот на ФИФА, обраќајќи се на конгресот на ФИФА во Бангкок, истакна дека мисијата на ФИФА е да го развива фудбалот на глобално ниво и да обезбеди поголеми можности за конкурентно играње на тимовите од целиот свет
ФУДБАЛ – ФИФА
Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, обраќајќи се на 74-от конгрес на ФИФА во Бангкок (Тајланд), истакна дека мисијата на ФИФА е да го развива фудбалот на глобално ниво и да обезбеди поголеми можности за конкурентно играње на тимовите низ целиот свет. Тој предложи да се организира фудбалски фестивал за играчи до 15 години, отворен за сите 211 членки на ФИФА, како дополнение на проширувањето на турнирите за возрасните категории до 17 и до 20, кое е веќе во тек. Инфантино нагласи дека и покрај организирањето само мал процент од натпреварите на клубовите и националните тимови низ светот, ФИФА е единствена по тоа што ги дистрибуира своите приходи низ целиот свет, при што околу 70 отсто од нејзините членки се потпираат на нејзината поддршка за организирање фудбал на нивните територии. Притоа Инфантино ја истакна уникатната моќ на фудбалот да ги зближи луѓето, пишува ФИДЕ.
– Ние кажувавме дека фудбалот го обединува светот. Но сите знаеме дека денес живееме во многу агресивен и поделен свет. Обединувањето на овој свет е наша одговорност. Тоа ги зближува луѓето од целиот свет, од југ до север од исток до запад. Единственото нешто што е важно е бојата на дресот што играчите ќе го носат за нивниот клуб или репрезентација – рече Инфантино.
Според него, мисијата на ФИФА е да го развива фудбалот на глобално ниво и да обезбеди повеќе можности за конкурентно играње на тимовите од целиот свет.
– Плаќањата за солидарност на здруженијата членки на ФИФА се зголемија седум пати од 2016 година, додека ФИФА обезбедуваше нови можности за игра и во женскиот и во машкиот фудбал со проширување и воведување нови натпреварувања – вели тој.
Најново е вклучувањето на Светскиот куп во футсал за жени (ФИФА), со првото издание на Филипини во 2025 и Светското клупско првенство за жени (ФИФА), предвидено да започне во 2026 година, по одлука на Советот на ФИФА. Инфантино зборуваше и за меѓународните пријателски натпревари од ФИФА-серијата, кои за првпат беа организирани во март годинава во пет земји за да им дадат можност на националните тимови да се сретнат со противници на другите конфедерации, пишува ФИФА.
– Наша должност е да понудиме поголеми можности насекаде во светот, можност да играме, да сонуваме, да бидеме вклучени и понекогаш да го менуваме животот – нагласи Инфантино.
Но, според него, ФИФА треба да оди уште подалеку.
– Мислам дека би било убаво да се размислува и за СП за играчи до 15 години, поточно за фестивал на тимови до 15 години за момчиња и девојчиња од сите 211 членки, но овој пат без квалификации да може да испратат тим да игра на фестивалот некаде во светот – рече Инфантино, додавајќи дека ќе се разгледаат дополнителни дискусии за прецизниот формат.
Во однос на сениорскиот фудбал, ФИФА беше одговорна за само мал процент од машките клупски и репрезентативни натпревари во кои беа вклучени врвни страни.
– Со овој еден или два отсто од натпреварите што ги организира ФИФА, таа го финансира фудбалот низ светот. Приходите што ги генерираме не одат само на неколку клуба во една држава. Тие одат во 211 земји низ светот. Нема друга организација што го прави тоа. Ние треба да се фокусираме на она што треба да го направиме, на нашата мисија, а тоа е да организираме настани и натпревари и да го развиваме фудбалот низ светот, оти 70 отсто од членките на ФИФА не би имале фудбал без ресурсите што доаѓаат директно од ФИФА – истакна Инфантино, пишува ФИДЕ. Г.И.