Фото: ЕПА

Холштајн Кил стана 58-та екипа што ќе игра во Бундеслигата од инаугуративната сезона на лигата во сезоната 1963/64. По повеќе од две децении во најсилните домашни шампионати се враќаат Ипсвич и Комо, а по повеќе од 10 години Сент Паули

ВО ИДНАТА СЕЗОНА НА ФУДБАЛСКИТЕ ПРВЕНСТВА НА АНГЛИЈА, ГЕРМАНИЈА И НА ИТАЛИЈА

Во три од најголемите европски домашни фудбалски првенства во идната сезона ќе настапуваат клубови што во највисокиот ранг на натпреварување се враќаат по децениско отсуство или, пак, првпат ќе заиграат во врвната лига на соодветната земја. Така, по 22 години во англиската Премиер-лига ќе игра Ипсвич, по 21 година во италијанската Серија А ќе се натпреварува Комо, по 13 години Сент Паули ќе настапува во германската Бундеслигата, во која, пак, првпат ќе игра Холштајн Кил.

ДВЕ ПРОМОЦИИ ЗА ДВЕ СЕЗОНИ НА ИПСВИЧ

Ипсвич таун ја обезбеди втора последователна промоција во повисок ранг, откако во минатата сезона беше второпласиран во Лига 1, сезонава второпласиран во дивизијата Чемпионшип и стана првиот клуб по Саутемптон во 2012 година што се проби од третото ниво во Премиер-лигата, пишува „Скај спорт“.
Тренерот на Ипсвич таун, Киеран Мекена, вети дека ќе „работи навистина напорно во текот на летото“ и ги пофали своите „неверојатни“ фудбалери.
– Да стигнете тука толку брзо, а со многу напорна работа, сите заедно, неверојатно е што можете да направите. Играчите се неверојатни. Ќе разговарам со нив во следните неколку дена, беше апсолутна привилегија да работам, мојата прва менаџерска работа. Имав среќа со групата играчи, групата луѓе што ги сретнав, а тие се прекрасна група и го заслужуваат целиот успех. Беше одлично и голема благодарност до моето семејство и до моите родители. Какво патување беше тоа. Не сум сигурен дека ќе се повтори тоа на начинот на кој го направивме тоа. Знам дека може да се каже дека тоа е направено порано, но не сум сигурен дека е направено вака во фудбалски клуб како овој. Ќе работиме навистина напорно во текот на летото, каков фантастичен предизвик ни претстои – рече тој, пренесе „Скај спорт“.

СЕСК ФАБРЕГАС Е ДЕЛ ОД УСПЕХОТ НА КОМО

Сеск Фабрегас ги освои Светското првенство и Европското првенство како фудбалер со Шпанија, како и многу клупски трофеи со Барселона, Арсенал и со Челси, но, имањето удел во промоцијата на Комо во Серија А е на листата на фудбалски достигнувања на поранешниот фудбалер од средниот ред, пишува „Би-би-си“.
Клубот од Ломбардија обезбеди трета промоција во претходните шест сезони благодарение на ремито 1-1 со Козенца минатиот викенд. Фабрегас беше составен дел сезонава, пред сѐ како привремен тренер, а потоа и како помошник-тренер, пишува „Би-би-си“. Тој вели дека успехот на Комо е резултат на „процес каде што секој детаљ е важен“.
– Се засноваше на напорна работа, верба и добра структура. Ангажиравме добри луѓе и квалитетни играчи, кои се скромни и вредни – рече Фабрегас.
Откако испадна од Серија А во 2003 година, Комо падна до Серија Д, непрофесионалното четврто ниво на италијанскиот фудбал, пишува „Би-би-си“. Клубот сега е на нагорна траекторија од 2019 година.
Комо беше во Серија Б кога Фабрегас се приклучи како фудбалер во 2022 година, тој стана и акционер заедно со поранешниот соиграч од Арсенал и Барселона, Тиери Анри, а во ноември 2023 година, неколку месеци откако се пензионира како фудбалер, Фабрегас беше именуван за привремен главен тренер, пишува „Би-би-си“.
– Единството на групата беше добро – тие се семејство. Се работеше за тоа што тие веруваа дека е можно и тоа е она што го постигнавме на крајот – изјави Фабрегас за „Би-би-си“.
Фабрегас можеше да ја пополни функцијата главен тренер само седум натпревари, бидејќи ја немаше потребната тренерска лиценца, по што Комо го назначи поранешниот помошник-менаџер на Велс, Осијан Робертс, да го води тимот до крајот на сезоната, а Фабрегас остана помошник, пишува „Би-би-си“.
Како и Микел Артета од Арсенал и поранешниот тренер на Кристал Палас, Патрик Виера, Анри учеше за своите тренерски лиценци во Велс под водство на Робертс, поранешен технички директор на Фудбалската асоцијација на Велс. Фабрегас вели дека придонесот на Робертс во Комо бил „фантастичен“.
– Тој ми беше ментор, ме предизвикуваше, гледајќи како ќе реагирам во различни ситуации. Кога баравме некого, Тиери го препорача. Ми кажа дека тој е вистинскиот човек за нас. Разговарав со Микел и со Патрик, бидејќи работеа заедно две години во Кристал Палас – рече Фабрегас (37), кој треба да ги заврши квалификациите за пролиценца летово.

СЕНТ ПАУЛИ И КИЛ

Сент Паули се врати во првата лига на Германија минатата недела на едно коло пред крајот на сезоната.
– Многу сум среќен за тимот, за целиот град. Ние го заслуживме тоа. Многу, многу сум среќен што можам да го тренирам овој тим. Успехот доаѓа од напорна работа – рече тренерот на Сент Паули, Фабијан Хирцелер.
Ова е шеста промоција на Сент Паули во германската Бундеслига по тие во 1977, 1988, 1995, 2001 и во 2010 година. Следната сезона ќе биде вкупно деветта за клубот меѓу најдобрите клубови во Германија, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Според пропозициите, најдобрите две екипи во втората Бундеслига се пласираат во најсилното натпреварување во Германија, а третопласираниот сезонава, Диселдорф, ќе игра плејоф во два меча со тимот на 16-то место во првата Бундеслига, Бохум.
Холштајн Кил, со еден бод помалку од Сент Паули по 33 кола (вчера се играше 34-то коло), исто така, во минатата недела обезбеди пласман во повисок ранг, прва промоција за тој клуб во Бундеслигата.
Кил стана 58-та екипа што ќе игра во Бундеслигата од инаугуративната сезона на лигата во сезоната 1963/64, пишува Бундеслигата. Откако претходно двапати беше на третото место во второто ниво, Кил играше во плејофот за влез во првата лига во сезоните 2017/2018 и 2020/2021. Првото учество во плејофот беше во нивната прва сезона во Втората лига на Германија, а на клубот му беа потребни само седум сезони за да стигне до врвот на пирамидата, пишува Бундеслигата. Н.М.