Гизем Ѓозде Учар и Угур Алтун, современи автори и илустратори за деца од Турција, ќе бидат гости на претстојното шесто издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Фестивалот ќе се одржи од денеска до 18 мај во Младинскиот културен центар во Скопје.
Гизем Ѓозде Учар, авторка и илустраторка, има впечатлива кариера и влијателно присуство во светот на литературата за деца во Турција. Нејзините книги не само што забавуваат туку и ги образуваат малите умови, поттикнувајќи ги на креативност и размислување. Со долгогодишно искуство и многу книги во нејзиното портфолио, Гизем Ѓозде Учар претставува еден од најзначајните современи гласови во литературата за деца.
Илустрациите на Угур Алтун не само што ги красат страниците туку и ги оживуваат. Неговиот талент внесува магија во книгите за деца создавајќи светови што им оставаат длабоки впечатоци на младите читатели. Награден и признаен во целиот свет, Угур Алтун со својата уметност и визија ќе го збогати Фестивалот за литература и илустрација за деца.
– Годинава фестивалот „Литера“ ќе биде почестен со присуството на овие двајца исклучителни таленти, чија работа ќе биде во центарот на вниманието. Дел од нивните дела ќе биде изложен за време на фестивалот, а тие ќе одржат и работилници, што ќе биде одлична можност за размена на идеи и искуства со македонските автори и илустратори за деца. Ќе биде организиран и Саем на литература за деца, на кој македонските издавачи ќе имаат можност да ги претстават своите најнови изданија. „Литера“ се гордее со портфолиото од успешни изложби што ги организира, привлекувајќи голем број посетители и влијателни гости од целиот свет. Од македонски доајени во илустрацијата, каква што беше изложбата на Кондовски, до многубројните странски илустратори што го посетиле фестивалот, Младен Туниќ, Доминик Вуковиќ и многу други, „Литера“ продолжува да ги поддржува и да ги промовира квалитетната литература и илустрацијата за деца – велат организаторите.