Галичник Фото - kallerna

Малубројна по наталитет, многубројна по дух и школувана интелигенција, Мијачијата има преродбенички епицентар во Галичник. Од трите еднопросторни и духовни царства, Мијачијата јазично, етнички, народно и поединечно материјално и духовно, од своето славно писмено и усмено, фолклорно и уметничко (современо) творештво е најславно, најпрочуено – тоа е простор за кој постојано, и во војна и во мир, сакале да го освојат-присвојат, останало Мијачкото царство, хомогено, изворно, автентично. Понекогаш љубоморно завидно самото на себе, а камоли на други! Галичник. Ремек дело на градителската Мијачка рака-куќи-кули. Пред градот, град, Радован Павловски

Знаменитостите на Македонија

Галичник е село во областа Мала Река. Сместено е на падините на планината Бистра, во центарот на регионот Мијачија. Галичник денес е туристичка знаменитост поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство и прекрасните пејзажи. Постојат неколку верзии за потеклото на името на селото. Според една верзија, името Галичник е изведено од името на реката Галик, која тече близу Солун. Според втората верзија, селото е именувано Галичник според големиот број „диви кокошки“ – галици, кои живееле на месноста над сегашната црква „Св. Петар и Павле“, која има јужна диспозиција.
Најстарите сознанија за настанувањето на Галичник датираат од 10 век и почетокот на 11 век. Се смета за едно од најстарите села во мијачкиот предел. Првиот период на селото е карактеризиран со мешање на влашки семејства со Македонци со словенска култура. Престојувањето на Власите во мијачкиот предел го потврдуваат некои топоними од околината на Галичник, како и презимињата на некои од денешните галички семејства: Куцулоски, Гугулоски, Кипроски. Иако имало обиди за исламизирање на населението, тоа останало христијанско, во голема мера благодарение на предводништвото на Томо Томоски. Томоски е најпознатиот првенец на селото на преминот од 16 кон 17 век. Поради експанзијата на немакедонското население во денешна Албанија, што и било поттикнувано од турската власт, во Галичник од 15 до 18 век постои континуирано доселување.

Куќата на поранешните сопственици Иљо и Стрезо Цубалевски во Галичник / Фото: 44martin88

Во 19 век, благодарение на доселувањето, високиот наталитет, но и поволните економски услови за сточарство, Галичник е веќе мал град. Турски патописци зборуваат за Галичник во 18 и 19 век како битен економски центар, не само за регионот туку и за империјата. Кон крајот на 19 век, Галичник бил поголем и од Гостивар. Јордан Хаџи Константинов-Џинот во втората половина на 19 век вели дека селото имало 500 куќи. Ако се земе предвид дека во една куќа би живееле во просек осум луѓе, тогаш бројот на населението би се движел околу 4.000. Галичник во овој период има значително културно влијание во европскиот дел на Османлиското Царство, главно преку своите преродбеници: Партенија Зографски, Ѓорѓија Пулевски, Макарија Фрчкоски, Панајот Гиновски и др.
Балканските војни влијаеле негативно на овчарството поради поделбата на Македонија. Сепак, оваа дејност, почнала да стагнира уште во 19 век. Сѐ поголем дел од мажите оделе на печалба, каде што се специјализирале во разни занаети: млекарство, пекарство, слаткарство итн. Во 30-тите години на 20 век, галичките печалбари веќе имале насобрано големо богатство, а некои од нив биле и милионери во тогашни американски долари. Пример за вакви успешни стопанственици биле Васе Чоланчески, Софре Лоноски, Аврам Лоноски и Огнен Алаутоски.

Куќата на поранешниот сопственик Пејчин Томовски во Галичник Фото – 44martin88

Ѓорѓија Пулевски

Ѓорѓија Пулевски – великиот македонски преродбеник и национален деец од Галичник

Ѓорѓија Пулевски е истакнат македонски писател на кратки дела, лексикограф, историчар и воен водач. Автор е на првата печатена македонска граматика, како и автор на еден од првите речници на македонски јазик. Ѓорѓија од печалбар ѕидар во Романија до почетокот на 60-тите години својот животен пат го продолжува низ разните ослободителни војни и востанија во текот на целата втора половина на 19 век. Пулевски, пак, активно учествува како војвода во Кресненското востание, ставајќи се директно во функција на борбата за слобода на македонскиот народ.
Тој е учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар. Негово прво печатено дело е „Речник од четири јазика“ (или четиријазичник), објавено во Белград во 1873 година. Тоа е всушност петјазичник, бидејќи во колоната на српскиот јазик дава лексички материјал од двата блиски, но сепак различни јазика: македонскиот и српскиот. Втората публикувана книга на Пулевски е „Речник од три јазика“ (тријазичник), објавена исто така во Белград во 1875 година. Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни.
По неуспехот на македонското Кресненско востание и неговото заминување во Софија, во 1879 година Пулевски сепаратно ја публикува првата патриотско-политичка поема во нашата литературна историја „Самовила Македонска“. Во неа е одразена идеологијата на македонските учесници во Кресненското востание. Во тоа време ја објавил и првата одделна стихозбирка на македонски јазик во македонската литературна историја, „Македонска песнарка“ (во две книшки). Стихозбирката содржи три лични и повеќе народни песни. Во следната 1880 година излегува од печат и „Слогница речовска“, која претставува прва публикувана граматика на македонскиот јазик. Во неа Пулевски се обидел да создаде основни норми на македонски литературен јазик, комбинирајќи го централномакедонското наречје со словенската писмена традиција во Македонија, креирајќи притоа мошне интересна лексика и позајмувајќи зборови и од другите словенски јазици, но секогаш изразито македонизирани.


Галичка свадба

Галичка свадба или Петровденска галичка свадба е манифестација што се одржува секоја година на Петровден (12 јули) во селото Галичник на Бистра. Богата е со многу единствени свадбарски обичаи и ритуали. Во деновите на свадбата пиштат зурлите и ечат тапаните на „тешкото“, со сиот подземен и надземен екот кон каменот на Бистра и небесниот свод. Тие придружници на печалбарите на овој крај на Македонија секогаш ја најавуваат Галичката свадба, која е со најмногу сватови. Галичката свадба во своето опстојување придонела да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се зачуваат изворните песни, ора и надалеку познатата галичка носија – изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите. Секоја година посебна комисија избира двајца млади што ќе се венчаат на Галичката свадба. Еден од предусловите е барем еден од младите да потекнува од галичко семејство.

Традиционални облеки за галичката свадба Фото – Emilia PL