ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е блиску до мнозинство во Парламентот и не би се изненадил ако имаме 61 пратеник, изјави денеска на новинарско прашање, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
– Верувам дека во среда ќе имаме убедлива двојна победа. Гордана Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на Македонија, а коалицијата „Твоја Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник – рече Мицкоски пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“.
Според него, успех пред сѐ, е тоа што се случило во првиот круг од претседателските избори и изјави дека очекува масовност на гласачите и на вториот круг од претседателските избори.
– Благодарност до македонските граѓани. Благодарност до сите оние коишто го дадоа својот глас за идниот претседател Гордана Силјановска Давкова и однапред се заблагодарувам на сите оние граѓани, коишто чувствувам дека масовно ќе излезат на изборите во среда и масовно ќе го дадат својот глас за идниот претседател и за коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – додаде Мицкоски.
Тој пред Соборниот храм во Скопје, каде присуствуваше на свечената литургија по повод големиот православен празник Велигден, го честиташе Христовото воскресение и посака хармонија и спокој за сите.
Нема за христијаните поголем празник, изјави денеска кандидатката за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова, честитајќи го Велигден пред Соборниот храм во Скопје.
– Како се чувствувам? Како и секој од вас. Што би рекол епископот, како возљубена родољупка. Црквата е домот. Патот ни го покажува Христос. Тоа е патот на љубов, на добрина, на почит, мислам дека треба да го следиме. Јас сум решила тоа да го правам и ќе продолжам – рече таа.
Според Силјановска Давкова, собирањето е најважниот чин во христијанството, а Црквата е не само главата и телото Христово и нема поубав ден од овој, кога се поздравуваме со „Христос воскресна – навистина воскресе“.
Мир, спокој, здравје и љубов за сите православни христијани, посака денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска од пред Соборниот храм, честитајќи го Христовото воскресение – Велигден.
– Посакувам да се сакаме, да се почитуваме, да имаме обѕир еден кон друг, да бидеме хумани, да бидеме солидарни и да покажуваме грижа еден кон друг, секој еден ден во годината. Нека е за многу години денот и празникот – порача Арсовска.
Владина делегација, составена од заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, денеска исто така присуствуваше на свечената литургија по повод најголемиот православен празник Христово Воскресение – Велигден, во соборниот храм Св. „Климент Охридски“ во Скопје.
Со свечената Велигденска литургија, чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со членови на Архијерејскиот Синод и со свештенството на соборниот храм.