Членовите на планинарскиот спортски клуб Голак од Делчево, Берово, Пехчево и Велес го реализираа клубскиот планинарски марш за искачување на врвот Руен (2.252 метри надморска висина) на Осоговските Планини. Како што информира Љупчо Чучуковски, претседател на ПСК „Голак“ од Делчево, планинарите реализирале маршрута во вкупна должина од 15 километри.
 
– Маршрутата беше кружна со денивелација од 2.444 метри. Почетна точка беше Рудник Саса на 1.030 метри надморска висина, потоа поминавме преку Тракато брдо, месноста Коти, па се до Руен, највисокиот врв на Осоговските планини. Временските услови беа добри се до врвот Руен и Петрово брдо, каде не зафати средно силен ветар со магла и ниска температура, кои сепак не ни пречеа, бидејќи на моменти правеа добра зимска идила со снегот кој го имаше веќе на висина од 1.900 метри – информира Чучуковски.
 
Патеката по која се движеле планинарите заедно со врвот Руен се наоѓаат во регионот на делчевски Пијанец. Како што најавија од планианрското друштво ваквите планинарски маршрути ќе продолжат со цел промоција на сите врвови, места и локалитети кои се наоѓаат во регионите Пијанец-Малеш.