Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

Рајан Рејнолдс и Роб Мекелхени дадоа увид во нивните долгорочни амбиции за велшкиот фудбалски клуб Рексам, со кои се надеваат дека би можеле да забележат големо зголемување на капацитетот на стадионот на клубот, на 55.000 места.
Холивудската двојка веќе го трансформира историскиот клуб преку своето преземање за 2,5 милиони долари во 2021 година и документарната серија „Добре дојдовте во Рексам“, што се емитува низ целиот свет, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
По двете промоции по ред, Рексам од следната сезона ќе игра во третото ниво на англискиот фудбал, во Лига 1. Моментално стадионот на клубот има 12.600 места, со планови за изградба на нова трибина, која би била со капацитет од 5.500. Но, визијата на Рејнолдс и Мекелхени е да изградат еден од најголемите стадиони во англискиот фудбал. Најголемиот клупски стадион во англиската лига е „Олд Трафорд“ на Манчестер јунајтед, кој има капацитет од 74.310, пишува АП. Н.М.