И 11-та партија во мечот за светски шаховски првак што се игра во Лондон, помеѓу Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835) и претендентот, Американецот Фабијано Каруана (2.832), заврши со поделба на поенот во 55-от потег. Белите фигури ги водеше Карлсен, а беше играна Петрова одбрана, во која Норвежанецот имаше пион повеќе во завршница на по еден разнобоен ловец, но сепак недоволно за победа. Каруана повторно добро се бранеше, а Карлсен како бел се отвори со потегот 1.е4, кој беше виден и во третата партија.
Последната, 12-та партија од регуларниот тек, во која Американецот ќе ја има предноста на почетниот потег, се игра денеска, а моментниот резултат е 5,5-5,5. Воведниот потег во оваа партија симболично го одигра рускиот велемајстор (ВМ) Сергеј Карјакин, кој токму од Карлсен загуби во мечот за светски првак, кој се одигра во Њујорк во 2016 година. Тој ги изненади сите, дури не го праша ни Карлсен кога го одигра белиот пион на полето б4, што секако беше добра шега за сите во салата.
– Уживам да видам и орангутан како се појавува на таблата, но јас исто така бев среќен што го видов Сергеј – рече Каруана, на што Карлсен додаде дека Карјакин бил мало изненадување за него и не верувал дека тој ќе биде во Лондон.
За 12-та, последна партија, Карлсен даде свој коментар.
– Што може да се каже? Ќе биде тешка партија, а тензијата е на врвот. Ако знаев што ќе се случи, ќе ви кажев. Во Њујорк пред две години, во 12-та партија ги имав белите фигури и ремизирав. На психолошки план, очигледно е поинаку. Би сакал да сум „бел“, а што ќе се случи, ќе видиме – коментираше Карлсен.