Автор: Асс. д-р Даница Петкоска, Универзитетска клиника за кардиологија
Кардиоваскуларните заболувања претставуваат водечка причина за смртност во светот и се почести, како кај возрасната така и кај помладата популација.
Голем број на случаи долго време остануваат недијагностицирани, па во моментот кога ќе се појават првите манифестации истите се во вид на ургентни акутни состојби.
Со навремено откривање на потенцијалните ризик фактори и нивна модификација, може значително да се намали морбидитетот и морталитетот.
Модерната медицина нуди ефикасна профилакса. Во последната деценија актуелна препорака кај сите ризични групи на пациенти е да се земаат ниски дози на ацетилсалицилна киселина (АСА) еднаш дневно како превенција за кардиоваскуларни болести.
Ацетилсалицилната киселина е молекула која може да се најде како активна компонента кај голем број препарати кои се сретнуваат на пазарот. Претставува еден од најкористените лекови на глобално ниво, со околу 44.000 тони (50 до 120 милијарди таблети) кои се консумираат секоја година. Истата е ставена на списокот на есенцијални лекови на Светската здравствена организација.
Ацетилсалицилната киселина е „златен стандард” на антитромбоцитен лек за превенција на артериска тромбоза.
Антитромбоцитниот ефект на АСА во голема мера не е зависен од системската биорасположивост, времетраењето на ефектот не е во корелација со присуството на интактната салицилна киселина во циркулацијата. Дејството се должи на иреверзибилната инхибиција на циклооксигеназа, ензим којшто учествува во синтезата на простагландините.
Во помали дози AСА ја инхибира агрегацијата на тромбоцитите преку блокирање на синтезата на тромбоксан А2 во нив.
Постои и т.н. феномен на резистенција на АСА, кога ефикасноста на АСА е намалена. Овој феномен е редок, но постојат тестови кои се изведуваат и ги идентификуваат пациентите што се резистентни, односно кај кои АСА нема антитромбоцитно дејство. Кај нив може се користи алтернативен лек.
Кај пациенти со докажана кардиоваскуларна болест, се препорачува доживотна употреба на АСА во секундарна превенција. Прекинувањето на антитромбоцитната терапија може да биде тригер фактор за појава на протромботичен „rebound” феномен.
Кога терапијата со АСА за секундарна превенција на КВБ е прекината, ризикот од миокарден инфаркт може да се зголеми за повеќе од 60%.
Резултатите добиени од мета-анализа на Biondi-Zoccai и сор. покажа дека прекинот на АСА дава трикратно зголемување на ризикот од големи несакани кардиоваскуларни збиднувања кај пациенти со ризик за или со потврдена коронарна артериска болест.
Нејзината клучна улога е во акутниот третман при акутните коронарни случувања, како дел од двојната антитромбоцитна терапија, во комбинација со P2Y12 инхибитори, како што се клопидогрел, прасугрел или тикагрелор, до и по 12 месеци од случувањето. Резултатите од последните објавени студии е примената на АСА кај кардиоваскуларните болни во ниска доза од 75мг, особено после една година од КВ збиднување, со цел задржување на неговите докажани бенефити во намалување на мајорни исхемични случувања, како и избегнување на потенцијални крваречки компликации.
Терапевтските индикации на АСА од 75мг се
Секундарна профилакса
– кардиоваскуларни заболувања
– исхемичен мозочен удар
– состојба по бајпас хирургија
Може да се земе предвид кај пациенти со висок или многу висок ризик за КВБ, но да се измерат придобивките наспроти можноста за несакани ефекти.
Контраиндикации за употреба на овој лек се: пречувствителност на салицилна киселина или инхибитори на синтетаза на простагландин, активен улкус или други видови на крварење (цереброваскуларна хеморагија), иразено хепатално и/или бубрежно оштетување, деца под 16 години, освен во посебни состојби, дози >100 mg/ден во тек на третиот триместар од бременоста, доење, хеморагична дијатеза, истовремена употреба на метотрексат (доза >15 mg/недела). . Ацетилсалицилната киселина го продолжува времето на крварење и затоа употребата на овој лек треба да се прекине неколку дена пред да се планира голема хируршка процедура. Достапните податоци, иако се ограничени, поддржуваат продолжување на ниски дози на аспирин без прекин во периоперативниот период кај пациенти со претходна перкутана коронарна интервенција.