Фото: ЕПА

Премиер-лигата по вонредното коло минатата недела има просек од 3,26 гола по меч и веќе е надминат рекордот од сезона, во која се играат 38 кола, од вкупно 1.084 погодока. За ваквата голгетерска сезона придонесоа и повеќето минути за игра, големата стапка на реализација на пеналите, големиот број стрелци…

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Дури и со четириесетината меча што допрва треба да се одиграат, сезонава е рекордна според постигнатите голови во една сезона во англиската фудбалска Премиер-лига, кога во неа играат 20 екипи. Сезоната 2023/2024 веројатно ќе биде запаметена по нејзината неизвесна трка за титулата, но исто така може да остане запишана во историјата поради големиот број голови, пишува „Би-би-си“. Така, во вонредното коло минатата недела, во натпреварот на Манчестер јунајтед со Шефилд јунајтед (4-2), израмнувачкиот гол на Хари Мегваер беше 1.085-от погодок во сезоната во Премиер-лигата, надминувајќи го рекордот од сезона во која се играат 38 кола од 1.084, кој беше поставен во минатата сезона.
Според аналитичарот на податоци „Опта“, натпреварите од врвната лига сезонава имаат во просек по 3,26 гола по средба (пред мечевите викендов). Ако продолжи оваа стапка на постигнување голови, сезонава ќе заврши со 1.239 гола, соборувајќи го апсолутниот рекорд на Премиер-лигата од 1.222 од сезоната 1992/1993, кога имаше 22 екипи и беа одиграни 462 натпревари. Тоа би било огромен резултат, но која е тајната зад зголемениот број голови во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Подолгите мечеви значат повеќе доцна драма. Англиското судиско тело сезонава воведе поголемо дополнително време по истекот на 90-та минута како дел од директивата на Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), во потег што има за цел да се справи со задржувањето време на мечевите, пишува „Би-би-си“. Сезонава секој дуел во просек имаше 11 минути и 39 секунди дополнително време за игра, три минути и 13 секунди повеќе отколку лани. Досега имаше 138 погодоци во судиското продолжение сезонава. Тој вкупен број веќе го надмина рекордот од 102 гола во продолженијата поставен во сезоната 2016/2017. Тоа е веќе 54 повеќе од минатосезонскиот резултат. Огромно зголемување со толку многу натпревари допрва да се играат.

Сезонава имаше и рекордна стапка на реализирани пенали, пишува „Би-би-си“. Имаше 93 пенали сезонава, што е 0,28 пенали по натпревар, што, пак, е зголемување за 0,02 во однос на минатата сезона. Но иако зголемувањето на досудените пенали беше мало, успехот во реализацијата на пеналите беше драматичен, пишува „Би-би-си“. Во сезоната 2022/2023 беа реализирани 74,7 проценти од ударите од белата точка. Сезонава стапката на конверзија на пенали моментно е на највисоко ниво од 90,3 насто. Последнопласираниот клуб Шефилд јунајтед прими 92 гола на 34 натпревари, ниту еден тим во сезона со 38 кола во Премиер-лигата не примил повеќе, пишува „Би-би-си“. Но ако целосно ги отстраните натпреварите на Шефилд од статистиката, сезонава во Премиер-лигата, сепак, ќе има просек од 3,22 гола по меч (намалување од вистинската бројка од 3,26). Тој просек останува многу поголем од минатосезонскиот рекорд од 2,85 погодока по натпревар. Конечно, многу играчи придонесуваат со головите. Без автоголови, има 286 различни стрелци во Премиер-лигата сезонава (до викендов), а таа бројка била само еднаш подобра, во сезоната 1992/1993. Се разбира, тоа беше во сезона со 462 натпревари, а сите рекорди за сезоната 2023/2024 се од само 336 натпревари, пишува „Би-би-си“. Н.М.