Дончиќ и Гилџес-Александер првпат во кариерата би ја добиле оваа награда, а Јокиќ третпат, со што би станал деветтиот кошаркар со барем три вакви признанија, по Абдул-Џабар, Џордан, Расел, Чембрлен, Џејмс, Мелоун, Бирд и Џонсон
КОШАРКА – НБА
Кошаркарот Никола Јокиќ на Денвер е еден од тројцата кандидати за наградата најкорисен играч (МВП) во регуларниот дел од сезоната, објави НБА. Конкуренти на српскиот центар ќе му бидат Словенецот Лука Дончиќ од Далас и Канаѓанецот Шај Гилџес-Александер од Оклахома.
Ако победи, Јокиќ ќе стане деветтиот играч со барем три признанија МВП, придружувајќи им се на Карим Абдул-Џабар (шест), Мајкл Џордан, Бил Расел (по пет), Вилт Чембрлен, Леброн Џејмс (по четири), Мозес Мелоун, Лери Бирд и Меџик Џонсон (по три). Од друга страна, Дончиќ и Гилџес-Александер првпат во кариерата би ја добиле оваа награда.
Покрај кандидатите за најкорисен играч на сезоната, НБА ги објави имињата на кандидатите во уште шест категории. Така, Виктор Вембањама од Сан Антонио, минатогодишниот избор во првиот круг, е главен фаворит за наградата дебитант на годината, а се натпреваруваат уште Чет Холмгрен од Оклахома и Брендон Милер од Шарлот.
Бем Адебајо од Мајами, Руди Гобер од Минесота и Вембањама се во конкуренција за најдобар дефанзивец во лигата, а Тајрис Макси од Филаделфија, Алперен Шенгун од Хјустон и Коби Вајт од Чикаго се кандидати за играч што најмногу напредувал сезонава.
Кандидати за најдобар шести кошаркар во лигата се Малик Монк од Сакраменто, Боби Портис од Милвоки и Наз Рид од Минесота, а за наградата односно мајсторот на финишот, Стеф Кари од Голден стејт, Демар Дерозан од Чикаго и Гилџес-Александер од Оклахома. И во трката за наградата за тренер на годината се номинирани Марк Дегнолт од Оклахома, Крис Финч од Минесота и Џамал Мозли од Орландо. Г.И.