Фото: ЕПА

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), како што се очекуваше, даде зелено светло за Косово да стане 47-та членка на најстарата паневропска организација – Советот на Европа, истовремено одлучувајќи да го следи неговото исполнување на обемниот список на обврски од неговото пристапување. Ова е за првпат да се покани да стане членка една држава чија државност не е признаена од сите земји членки на Советот на Европа (СЕ)

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) препорача Косово да биде покането да стане членка на Советот на Европа

Во своето статутарно мислење, врз основа на извештајот на Дора Бакојани (Грција, ЕНП/ЦД) и усвоено со 131 глас за, 29 против и 11 воздржани, ПССЕ рече дека членството ќе доведе до „зајакнување на стандардите за човекови права преку обезбедување пристап до Европскиот суд за човекови права за сите што се под јурисдикција на Косово“.
Според процедурите на Советот на Европа, ПССЕ мора прво да го даде своето мислење за секоја кандидатура за членство пред да се донесе конечна одлука од Комитетот на министри, извршното тело на организацијата составено од министрите за надворешни работи.
Образложението во мислењето е дека со „членството на Косово ќе се подобри заштитата на човековите права“. Тоа би било „кулминација на дијалогот што се развива две децении, но во никој случај не треба да се гледа како крај на еден процес. Напротив, членството треба да катализира импулс за Косово да продолжи да напредува во зајакнувањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото“.
Членството, според ПССЕ, исто така ќе му помогне на Косово „да одговори на извонредните предизвици и прашања на кои сѐ уште не е одговорено“, вклучувајќи го и јазот помеѓу нормативните стандарди и нивната ефективна имплементација, потребата за подобра заштита на правата на немнозинските заедници и поттикнувањето погодна клима на доверба, помирување и вклучување.
ПССЕ во усвоената препорака до Комитетот на министрите го поздрави како „голем пробив“ спроведувањето на пресудата на Уставниот суд во случајот со манастирот „Високи Дечани“, за која рече дека е „видлив знак за посветеноста на Владата да постапува целосно во согласност со владеењето на правото, без оглед на политичките размислувања“.
Во препораката се додава дека воспоставувањето заедница на општини со српско мнозинство би било „важен чекор“ за да се обезбеди заштита на правата на косовските Срби и дека тоа „треба да биде вклучено во идното разгледување од страна на Комитетот на министри на апликацијата на Косово за пристапување во Советот на Европа, како постпристапна определба“.

Признавајќи ги „околностите без преседан“ на кандидатурата, имајќи предвид дека голем број земји членки на Советот на Европа не го признаваат Косово како држава (12 од 46), ПССЕ повика на „дипломатија, дијалог и компромис“. Тој го покани Комитетот на министри да обезбеди членството на Косово да биде „без предрасуди за позициите на поединечните земји членки во однос на државноста на Косово“.
Имено, „еминентните правници се ограничија на процена на усогласеноста на косовскиот правен систем со стандардите на организацијата и не се осврнаа на прашањето дали Косово ги исполнува условите за членство во Советот на Европа според нејзиниот статут, кој во членот 4 истакнува дека која било „европска држава“ може да стане негова членка. Од нивна гледна точка, оценувањето на државноста е политичка одлука. Сепак, тие појаснија дека меѓународното присуство на Косово нема извршни овластувања, дека косовските власти вршат јурисдикција над територијата и населението на Косово, а Косово одржува меѓународни односи“.
Во извештајот Бакојани се повикува на Конвенцијата од Монтевидео за правата и должностите на државите од 1933 година, која, според државната практика и доктрина, го кодифицира обичајното меѓународно право, и имплицитно изјави дека Косово ги исполнува релевантните критериуми. Понатаму, таа потсетува дека Меѓународниот суд на правдата заклучил, во своето советодавно мислење, дека прогласувањето независност на Косово не е спротивно на меѓународното право и не ја прекршило Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации.
– Признавањето е привилегија на државите. Затоа, на крајот ќе зависи од секоја земја членка да процени дали Косово е „европска држава“ за целите на статутот на Советот на Европа при гласањето за апликацијата на земјата за членство. Според внатрешните прописи на Советот на Европа, оваа одлука не бара едногласно гласање и може да се донесе со двотретинско мнозинство од неговите членови – се наведува во предложеното мислење.
ПССЕ исто така препорача Собранието да отвори постапка за мониторинг за Косово, со цел да се обезбеди почитување на обврските преземени од неговото пристапување.
Македонските пратеници Дарко Каевски и Арта Билали Зендели, кои учествуваа во гласањето, се изјаснија позитивно за препораката на грчката пратеничка Бакојани Косово да биде покането да стане членка на Советот на Европа.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур


Накратко за Советот на Европа (СЕ)

Советот на Европа (СЕ) е водечка организација за човекови права на европскиот континент. Таа се состои од 46 земји членки, вклучувајќи ги сите членки на Европската Унија. Сите земји членки на СЕ се потписнички на Европската конвенција за човекови права, договор за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото. CЕ е најстарата европска меѓународна политичка организација. Основната задача на СЕ е создавање единствена Европа, во чии основи лежат принципите на слободата, демократијата, заштитата на човековите права и владеењето на правото. Седиштето на СЕ е во Стразбур, Франција. Советот на Европа (СЕ) не треба да се меша со Европската Унија (ЕУ) – тоа се две сосема различни организации. Иако знамињата на СЕ и на ЕУ се идентични, не треба да се мисли дека станува збор за идентични институции. Едно од најзначајните достигнувања на СЕ се изработката и потпишувањето на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.