Фото: ЕПА

Се предвидува дека САД ќе освојат вкупно 123 медали, вклучувајќи 39 злата, а Кина 89 медали, од кои 35 златни. Двете држави беа на првите две места во двете категории и пред три години, на ЛОИ во Токио

СПОРЕД ПРОГНОЗАТА НА „НИЛСЕН ГРЕЈСНОУТ СПОРТ“

На стотина дена пред почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз (Франција), се предвидува дека САД ќе освојат вкупно 123 медали, вклучувајќи 39 златни, а зад нив да биде Кина, со 89 медали, од кои 35 златни, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Двете држави беа на првите две места во двете категории и пред три години, на Летните олимписки игри во Токио (Јапонија).
Оваа прогноза е направена од „Нилсен грејсноут спорт“, која обезбедува статистичка анализа за спортските лиги низ светот, а ги следи големите натпревари во кои се вклучени олимписки спортови, пишува АП. Рангирањето на „Грејсноут“се заснова на вкупно освоените медали, иако други се фокусираат на рангирањето според збирот на златни медали.
Ова би било осми пат во низа САД да освојуваат најмногу медали на летни олимписки игри. Последен пат кога САД не беа на врвот според бројот на освоени златни медали беше на ЛОИ 2008 во Пекинг (Кина), кога Кина забележа најмногу успеси.
Следни на оваа листа на „Грејсноут“ според вкупниот број медали и вкупно златни медали во Париз се Велика Британија (66 медали, 13 златни), Франција (55-28), Австралија (50-13), Јапонија (49-13), Италија (47-12), Холандија (38-18), Германија (36-9), Јужна Кореја (24-9), Канада (22-6), Шпанија (20-5), Унгарија (19-5), Бразил (18-9), Турција (13-4), Етиопија (13-3), Узбекистан (13 -3), Украина (13-3), Грузија (12-3), Данска (11-5)…, пренесе АП. Земјите домаќини секогаш освојуваат многу медали, Франција се очекува да го зголеми вкупниот број од 33 освоени на Игрите во Токио, а тројно да го зголеми бројот на освоени златни медали, каде што Јапонија тогаш забележа рекорд, пишува АП. Г.И.