Ракометарите на Вардар го впишаа првото реми во годинашнава Лига на шампионите (ЛШ), откако вечерва во спортската сала „Викторија“ во Брест, во рамките на 9. коло, во драматичен и неизвесен финиш, успеаја да освојат бод против белорускиот шампион Мешков, играјќи 31-31. Ова беше вкупно четврти меѓусебен дуел на двете екипи во ЛШ, а резултатот е 2-1 за Вардар, со едно реми. Во некомплетното коло во групата А, Вардар, сега има 11 бода и рипна од петтото на третото место, додека Мешков има пет.
Посебно беше драматично второто полувреме. Белорусите имаа предност од шест гола (27-21) на 13 минути до крајот, но избраниците на тренерот Роберто Парондо, успеаја да изнајдат сили и со голот на левиот бек Кристиан Дисингер да израмнат на 12 секунди до крајот. Вториот дел Мешков добро го почна и со два погодока во низа за првпат поведе со три гола (16-13), а потоа и со четири (18-14). Вардар на петпати се прибижи на гол-негатива (18-19, 19-20, 28-29, 29-30, 30-31), но во последниот обид, кога беше и најпотребно, успеа да израмни.
Првото полувреме минимално со еден гол разлика (14-13) го добија Белорусите, кој во поголемиот дел имаа предност од еден до два гола. Вардар израмни на почетокот (2-2), а истото го стори и во 23-та минута (9-9), од вкупно шесте израмнувања во овој дел. Со голот на десното крило Иван Чупиќ, црвено-црните за првпат поведоа во 27-та минута (12-11), што беше и единствено водство на средбата. Сепек, наместо скопјани да одат на одмор со гол-предност, во брзоплета контра, дозволија домаќинот да се стекне со позитива од еден гол (14-13).
Данската судиска двојка со чуден критериум во второто полувреме, а во 43-та минута престрого му додели директен црвен картон на пикерот на Вардар, Глеб Калараш, кога вардарци имаа негатива од три гола (20-23).
Најефикасен кај Вардар беше десниот бек Даинис Кристопанс со осум гола од девет обида, а кај домаќинот десното крило Дарко Ѓукиќ со седум погодоци. Солиден на голот беше и вардаровиот голман Дејан Милосављев со 10 одбрани, додека вториот голман Калифа Гедбан впиша шест и сите во вториот дел.
Следниот натпревар Вардар го игра на 1. декември во Скопје против полски Киелце.