Претседателот, како репрезент на државата Македонија според Уставот, го има сето право да работи на овозможување подобар економски развој на земјата така што максимално ќе ја користи функцијата за таа цел. Економските експерти немаат никаков сомнеж дека претседателот на државата може да биде од огромна помош за остварување контакти меѓу македонските и компаниите низ светот, но забележуваат дека тоа досега не било правено во доволна мера
Ингеренциите на првиот човек на државата не познаваат граници кога станува збор за инвентивни и решителни луѓе
Претседателската кампања за изборите закажани за 24 април и 8 мај влезе во втората недела, а кандидатите во рамките на промоцијата на изборните платформи најавуваат дека ќе дејствуваат и во областа на економијата, клучен сегмент за развојот на државата.
Но досегашните искуства покажаа дека претседателите релативно малку или речиси воопшто не ја користат функцијата за да издејствуваат некаква економска бенефиција за својата земја, постојано наоѓајќи оправдание и изговори во малите ингеренции и препуштајќи ѝ ги ваквите иницијативи исклучиво на владата.
Сепак, очекувањата на граѓаните од идниот претседател се многу поголеми од рамката што значи обични претседателски овластувања, со оправдани надежи тој да биде предводник на една нова политика, која ќе значи засилена активност и во делот на економското поврзување меѓу Македонија и земјите од Европа, но и пошироко, земјите што се претворија во големи економски чуда низ светот.
Повторно, тука на површина треба да излезе умешноста на претседателот преку разни лоби-групи да издејствува посети на странски државници придружувани од силни економски тимови, но и самиот да работи на организирање слични посети со македонски стопанственици во сите земји од Европа и низ центрите во светот во кои дејствуваат глобалните економски играчи.
Нашата лежерност и незаинтересираност ги користат други
Во минатото владата имаше неколку такви скромни обиди да се направат средби со економски тимови од Грција, од Бугарија и од Србија, но тоа е само зрно во песокот од палетата можности што се нудат пошироко, но кои поради нечија инертност или недоволна заинтересираност ги користи некој друг.
Најдобра илустрација за таквата инертност се случувањата на економски план во соседството, кога поради недоволно лобирање или ангажман на највисоките државни функционери, многу звучни инвестиции наместо во Македонија, завршија во соседните земји. Да биде трагедијата уште поголема, дури и од тие што се тука, некои почнаа да ја напуштаат земјава поради потфрлањата во делот на инфраструктурата, особено поради лошата патна инфраструктура и лошото железничко поврзување со блиските поморски пристаништа.
Од тие причини претседателот, како репрезент на државата Македонија според Уставот, го има сето право да работи на овозможување подобар економски развој на земјата така што ќе ја користи максимално челната функција за таа цел.
Економските експерти немаат никаков сомнеж дека претседателот на државата може да биде од огромна помош за остварување контакти меѓу македонските и компаниите низ светот, но забележуваат дека тоа досега не било правено во доволна мера.
– Претседателот на државата може да биде предводник и вистински репрезент на македонските економски капацитети. Тој во рамките на секоја посета што ќе ја организира или, пак, каде што ќе биде поканет, може да направи евалуација со какви економски капацитети располага земјата што ќе ја посети, кои се гранките што таму предничат, кои се нивни најпознати компании и да направи тим од стопанственици што ќе го придружуваат на тие посети, особено оние што се од сродните економски области во земјата во која оди. На пример, некоја земја има голема побарувачка за земјоделски производи, а нашата земја беше позната по производство на квалитетни зеленчуци и овошја, така што можат да се наоѓаат пазари за пласман насекаде. Низ земјава уште од времето на поранешна Југославија имаше капацитети за производство на автоделови, па и тоа е добра можност за воспоставување врски со другите земји што произведуваат автомобили деловите да се набавуваат од тука. Имаме одлични туристички можности, Охрид на пример. Зошто претседателот не го промовира Охрид во светски конгресен центар, каде што 365 дена во годината ќе се одржуваат настани, разни економски форуми, конгреси, панели, едноставно да се поканат светски економски клиенти да дојдат тука и да видат со што располагаме – велат економските експерти.
Постојана комуникација со коморите и со бизнис-секторот
Според нив, претседателот не смее да се затвори во својата палата и да чека да го поканат однекаде во посета, туку треба самиот да инсистира и да наоѓа причини за посети.
– Постојат лоби-групи, тимови што работат на организација на посетите. Имаме и дипломатија, но прашање е, по години дерогирање, колку македонската дипломатија е вистински способна да одговори на ваквите предизвици. Едно време имавме и економски амбасадори, но и тие беа повлечени, иако идејата не беше лоша, но само ако на такви позиции беа испратени луѓе од еснафот, а не партиски подобни луѓе, колку само да земаат плата, а економската бенефиција за земјата да е никаква. Од тие причини претседателот мора да има свој економски тим што ќе разработи сериозна стратегија, која ќе ја реализира за време на мандатот – истакнуваат експертите.
Нивен став е дека претседателот на државата мора да биде во постојана комуникација со стопанските комори, особено пред организирањето на секоја посета надвор од земјата.
– Претседателот мора да биде постојано во координација со коморите и со бизнис-секторот. Еве, хипотетички, да речеме планира посета на Бразил, треба најпрво да седне и со бизнисмените да поразговара каква економска бенефиција може да има државата и која стопанска гранка можеме да ја понудиме таму. Или во Франција, во Германија, на Блискиот Исток. Поранешниот југословенски претседател Јосип Броз-Тито на своите патувања низ светот постојано носеше широка стопанска делегација, која договараше бизнис-зделки, па, така, наши македонски компании градеа објекти и патишта и во Ирак, во Либија, во Сирија, а југословенски производи се извезуваа низ Европа. Тоа беше функционален модел, не е јасно зошто Македонија го напушти по самостојноста. Не треба да отфрламе нешто што функционира само затоа што било дел од минатото, туку тоа што е добро да продолжиме да го применуваме – истакнуваат експертите.
Проактивен претседател со идеи и визија за економски прогрес
Тие уште додаваат дека за такво нешто и претседателот на државата мора да биде проактивна личност, која ќе се наметне пред меѓународните партнери, постојано ќе инсистира на соработка, наоѓајќи разни начини и форми како да се реализира тоа.
– Странците сакаат иницијативи, сакаат добра идеја и знаат кога нешто е добро и ќе им донесе профит. Така и нашиот претседател мора да понуди добра идеја, да инсистира да се направат можности тука кај нас за реализација на таа идеја и да притиска што повеќе странски компании да доаѓаат тука и да инвестираат нова технологија и знаење, од кое ние ќе учиме и сами ќе создаваме дополнителни можности. Неколкупати тука беа светски познати актери, сакаа да инвестираат во филмски студија, да ја претворат Македонија во филмска дестинација, но нашата неспособност и незаинтересираност ги оттргнуваа. Хрватска инкасираше милиони евра од туристички посети во Дубровник не само поради стариот град туку и затоа што тој град ѝ го продаде на филмската индустрија и таму се снимаа неколку светски популарни серии. Сега туристите одат да видат каде биле снимени сериите и оставаат пари во хрватскиот туризам. Затоа претседателот е тој што ќе притиска постојано да се реализираат проектите што ќе значат економска бенефиција за земјата, а со тоа повеќе работни места и подобар стандард за граѓаните – посочуваат соговорниците.
Тие сметаат дека претседателот на државата не смее никако да биде пасивен, препуштајќи ѝ ги работите исклучиво на извршната власт.
– Ако сака да биде лидер кому народот ќе му верува, мора да се наметне како лидер. Тоа значи да договара посети на странски државници во земјава, но и самиот да оди во посети надвор, не само за шетање и сликање туку да има некаква полза од таа посета. Претседателот треба да ги собере бизнисмените и да праша, на пример, што ни е потребно од Холандија, а што ние можеме да им понудиме. Одиме заедно, ќе се сретнеме со тамошните стопанственици и ако барем една зделка се склучи во рамките на таа посета, тогаш не била залудна. Тешка е таа работа, целата таа организација, патување, договарања, но ако некој толку сака да биде претседател на Македонија, треба да ја заслужи функцијата и со посветена работа да ѝ се оддолжи на својата земја за честа што му ја укажала – заклучуваат соговорниците, експерти во делот на економската соработка.
Наредниот период наизменично ќе објавуваме повеќе текстови во кои ќе загатнеме неколку теми што се однесуваат на улогата на претседателот на државата, поточно како тој да стане вистински репрезент на државата и на граѓаните. Низ стручни анализи, консултации со експерти, професори, поранешни дипломати, ќе понудиме повеќе насоки како претседателот на државата може да ја афирмира претседателската функција на многу повисоко ниво од сегашната протоколарна улога што ја има, без оглед што Уставот му го дава правото да биде врховен командант на вооружените сили. Намерата на овој серијал текстови е да се најде модус со кој во иднина, се разбира во согласност со Уставот и законите, ќе му се обезбеди поголем пакет на ингеренции на првиот човек на државата, за да може и тој активно да учествува во креирањето на надворешната, внатрешната, економската, енергетската, образовната, здравствената и сите други политики важни за иднината на државата. Целта е претседателот во иднина да стане вистински репрезент како на државата така и на граѓаните, поточно да биде граѓански коректор на сите погрешни политики и креатор на нови решенија и идеи што ќе значат вистински напредок на државата. Со еден збор, лидер.