Американскиот универзитет на Европа – ФОН, со своето долгогодишно искуство и познавање на е-спортот, заедно со Македонската е-спорт федерација, ќе развие програма за едуцирање на младите генерации што сакаат да ја насочат својата кариера кон оваа индустрија

Американскиот универзитет на Европа – ФОН (АУЕ-ФОН) најавува нова соработка со Македонската е-спорт федерација (МЕСФ). Целта на оваа соработка е преку заемно организирани едукативни програми, настани и турнири, младите луѓе во нашата држава и во регионот да добијат вистинска слика за тоа што претставува е-спортот денес. Од голема важност е младите луѓе да добијат соодветна едукација и насоки за можностите што ги нуди овој спорт денес. Е-спорт е индустрија, која сѐ повеќе расте од година на година, а со тоа и создава многу можности за понатамошни професии на младите луѓе. Една од главните цели е да се претстави разликата помеѓу рекреативното играње видеоигри и професионалниот гејминг, кој е суштината на е-спортот.
– Американскиот универзитет на Европа – ФОН се трансформира и во својата агенда постави нови постулати на работењето на оваа наша прва високообразовна институција во државава. Спојот на формалното образование и сертифицираните курсеви и тренинзи отворија широк дијапазон на нови програми за обука и дообука, која ги зголемува можностите за соработката со институциите од нашата држава. Една од поважните соработки за нас, која ја почнавме неодамна, е со Е-спорт федерацијата, но и гејминг-популацијата, која и како спорт, но и како култура, вредност и начин на живеење, ја има кај нашите млади генерации талентирани деца со реални вредности. Токму тука нашиот универзитет ќе помогне да даде свој придонес со својот либерален, но и практичен пристап и да отвори можност овие генерации да бидат успешни во нивниот спортски дух, но и во нивниот образовен развој – изјави Сефер Цаноски, претседател на Управниот одбор на Американскиот универзитет на Европа – ФОН.
Водечките е-спорт организации денес се составени од кадар на луѓе што овозможува организацијата да функционира на највисоко ниво. Професионалните тимови имаат свои тренери, специјалисти за маркетинг и односи со јавноста, спортски менаџери, адвокати итн.

– Голем број млади луѓе во нашата држава и низ светот мислат дека единствената опција за професионално занимавање со е-спорт е да се биде професионален играч. Нашата заедничка цел е да ги претставиме и другите можности во е-спортот за почнување професионална кариера – изјави Бобан Тотовски, претседател на МЕСФ.
Американскиот универзитет на Европа – ФОН, со своето долгогодишно искуство и познавање на е-спортот, заедно со Македонската е-спорт федерација, ќе развие програма за едуцирање на младите генерации што сакаат својата кариера да ја насочат кон оваа индустрија. Американскиот универзитет на Европа – ФОН е приватна високообразовна институција основана во 2003 година како Факултет за општествени науки. Со непрекинати инвестиции во својот развој, универзитетот се ребрендира во 2020 година во Американски универзитет на Европа – ФОН, следејќи ги светските трендови во високото образование. Сега, како водечка институција во приватното образование, нуди програми на прв и втор циклус студии со фокус на светските стандарди и стимулирање на конкуренцијата. Постигнати се значителни успеси со над 10.000 завршени студенти, што го потврдува неговиот ангажман за квалитетно образование и трансформација на заедницата. Мултидисциплинарниот пристап истражување – практика има стратегиска улога во пресретнување на потребите на претприемаштвото и адаптирање на студентите на промените во светот денес.
Американскиот универзитет на Европа – ФОН останува фокусиран на трансформација на животот и заедницата преку квалитетно образование. Г.И.