Ако се поништи Преспанскиот договор ние излегуваме од НАТО. Просто кажано, ќе нѐ исклучат од организацијата. Ако таа госпоѓа (се однесува на Гордана Силјановска-Давкова – н.з.) мисли дека самостојно можеме да ја обезбедиме нашата безбедност, на сите граѓани, на границите, на државата подобро тоа треба да го каже. Тоа е опасен авантуризам. Значи, 30 години сите политички гарнитури не случајно се обидуваа да влеземе во НАТО за да добиеме тапија за нашата безбедност за век и веков. Ова го нагласи кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски вечерва во Гевгелија, во одговор на прашање на граѓанка за негов коментар за поништување на Преспанскиот договор.
– Поништувањето на Преспа, ако навистина го мисли тоа (се однесува на Гордана Силјановска-Давкова – н.з.), е најголема политичка глупост и трагедија во исто време, затоа што ќе останеме потполно сами – истакна Пендаровски.
Претходно, Пендаровски се обрати на средби со граѓаните во Дојран, Богданци и Валандово каде подвлече дека немал причини да го бојкотира вториот круг, зашто ќе победел на изборите и со тоа одговори на обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ќе го бојкотирал вториот круг.