Кина сака да ја зајакне својата стратешка соработка со Русија, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на средбата во Пекинг со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Кина ќе го поддржи стабилниот развој на Русија под водство на Путин. Пекинг и Москва ќе продолжат да ја зајакнуваат својата стратешка соработка на светската сцена и ќе си пружат сериозна взаемна поддршка. Народната поддршка е извор на напредок за Русија. Верувам дека под решително водство на претседателот Путин, рускиот народ ќе има светла иднина – додаде кинескиот министер за надворешни работи.
Сергеј Лавров се заблагодари за поддршката што Пекинг му ја изрази на Путин по неговиот неодамнешен реизбор.
– Кинескиот претседател Си Џинпинг беше меѓу првите кои му честитаа на претседателот Путин и ние сме благодарни на нашите кинески пријатели за нивната поддршка – му рече Лавров на Ванг Ји.
Тој истакна дека „Русија и Кина ќе продолжат да соработуваат во борбата против тероризмот“ и се заблагодари на кинеската страна за сочувството во врска со терористичкиот напад во московскиот регион на 22 март оваа година.
– Благодарение на нашите лидери, сеопфатните и стратешки односи на Русија со Кина достигнаа невидено ниво. Реизборот на Владимир Путин дава дополнителни гаранции за континуитет во сеопфатното зајакнување на овие односи – истакна Сергеј Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи вчера пристигна во дводневна посета на Кина. Лавров и Ванг разговараа и за безбедноста во азиско-пацифичкиот регион и војната во Украина.