На покана од градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ бев на нивната рокенрол-забава. Супер си поминав. Сретнав многу стари рокери чија музика ми се плетела низ соништа и фантазии. Секако дека изгледав постаро од сите тие стари рокери, јас сум роден стар, мислам физички, не според мудроста, тоа сите огледала отсекогаш ми го кажувале. Сеедно, си поминав многу убаво, благодарам за поканата. Дома се прибрав нешто по полноќ. Уште една чаша пиво пред спиење. Се фаќам за мобилен. На Фејсбук… возбуда. Ристо Вртев на конвенција кај Пендаровски. И музиката на „Архангел“, нормално, ми се плетела низ јаве и соништа. Ама ете го и Димитар Апасиев. Фатил гитара, ја пее „Wish you were here“ од „Пинк флојд“. Да не ви објаснувам сега колку тој бенд ми значи. Не ми е тоа поентата. Зјапам во мрежата и мојот измрцварен ум веднаш почнува да аздисува. Чекај малку, јас на рокенрол-журка кај ВМРО-ДПМНЕ, Вртев со СДСМ, Апасиев во Роџер Вотерс филм, хм, кај сме тргнати ние, на избори или на Вудсток. Што е следно? ДУИ свират кавери од „Крим“ пред руска амбасада?
Сега веројатно си велите, конечно белиов нешто да напише за изборите, глуми колумнист, а ние веќе влезени во кампања, да видиме што има да каже, оти досадно стана да нè вози низ неговите чудни реченици. Така е, малку и јас да запливам низ филмот „Страв и параноја во Нордистан“, па затоа ги повикав на помош моите духовни учители Џон, Ерик, Мајкл, Греам, Тери и Тери.
Имаме нови партии. Граматички им се навртеа на глаголите. ЗНАМ и ВРЕДИ. Мојот забеган ум веднаш прави глаголски коалиции, „Знам… вреди!“ И јас утре ако направам своја партија, ќе се држам со глаголи. Ги гледам и насловите по медиуми: „Русјаков ја претстави својата дијалектно нихилистички ориентирана партија (од дијалект, не од дијалектика) која ќе дејствува под името НЕЌУ“. Веднаш ќе ја претставам и мојата глаголска опозиција на партијата НЕЌУ што веќе сум ја создал, па ќе ги чекам насловите: „Русјаков создаде и опозиција на својата партија која ќе се бори против НЕЌУ под името ШКРИПИ“. Потоа ќе одам на дебата со сам себе.
„Русјаков, ќе се соочиш ли ти со политичката реалност?“, ме прашува Меси од Канал 5, а јас како од пушка, „НЕЌУ да се соочувам со ништо, НЕЌУ ни да воочам што било, оти и соочам и воочам имаат врска со очи, а јас ништо не гледам!“ Меси од Канал 5 се врти од лидерот на НЕЌУ то ест јас, кон лидерот на ШКРИПИ, односно кон мене. Смислува како да ме издрибла, мене Салах ми е, двор ми е, па прашува: „Русјаков, дали Нордистан има друга алтернатива освен ЕУ?“ Јас веднаш испуштам звук на неподмачкана врата во комбинација со триење на две парчиња морска пена.
Се појавија и првите слогани. За твоја Македонија. Нема откажување од иднината. ДА за Европа, НЕ за Русија. За да се прашува Македонецот. Не знам дали им се тоа официјални слогани со кои партиите влегуваат во трката за гласови, не сум истражил, ниту планирам такво нешто, ама тоа ми прелета пред очи, па ќе се задржам на нив и не… нема да ви кажам какви зборовни комбинации извади мојот перверзен ум од нив. Ќе се држам до самите слогани.
Омилена ми е туристичката понуда, ДА за Европа, НЕ за Русија. Иако има географска статистичка грешка. Треба да дообјаснат. Нешто како, ДА за Европа без европскиот дел на Русија, НЕ за Русија вклучително и нејзиниот азиски дел. Претпоставувам дека марксистичко-ленинистичкиот туроператор, ДУИ транс ќе ја почне туристичката кампања од Грушино, па преку Бородино, централниот митинг ќе го заврши во Мариопол. Со гитарата на Клептон во позадина и рефрените на „Крим“, секако.
По туристичкиов слоган, ме возбуди и она „За да се прашува Македонецот“ на Левица. Далеку подобар слоган од онаа реклама за сушална за алишта, „Ќе висите заедно“. Не мислам дека ако победи Левица, Македонецот ќе се прашува што, по ѓаволите, го снашло, јок, тоа е на прва топка. Јас навлегов малку подлабоко во суштината. Нели Левица почитува ликови како Тито, Ленин, Сталин, Енвер Хоџа? Е па, ќе се прашува Македонецот. Онака, со сета позната иконографија како темна канцеларија, вентилатор во позадина, раката на прашувачот милува парче мраз… и кај беше ти вчера Русјаков? Со кого се сретна? Што разговаравте? Ајде, ајде, ние знаеме сè, твое е само да признаеш! А бе, кажи си, гукни, пеј другарче… и така натаму.
За твоја Македонија! За моја Македонија? Твоја бе, твоја! Македонија? Аман, да… за твоја Македонија. А бе, да, ама ене го Јоргос, трча споулавен како животот да е маратон, трча и се дере, „Охи, твоја Македонија, малака, моја Македонија, моја… твој Нордистан, малака!“ И сега што правиме? Јас да си прашам, оти Македонија си е моја и секогаш ќе биде моја во срцево, ама околу мене, Нордистан е, тоа е сегашнава реалност, а така ако остане, ќе биде НЕЌУ и ќе ШКРИПИ како неподмачкана врата.
Нема откажување од иднината… речи ѝ НЕ на дрогата! Прекрасен слоган, јас само морав да ви го откријам целосно. Стварно, дечки, од каде го извадивте ова генијално решение? Мојот силуван ум, тормозен од новата нормалност низ која пловиме со фрлено сидро, црпнати и фрлени далеку од здравиот разум, веднаш се прашува… а бе, ова на онкологија да не го слушнавте? Ајде, ајде, нема откажување од иднината и цап… плацебо, а паричките од вистинскиот лек… џглаб во џебот. Да бе, знам дека е ужасно морбидно, ама ако Нордистан е реалност, како во претходниот пасус, тогаш така звучи неговата стварност.
Туку кај што има кампањи, има и маркетинг, експерти, спин-доктори. ВМРО-ДПМНЕ објави информација за некој еврејски гуру, експерт за рушење опозиции, најмен од СДСМ да им скрои стратегија за избори. Јас веднаш си го замислив кутриот, оставен да се снаоѓа сам на „Бихаќска“, оти нели он гениј, па овие одма отишле на кафе и ете го човекот, мора да почне сè сам од почеток, учи македонски, се поти над кирилицата за да сконта каде е и оп… наместо ИДНИНАТА, добивате ИДИНИНАТА. Е добро де, утнал една буква. Па, вчера почна да ја учи македонската азбука. Не ми е тоа муабетот. Вмровците ни открија кој ја води стратегијата на СДСМ, ама зошто не ја откриваат нивната маркетинг-агенција? Јас ќе ви откријам. Од доверливи извори дознав дека ВМРО-ДПМНЕ ја има ангажирано најдобрата агенција за изборни кампањи, и тоа бесплатно. Се вика СДСМ.