Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе возврати на сите обиди да ѝ се наштети на земјата, бидејќи Израел се подготвува за можен ирански одговор на убиството на главниот командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда во Сирија, за што Техеран го обвини Тел Авив.
– Иран со години дејствува против нас, директно и преку полномошници. Затоа Израел дејствува против Иран и неговите полномошници дефанзивно и офанзивно – рече Нетанјаху на состанокот на безбедносниот кабинет по телефонскиот разговор со американскиот претседател Џозеф Бајден, пишува „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека Израел ќе знае како да се брани и ќе постапи по едноставен принцип и „да им наштети на оние што му штетат или планираат да му наштетат“.
Можноста Иран да возврати на наводниот израелски воздушен напад во понеделникот, врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск, предизвика загриженост за евентуално поттикнување поширок конфликт, иако два ирански извора изјавија за „Ројтерс“ дека одговорот на Техеран ќе биде внимателно проценет за да се избегне ескалација.
САД, пак, ги поздравуваат последните одлуки на Израел да дозволи доставување поголема хуманитарна помош во Појасот Газа, но нивниот успех ќе се мери со резултатите на теренот, изјави денеска американскиот државен секретар, Ентони Блинкен. Зборувајќи со лидерите на ЕУ во Белгија, тој додаде дека САД ќе следат како ќе се одвива ситуацијата во наредните денови и недели, пренесуваат британските медиуми.
Блинкен рече дека Вашингтон „внимателно ќе ги следи“ специфичните индикатори како што е бројот на камиони кои пристигнуваат во Појасот Газа, како и проценката на ризикот од глад. Тој, исто така, изјави дека Израел мора да се погрижи населението да биде заштитено во нападите што ги врши во Газа со „максимизирање на сите напори за заштита на цивилите“.
Израелските власти одлучија привремено да го отворат пристаништето Ашдод за хуманитарни испораки и преминот Ерез во северниот дел на Појасот Газа, а ќе ја зголемат и количината на помош од Јордан, што влегува преку преминот Керем Шалом.
Американскиот претседател Џо Бајден му порача на Израел вчера дека САД ќе ја прекинат помошта доколку невини цивили продолжат да страдаат во Газа. За време на 30-минутниот телефонски разговор, Бајден му рече на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Израел мора да преземе итна акција за да ги заштити животите на цивилите и да дозволи храната да пристигнува во Газа или САД ќе ја намалат поддршката за воената кампања на Израел против Хамас.
Тој додаде дека нападите врз хуманитарните работници и тешките услови за живот на цивилите во Газа се неприфатливи. Да потсетиме, во понеделникот при израелскиот напад врз возилата на хуманитарната организација Ворлд сентрал кичн, загинаа седум хуманитарни работници, меѓу кои има државјани на Австралија, Британија и Полска и еден двоен државјанин на САД и Канада.
Телефонскиот разговор на Бајден со Нетанјаху укажува на значителна промена во неговиот пристап кон Израел по нападите врз хуманитарните работници. Поточно, администрацијата на Бајден очекува Израел да отвори повеќе премини за помош за Газа, да дозволи повеќе камиони со храна да пристигнат и израелската војска да обезбеди премин за хуманитарните работници.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави за новинарите дека Бајден бара Израел да преземе конкретни чекори „во следните часови и денови“ за да ги олесни тешките услови за живот во Газа. „Ако не видиме промени од нивна страна, ќе има промени од наша страна“, рече Кирби, а пренесува магазинот „Тајм“.