Портпаролот на меѓународните сили во Косово, КФОР, Винченцо Грасо, повтори вечерва дека косовската полиција во северна Митровица изведе акција за апсење на осомничени за убиството, извршено во јануари годинава, на лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ и дека нема што друго да му одговори на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Косовските медиуми ја објавија изјава на Грасо дека „косовската полиција во петокот наутро спроведе акција врз основа на налог издаден од обвинител на Специјалното обвинителство на Косово, во врска со убиството на Ивановиќ“.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека не му верува на КФОР и НАТО во врска со денешните случувања во северна Митровица и дека „КФОР намерно ја излажа јавноста“ за акцијата на косовската полиција во Митровица.
Во акција на косовските специјални полициски единици, РОСУ, рано утрово во северна Митровица беа уапсени четворица Срби, од кои тројца се осомничени за убиството на Ивановиќ. Двајца од уапсените се припадници на косовската полиција, а во акцијата е запленето и нелегално оружје и друг доказен материјал.
Оливер Ивановиќ, лидер на партијата Граѓанска иницијатива – Србија, Демократја, Правда (СДП), беше убиен пред партиското седиште, во близина на неговата куќа во северна Митровица, и до сега немаше речиси никакви информации за можните мотиви и сторители на убиството.