Националната химна е патриотска песна или музичка композиција што или е официјално признаена од Владата и Уставот на нацијата или е прифатена како таква со конвенција преку популарна употреба. Националната химна, како и другите национални симболи на една земја, ги претставува традицијата, историјата и верувањата на сите граѓани на таа земја. За време на изведувањето на националната химна, граѓаните на една нација, и покрај етничките разлики, стануваат едно и внимателно ја слушаат и/или пеат химната. Таа помага во всадувањето на чувството на патриотизам кај граѓаните на земјата, ги обединува и ги потсетува на славата, убавината и богатото наследство на нивната нација, таа ги прави граѓаните да се чувствуваат горди на нивната разновидна и прекрасна татковина, таа промовира единство во различноста и мултикултурализмот, ја пополнува потребата од емоционално исполнување каде што формата ја надминува суштината, ни вели дека треба да останеме и покрај целиот страв и хаос со кој сите заедно мора да се справиме, таа се доживува во заедништво со другите, таа ги спојува сите конци од различни народи во една голема коцка.
И тоа така перфектно функционира веќе со децении. Но што правиме кога како човечки суштества во одредени моменти сме сами, напуштени, кога самите ги водиме битките секојдневно, кога мислите ни се раштркани на сто места, кога срцата и душата се испокарани меѓу себе, кога дел од потсвеста вели дека е време да се тргне, а друг дел дека треба да се застане, кога едната нога сака да одмора, а другата веќе тргнала напред, кога сите ние не знаеме што да правиме со нашите внатрешни битки. А треба да се надмине тоа, да се вклопиш самиот во масата народ, да се живее со сите. Нели ни треба нешто (освен молитва), некоја искра што исто како што националната химна за сите националности ги спојува сите граѓани во една држава, нели ни треба нешто што ќе ги спои сите тие човечки делови во едно, кога целиот тој хаос треба внатрешно да се помири самиот со себе, да се смират сите тие делови помеѓу (душата, нозете, рацете, срцето, мозокот…) и да се тргне храбро напред.
Нели треба да си имаме своја интимна химна, која како вулкан ќе нѐ разбуди, како феникс ќе нѐ обнови, ќе ги спои скараните делови во нас самите. Тоа може да биде музика, песна со или без текст, која ќе ја знаеме напамет, да не мора да зависиме од носачите на звук и да ја употребуваме секогаш секаде само за себе. Националната химна е една и ја пеат сите, мојата интимна химна е само моја и се пее/слуша во себе за себе и таа треба да ги прати енергијата, аурата, судбината, хаотичноста и поредокот на тој што си ја избира како своја интимна химна.
Мојата интимна химна е „National Anthem“ од групата „Рејдиохед“. Тој минималистички почеток со бас и гитара, кои полека ги буди мозокот и телото по некоја непроспиена ноќ или тежок момент, меланхолично, кога сѐ уште не знаеш каде се сите твои делови од телото, мозокот, душата, потсвеста… Па во песната се појавуваат првите труби, саксофони, сајзери и одеднаш гледаш дека сите делови на телото се тука на тебе, но не се споени, не се разбудени.
Гласот на лидерот, пејачот, композиторот, Том Јорк, кој својот глас го користи како инструмент ја дополнува онаа какофонија од звуци. И одеднаш катарза, раѓање на световите, анархија во најсуров облик, милиони инструменти и звуци заедно, и во сето тоа провејува нишка на прекрасна мелодија, обоена со семпловите што ги управува гитаристот Џони Гринвуд. И во тој дел од песната почнуваат сите делови од човечкото тело, од душата до мозокот, да се караат меѓу себе, покажувајќи кој е побитен, и тоа трае за во еден момент полека музиката да се смири, исто како и целото човечко тело.
И доаѓа тоа чувство како самиот да се препородуваш, да почнуваш да функционираш, како некој нов почеток, чувствуваш како интимната химна да успева да те состави целосно. „National Anthem“ е можеби најдобрата песна на групата „Рејдиохед“ со еден текст од само неколку збора: „Сите/сите овде/сите се толку блиску/држи се/ сите/сите се толку блиску/сите имаат страв/ држи се“, кои имаат различно значење за секого. Тоа и го прави овој текст толку голем и едноставен, текст во кој се наоѓаат сите што сакаат да се најдат. Најдете си ја својата интимна химна и употребувајте ја кога ви е потребна, а таа ќе ви врати на ист начин на кој националната химна ѝ враќа на нацијата што си ја почитува, ѝ верува и си ја пее.
Љупчо Давчев