Законот за игри на среќа и забавни игри во трето читање на вчерашното попладневно продолжение на 145. седница не го доби потребното мнозинство од 61 глас и постапката за овој закон завршува, појаснуваат денеска од Собранието.
– Имајќи ја предвид Одлуката од Уставниот суд У.бр. 115/2019 од 14.05.2020 година, според која за да биде усвоен Законот потребни се најмалку 61 глас „за“, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, Законот доби поддршка од 51 глас „за“, со што не се исполнети условите за Законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој Закон – посочуваат од кабинетот на претседателот на Собранието.
Како што наведуваат од Кабинетот на Митрески, „констатацијата од страна на претседателот на Собранието при одлучувањето за Законот игри на среќа и забавни игри се однесуваше на мнозинството што е потребно за донесување на овој Закон во редовна постапка“.
Законот за игри на среќа и забавни игри беше донесен од страна на Собранието, но претседателот на државата Стево Пендаровски не го потиша указот за него и тој беше вратен пред пратениците во трето читање.