Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО) во најновиот извештај вели дека „може да се забележи напредок во имплементацијата на препораките упатени до Македонија“. Имено, во нашата држава, „четиринаесет од деветнаесет препораки се имплементирани во задоволителна мера или по нив е постапено на задоволителен начин, четири препораки се делумно имплементирани, а една препорака не е имплементирана – а се однесува на правосудството“!
Групата земји против корупцијата со оцени за успех на Македонија за усогласеноста на македонското законодавство со европските конвенции и норми
Вториот т.н. адендум (дополнување, додаток) на вториот извештај за усогласеноста на македонското законодавство со европските конвенции и норми ги оценува мерките што ги презема Македонија за спроведување на препораките дадени во извештајот за евалуација за четвртиот круг на евалуација на државата што се однесува на „спречување корупција кај пратениците, судиите и обвинителите“.
Извештајот за евалуација за четвртиот круг за Македонија беше усвоен на 62-та пленарна седница на ГРЕКО (6 декември 2013 година), а беше објавен на 17 март 2014 година откако беше одобрен од страна на Македонија. Соодветниот прв извештај за усогласеност беше усвоен на 72-та пленарна седница на ГРЕКО (1 јули 2016 година), а беше објавен на 12 октомври 2016 година.
Во вториот извештај за усогласеност усвоен од страна на ГРЕКО на неговата 80-та пленарна седница (22 јуни 2018 година) и објавен на 9 август 2018 година откако беше одобрен од страна на Македонија, беше заклучено дека Македонија имплементирала во задоволителна мера или постапила на задоволителен начин по шест од 19-те препораки содржани во извештајот од четвртиот круг на евалуација. ГРЕКО сметаше дека нивото на усогласеност е „генерално незадоволително“, па одлучи да ја примени постапката за „неусогласеност“.
Привремениот извештај за усогласеност беше усвоен од страна на ГРЕКО на неговата 85-та пленарна седница (25 септември 2020 година), а беше објавен на 2 октомври 2020 година, откако беше одобрен од страна на Македонија. Беше заклучено дека Македонија имплементирала во задоволителна мера или постапила на задоволителен начин по девет од 19-те препораки содржани во извештајот за евалуација од четвртиот круг. Следствено, нивото на усогласеност веќе не се сметаше за „генерално незадоволително“ во смисла на ревидираното правило 31, став 8.3 од Деловникот, па ГРЕКО ја прекина „постапката за неусогласеност“ во согласност со правилото 32.
Во адендумот (дополнување) на вториот извештај за усогласеност, усвоен од ГРЕКО на неговата 90-та пленарна седница (25 март 2022 година), а објавен на 4 јули 2022 година откако беше одобрен од страна на Македонија, беше забележан само скромен напредок. Девет од 19-те препораки биле имплементирани во задоволителна мера или било постапено по нив на задоволителен начин, девет препораки биле делумно имплементирани, а една препорака не била имплементирана.
Во согласност со Деловникот на ГРЕКО, властите на Македонија доставија т.н. ситуациски извештај со дополнителни информации во врска со мерките преземени со цел имплементирање на десетте препораки што преостануваат, а кои, во согласност со адендумот на вториот извештај за усогласеност, се имплементирале делумно или воопшто не биле имплементирани. Ситуацискиот извештај беше примен на 5 април 2023 година и послужи како основа за овој втор адендум на вториот извештај за усогласеност.
ГРЕКО ги избра Ерменија (во однос на парламентарните собранија) и Данска (во однос на судските институции) да назначат известувачи за постапката за усогласеност. Известувачите што беа назначени беа: г-ѓа Татевик ХАЧАТРИЈАН во име на Ерменија и г. Јонатан ГАСЕХОЛМ во име на Данска. Секретаријатот на ГРЕКО им помогна при изготвувањето на овој втор адендум на вториот извештај за усогласеност.
Поконкретно, препораките I (брзо продолжување со изготвувањето кодекс на однесување за членовите на Собранието и обезбедување дека идниот кодекс е лесно прифатлив за јавноста), VI,VII, VIII, IX, X, XI, XII (ГРЕКО препорача (I) дисциплинските повреди што важат за судиите јасно да се дефинираат и опсегот на санкции да се прошири со цел да се обезбеди поголема пропорционалност и (II) разрешувањето на судија да биде возможно само за најсериозните видови повреди со цел да се спречи можноста судијата да биде разрешен само доколку се утврди дека една од неговите одлуки го прекршува правото на судење во разумен рок), XIII, XIV (ГРЕКО препорача да се воспостави сет на јасни стандарди/кодекс на професионално однесување, придружени со појаснувачки коментари и/или практични примери што ќе се применуваат на сите обвинители.), XV (ГРЕКО препорача да се развијат правила и стандарди за обвинителите во однос на прифаќањето подароци, гостољубивоста и други предности и да се врши соодветен надзор над примената на овие правила.), XVII, XVIII (ГРЕКО препорача да се воспостават соодветни правни, институционални и оперативни мерки што ќе обезбедат попродлабочено испитување на изјавите за интереси и анкетните листови поднесени од страна на членовите на Собранието, судиите и обвинителите, особено со реструктурирање на процесот на верификација под водство на Државната комисија за спречување корупција) и XIX се имплементирани во задоволителна мера или по нив е постапено на задоволителен начин;
Препораките II (ГРЕКО препорача да се развијат интерни механизми и водичи во рамките на Собранието во однос на превенцијата на судир на интереси и прифаќање подароци, гостољубивост и други погодности и соодветно да се мониторира постапувањето по овие правила.), III (ГРЕКО препорача воведување правила за односите на пратениците со лобистите и трети лица што настојуваат да влијаат врз законодавниот процес.), IV (ГРЕКО препорача да се обезбеди (I) релевантните закони да предвидат санкции за сите повреди што ги пропишуваат и (2) да се преземат соодветни активности за извршување во сите случаи на повреда на правилата од страна на членовите на Собранието.) и XVI (ГРЕКО препорача да се ревидира дисциплинскиот режим што се применува за обвинителите со цел (1) јасно да се дефинираат повредите и (2) да се прошири опсегот на санкциите со цел да се постигне поголема пропорционалност, а особено да се обезбеди разрешувањето на обвинителите да биде возможно само за најсериозните случаи на повреди) се делумно имплементирани.
Препораката V (ГРЕКО препорача, со цел да се зајакне независноста на судството од несоодветно политичко влијание, да се укине членството по службена должност на министерот за правда во Судскиот совет) не е имплементирана.
Во адендумот, ГРЕКО изрази жалење за континуираниот недостиг од напредок во поглед на оваа препорака.
Властите сега упатуваат дека во периодот од 2019 до март 2023 година министерот за правда не учествувал на ниту една седница на Судскиот совет. Член 11, став 4 од Деловникот за работа на Судскиот совет („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 274/2019 и 186/2020 год.) предвидува дека на одредени членови на Судскиот совет, т.е. министерот за правда и претседателот на Врховниот суд, не им се доставуваат материјалите за работа за постапките во кои не учествуваат. Во согласност со оваа одредба, министерот за правда не добил никакви информации за предметите во кои се разгледува одговорноста на одреден судија и/или претседател на суд или за изборот на одреден судија и/или претседател на суд. Тоа значи дека министерот не може да изврши влијание врз овие постапки. Освен тоа, практикувањето „неучество“ на министерот за правда на седниците на Судскиот совет служи како еден вид заштита од можното политичко влијание на министерот врз работата на ова тело. Овој модус вивенди ќе се практикува и понатаму сѐ до усвојувањето амандман на Уставот со кој ќе се предвидат одредби за исклучување на министерот за правда од составот на Судскиот совет.
ГРЕКО ја нотира оваа информација. ГРЕКО е свесен дека оваа препорака бара уставен амандман и дека иако бил изготвен предлог во врска со ова прашање, тој не поминал успешно во Собранието. Образложенијата дадени од властите се исти како и во претходните извештаи: министерот за правда не учествува на седниците на Судскиот совет. Оттука, не може да изврши никаков притисок врз Судскиот совет.
ГРЕКО повторува дека секогаш постои ризик од политичко влијание и при отсуство на формално право на глас, па дури и при отсуство на формално и лично присуство на министерот за правда на состаноците поради што изразува жалење за континуираниот недостиг од напредок во поглед на имплементацијата на оваа препорака.
Во однос на пратениците, властите се повикуваат на напредокот во однос на рационализирањето на Кодексот за етичко однесување на пратениците, како и на развојот на програмата за обука на пратениците за примена на Кодексот и обуката за обучувачи заради идно подигање на свесноста за стандардите поврзани со етика и интегритет. Сѐ уште се работи на други промени. Ќе се обрне особено внимание на доверливото советување и менторство во идниот нов собраниски деловник, а интерните правила за Законот за лобирање се во подготовка во рамките на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието. ГРЕКО изразува жалење што нема подобрување во поглед на системот на санкционирање предвиден со ЗСКСИ.
Што се однесува на судството, ГРЕКО ја повторува загриженоста во врска со членството по службена должност на министерот за правда во Судскиот совет.
Во однос на обвинителите, единствената преостаната препорака се однесува на проширување на опсегот на санкции што се достапни за дисциплински повреди сторени од страна на обвинителите. Властите посочуваат дека оваа препорака ќе биде земена предвид при изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство. За таа цел, ГРЕКО би сакал да ги охрабри властите да го сторат тоа што е можно поскоро.
Со усвојувањето на овој втор адендум на вториот извештај за усогласеност се комплетира постапката за четвртиот круг на евалуација на Македонија. Сепак, властите на Македонија можат да го известат ГРЕКО за идни промени во однос на имплементацијата на преостанатите препораки II, III, IV, V и XVI.
ГРЕКО – Група на држави против корупцијата
Групата на држави против корупцијата (ГРЕКО) е тело за следење на (анти)корупцијата на Советот на Европа со седиште во Стразбур. Воспоставен е во 1999 година како проширен делумен договор од 17 земји членки на Советот на Европа. ГРЕКО, кој е отворен и за неевропски држави, моментално има 50 членки (48 европски држави, Казахстан и Соединетите Американски Држави). Од август 2010 година, сите членки на Советот на Европа се членови на ГРЕКО. Членството во ГРЕКО не е ограничено само на земјите членки на Советот на Европа, секоја држава што учествувала во изработката на проширениот делумен договор може да се приклучи со известување за генералниот секретар на Советот на Европа. Дополнително, секоја држава што ќе стане членка на кривичните или граѓанските конвенции на Советот на Европа за корупција автоматски пристапува кон ГРЕКО и неговите процедури за оценување.