Битка за вистинска демократија во Македонија

На Македонија, како држава и општество со мал опит во демократските води, ѝ треба најдобра демократија. Демократија што ќе го достигне врвот. Со маргинализирани државни институции, поради коруптивното однесување на партиите на власт, непотизмот и кронизмот, тешко дека ќе го постигнеме тоа. Она што во актуелниот миг ни е потребно е демократизација на самата демократија, јуридизација на политиката и правото, нова културна, политичка и изборна парадигма

(Првиот чекор е слободни, фер и демократски избори)

Македонски состојби: Глобали и детали за изборната вртоглавица (5)
(Homo politicus наспроти Homo transitionis)

Фељтонот во девет продолженија „Македонски состојби: Детали и глобали за изборна вртоглавица (Homo politicus наспроти Homo transitionis)“, од авторот Сотир Костов, на читателите им нуди сестрана анализа на појавите, процесите и односите во нашата држава и општество во целост, давајќи одговори на повеќе провокативни прашања: има ли демократија во политичките партии, зошто немаме демократска политичка култура, за аномичното општество и дали нашето општество е „едно општество за сите“, за алката/условот што недостига за владеењето на правото…

Ако ги анализираме сите досегашни избори во Македонија и извештаите за нив од ОБСЕ/ОДИХР, ќе забележиме дека стандардите слободни, фер и демократски избори се испочитувани само во 1998-та, 2002-та, 2006-та. Во сите други има безброј неправилности, недоследности и прекршување, како на меѓународните стандарди за избори така и на домашната изборна легислатива. Склони сме да не си ја признаваме оваа вистина, ама затоа, кога најмалку очекуваме, вистината ни експлодира во лице.
Така, честопати бевме сведоци на бедата и срамотилакот на парламентот, извршната власт, судството и контролните механизми на системот. Видовме државна и партиска корупција, злоупотреба на јавните фондови, злоупотреба на функциите во јавниот сектор речиси во сите јавни институции. Ова непримерно и надвор од законот однесување на сите наведени чинители е инфлагранти компромитација на принципите на правда, еднаквост (недискриминација) и владеење на правото.
Ништо повеќе нема да биде исто по аферите со Катица и СЈО, Рекет 1 и 2, собранискиот изборен инженеринг, и државната и партиска изборна корупција. Свеста за одговорна власт е падната на најниско ниво, а граѓаните изразуваат сѐ поголем цинизам кон јавните и практични политики на политичките партии. Победниците на нефер и недемократски избори секогаш ја живеат неудобноста, т.е. фатеноста во стапицата на „Проклетството на победникот“ (winner’s curse). Тоа е еден вид непријатно чувство кога задоволството на победникот е поматено од сознанието дека платил превисока цена за „победата“.
Значи, изборите, како комплексен политички чин, се индикатор и катализатор на видот и степенот на политичката социјализација и култура. На вонинституционален план, изборите се битни за создавање поволна психолошка клима, за стабилност на политичката заедница и за идентификација на граѓаните со неа, а на институционално-политички план, пак, резултатот на изборите, доколку тие се слободни и непосредни, е легитимно претставничко тело што ја презентира волјата на избирачите. Сакаме ли да ги достигнеме европското и светското демократско ниво, тогаш треба да знаеме дека ни претстои битка за вистинска демократија во Македонија. Зошто?

Најпрвин затоа што македонското општество е партиски фрагментирано до тој степен што на граѓанската активност (невладини организации, здруженија синдикати) често се гледа како на „продолжена рака“ на власта, а богами и на опозицијата. Етничките и политичките расцепи се длабоки. Како на филмска лента се надоврзуваат историските и општествените околности од 1990 година до денес: Недемократска транзиција како општествена деструкција; Нетранспарентна, срамна и неправедна приватизација на општествениот и државниот капитал; Создадена е голема армија на стечајци и невработени; Предизвикано е богатење на малцинството на сметка на осиромашување на мнозинството, што и ден-денес е во тек; Создавање мала група на посткомунистички олигарси; Дозволен е увоз на терористи и предизвикување етнички конфликт во 2001 година; Државата и општеството постојано се во политичка, економска и морална криза; Присутна е несфатлива несоработка помеѓу власта и опозицијата; Има сѐ поголем број масовно и неказниво кршење на човековите права (голем број новинари се судат и осудуваат за „вербален деликт“, поради непроменети документи – лични карти и патни исправи – на граѓаните им е нарушена слободата на движење, непочитување/погазена волја на граѓаните изразена на референдум); Корупцијата, кронизмот и непотизмот се сѐ помасовни и досегаат до врвовите на власта (безброј коруптивни афери во последните десетина години); Македонското општество е длабоко фрагментирано; Демократскиот процес е забавен и поткопан; Маргинализирана е партиципативната улога на граѓанинот во демократијата; Борбата за власт е бескрупулозна, жестока и нефер и во неа најчесто се користат недозволени и незаконски средства. Краен резултат на сето ова е 78-то место на Македонија на листата на „Економист“ за развој на демократијата. Според таквиот индекс на демократија, македонската демократија е оценета како хибридна и е во друштво на Ел Салвадор, Украина и Бангладеш.
Имајќи го предвид сето ова, на Македонија, како држава и општество со мал опит во демократските води, ѝ треба најдобра демократија. Демократија што ќе го достигне врвот. Со маргинализирани државни институции, поради коруптивното однесување на партиите на власт, непотизмот и кронизмот, тешко дека ќе го постигнеме тоа. Она што во актуелниот миг ни е потребно е демократизација на самата демократија, јуридизација на политиката и правото, нова културна, политичка и изборна парадигма.

Политичките партии мораат да се навикнат многу повеќе и уште подобро да соработуваат со граѓанскиот сектор. Во таа смисла, охрабрувањата за силна граѓанска култура се неопходни и повеќе од потребни – сега и тука. Само така граѓанската сфера ќе биде поттикната од власта, а од своја страна таа е нејзина културна основа. Кога на овој двоен сооднос власт/влада – граѓански сектор/граѓанско општество, ќе се додаде и економијата, го добиваме триножното столче на демократијата за кое зборува Ентони Гиденс, и додава дека тие треба да бидат урамнотежени (Ентони Гиденс, Забеган свет, Филозофски факултет, Скопје, 2003).
Вистинската демократија во Македонија може правилно да се развива и притоа да прогресира, а не да стагнира и регресира, само ако се направат структурни промени во основата на системот, ако на нив се надградат демократски односи на многу повисоко ниво од сегашното и ако процесот го водат лидери со демократски капацитети.
Само така блокираното македонско општество ќе биде одблокирано, активирано и насочено во демократски прогрес. Наедно, тоа е и првиот чекор за справување со забеганите политички елити, што на крајот ќе доведе до нивен неминовен пораз. Значи лидершип и борба за демократија. Ништо не доаѓа и не се добива без борба. Демократијата на лице изгледа како кревко цвеќе. Ама во суштина е жилава билка, способна да преживее, и покрај сите авторитарни атаки врз неа. Тоа е и причина повеќе да се истрае во битката за демократија во Македонија. Првиот чекор, пак, во таа битка за демократија се фер, слободни и демократски избори.
Треба да се знае и да се прифати дека легитимитетот во политиката произлегува не само од исходот на изборите туку и од однесувањето на клучните политички сили во текот на изборите, односно од нивното почитување на законски утврдената процедура. Почитувањето на процедурата, односно правилата на игра нормално резултираат со легитимен парламент и легитимна политичка елита што ја презентираат волјата на избирачите. Значи, за да биде трансферот на сувереноста легитимен, неопходно е, меѓу другото, изборите да бидат фер и слободни, односно да се почитува нормативно дефинираната процедура, и изборните субјекти во своето дејствување да бидат ослободени од каков било притисок.
Поради ова на изборите не се гледа само како на процедура преку која се избираат непосредно и периодично легитимни претставници на кои им се пренесува суверенитетот од народот. Тие се многу повеќе од таква процедура, бидејќи се и еден вид битен агенс во едукацијата на индивидуата и општеството. Тоа, пак, значи дека изборите, покрај напред наведената легитимирачка функција, имаат и култивизирачка функција кон граѓанинот и групите чиј член е тој. Поинаку кажано, тоа е учење на политичка партиципација, која придонесува за политичката едуцираност на гласачите, преку што тие стануваат посензитивни кон волјата на општествената заедница (Анета Јовевска, Изборните концепти во теориите на демократијата, ИСППИ, Скопје, 1999).
Значи, изборите, како комплексен политички чин, се индикатор и катализатор на видот и степенот на политичката социјализација и култура.

На вонинституционален план, изборите се битни за создавање: поволна психолошка клима, за стабилност на политичката заедница и за идентификација на граѓаните со неа, а на институционално политички план, пак, резултатот на изборите, доколку тие се слободни и непосредни, е легитимно претставничко тело што ја презентира волјата на избирачите.
Почитувањето на сите напред наведени изборни принципи на избирачкото право е суштинско за демократијата. Тоа овозможува демократијата да биде изразена на различни начини, но во законски определени граници. Поточно, принципите мора да бидат сместени во нивниот контекст и мора да биде гарантиран кредибилитетот на изборниот процес. Во овој контекст два момента се многу битни: прво, фундаменталните права мора да бидат почитувани, и второ, стабилноста на правилата мора да биде таква што ќе исклучи секаков сомнеж за манипулација. Ова подразбира, процедуралната рамка да овозможува определени правила да бидат имплементирани на ефикасен начин, нешто што го гарантира квалитетот на изборите, пред сѐ гледано и проценувано низ призмата на „слободни“, „фер“, „демократски“ и „кредибилни“ избори.

Сотир Костов

(продолжува)