Ида Мантон

Наспроти бугарското селективно толкување на правата на малцинствата (спротивно и на востановените меѓународноправни норми, а според очигледно нивните анахрони резони), во европските регулативи за човековите права апсолутно на висок степен се издигнати почитувањето на правата на малцинствата и нивната инклузија, без оглед на политичкиот систем во одредена држава…

Претседателот на Бугарија пронајде антиевропско однесување во секое споменување на постоење на
малцинства во неговата земја

Бугарскиот претседател Румен Радев со толкување според своите потреби на меѓународните стандарди за почитување на основните човекови права се обиде да го прогласи како „антиевропско однесување“ секое споменување малцинства во неговата земја, особено на македонското малцинство. Притоа, со тон на закана спрема македонските политичари, предупредува дека „споменувањето на македонското малцинство во Бугарија ја оддалечува Македонија од членството во Европската Унија“ (?!).
– Очигледно некои политичари во Македонија се обидуваат да ја дознаат реалноста на потешкиот начин. Тоа не им прави ништо добро. Напротив, досега имаа доволно поводи и настани за да се убедат дека нивното антиевропско однесување и однос кон нашата држава на ниту еден начин не им носат придобивки и ги оддалечуваат од нивното членство во Европската Унија -е дел од изјавата во јавноста на претседателот на Бугарија, Румен Радев.

Европските институции треба да ја потсетат Бугарија дека е потписник на декларации и резолуции за човекови права!

Факт е дека кај носителите на власта во Бугарија постои „специфично селективно гледиште“ на третманот на универзалните човекови права, особено на малцинските прашања како нераскинлив дел на оваа тема. Таквото нивно извртено гледиште (што е далеку од стандардите и регулативите на ЕУ по тој основ) не ја спречува Софија да ја уценува Македонија за почетокот на преговорите со ЕУ и да бара права и да измислува бугарско малцинство во земјава. За непочитувањето на правата на македонското малцинство, Бугарија има добиено пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои одбива да ги спроведе речиси дваесетина години! И сега, како што коментираат нашите соговорници, кој е тој што демонстрира „антиевропско однесување“?!
Игнорирајќи ги правната логика и обврските спрема Универзалната декларација за човекови права на ОН, односно правата на императивните норми и принципи (како што е правото на основните човекови поединечни и колективни права, потоа правото на изјаснување за идентитетот…), вклучувајќи и реципроцитет кога станува збор за правата на малцинствата, официјална Софија сега бара од Македонија да ги внесе Бугарите во својот устав, како услов за почеток на преговорите со ЕУ. Таа успеа да издејствува таквиот услов да биде внесен во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, што сепак не е прифатливо за македонската страна, па отворањето на поглавјата во преговорите со ЕУ е статус кво. Но очигледно постоењето на бугарскиот услов во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија му „дава право“ на бугарскиот претседател прашањето за третманот на малцинствата, кои не се по негов вкус, да го прогласува за „антиевропско однесување“.
– Бугарскиот претседател Румен Радев евидентно може да си дозволи да каже дека да се зборува за правата на малцинствата е „антиевропски“, но крајно време е таквиот негов наратив да ги алармира европските институции, како Европската Унија, ОБСЕ, Советот на Европа и ООН… и да го подучат потсетувајќи го и на препораките од пресудите од Стразбур! Европските институции треба да ја потсетат Бугарија дека е потписник на декларации и резолуции за човекови права, но и да ѝ наложат да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур и да им ги овозможи на нејзините граѓани што се изјаснуваат како Македонци индивидуалните права и слободи (мислење и изразување, мирољубиво здружување) и услови да ја зачуваат својата национална и културна посебност. Малцинските права се дел од основните човекови права, дефинирани според Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, на кои е членка и Бугарија и не смее да се иззема од таквите обврски на меѓународното право, „правдајќи“ се дека тоа е дозволиво во нивниот политички систем. Не може државите, па ни Бугарија, да ускратуваат универзални права и слободи, без оглед каков политички систем имаат воспоставено. Универзалното човеково право треба да биде вградено и неприкосновено во политичкиот систем на секоја земја членка на ОН – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.

Не може една држава да се изземе од обврската да ги почитува правата на
малцинствата зашто самата вели дека не ги гледа/препознава малцинствата

Наспроти бугарското селективно толкување на правата на малцинствата (според нивниот политички интерес), во европските норми за човековите права секако на висок степен се издигнати почитувањето на правата на малцинствата и нивната инклузија, без оглед на политичкиот систем во одредена држава.
– Неоспорен факт (и според пресудите на Европскиот суд за човекови права) е дека во Бугарија постои етничка група на луѓе што се изјаснуваат како Македонци и државата треба да им обезбеди услови тие да ги уживаат универзалните човекови права како малцинство, а не да бидат потиснати и маргинализирани. Во меѓународните документи овие права се регулирани и тоа четиво мора да им се понуди на политичарите. Ќе набројам неколку – Меѓународниот договор за граѓански и политички права, Декларацијата за права на лица припадници на етнички, религиозни и лингвистички малцинства, Рамковната конвенција за заштита на национални малцинства на Советот на Европа и Европската повелба за регионални и малцински јазици, како и Копенхашкиот документ од 1990 година и Хелсиншкиот од 1992 година на ОБСЕ и препораките на високиот претставник за национални малцинства на ОБСЕ (Љубљана, Болоња) итн. Во европските норми за човековите права постои заштита од недискриминација (Декларацијата од 2000 година за еднаков третман на личноста независно од расната и етничката припадност). Не може една држава да се изземе од обврската да ги почитува правата на малцинствата зашто самата вели дека не ги гледа малцинствата, па затоа не постојат. Да биде парадоксот поголем, иако Бугарија се прави дека не го гледа македонското малцинство кај себе, во Македонија бара Бугарите да бидат внесени во Уставот како државотворно малцинство, без никаков реципроцитет. При такви барања, правната логика укажува на важноста на реципроцитетот. Со оглед на целата континуирана ескалација во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, поврзана со прашањата за малцинствата, надлежните европски институции треба да направат неутрален пресек и анализа на состојбата – колку луѓе се изјаснуваат како Македонци во Бугарија и да дадат обврзувачки препораки како Бугарија да ги почитува правата на своите граѓани што припаѓаат на етничко или религиозно малцинство. Без тоа, и понатаму ќе имаме празни наративи и уцени што политички ќе ја злоупотребуваат оваа состојба со малцинските прашања – вели професорката Ида Мантон.


Сем Вакнин

Сем Вакнин: Меѓународен суд за малцински права како решение за проблемите со правата на малцинствата?

– Што е малцинство и од каде произлегуваат неговите права?
Малцинство е група на луѓе што се самоидентификуваат и се самоопределуваат како малцинство врз основа на етнички, јазичен, културен, верски или национален идентитет и евентуално се дискриминирани поради тоа што се малцинство.
Правата на малцинствата се вградени во голем број билатерални и мултилатерални договори и во меѓународното право, вклучувајќи и декларации на ОН. Во некои случаи, малцинствата се експлицитно признаени и идентификувани во државните устави и на тој начин се заштитени од прогон или обдарени со автономија и посебни привилегии.
Овие заштити вклучуваат: право да не бидеме истребени или насилно раселени; право да не бидат присилно асимилирани и да се користат јазикот и културата заеднички за припадниците на малцинството; недискриминација и еднаквост пред законот, институциите и на работното место.
На припадниците на малцинствата треба да им се дозволи и да се охрабруваат да учествуваат во јавните работи, политиката, културата, образованието, општеството и економијата на земјата домаќин. Тие треба да бидат застапени во сите институции, да бидат консултирани и да придонесат за вистинското одлучување.
Судовите на земјата домаќин треба да ги заштитат малцинствата од каков било обид за повреда на нивните права и слободи и да ги спроведуваат кога и каде што е применливо.
Ова е благородната теорија. Реалноста е многу полоша. Многу поголем проблем е неможноста да се договорат за објективна, неутрална дефиниција на малцинството.
Низ историјата и до денес, мнозинството или моќните популации одбиваа да ги признаат другите како обесправени малцинства со заедничка култура и историја.
Овој раздор често се пренесувал во оружен конфликт или целосно задушување, па дури и геноцид.
Решението е да се формира меѓународен суд за малцинствата, со овластување да им додели статус на малцинство на апликантите, прегледувајќи ја историјата на групата и консултирајќи се со експерти од неутрални територии – пишува професорот Сем Вакнин за „Нова Македонија“ за можните решенија на меѓународната заедница за предизвиците со правата на малцинствата.