Она што се случи со поранешниот премиер Никола Груевски кој избега од државата нема да влијае врз членството на Македонија во НАТО, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која присуствуваше на Денот на високи гости на Криволак.
– Можам да Ве уверам дека ова што се случи со поранешниот премиер Груевски, кој избега од државата по изрекување на судска пресуда, не може да падне на сметка на Македонија и нејзините НАТО аспирации. НАТО условите се многу јасни. До овој момент дискусиите во рамки на НАТО Алијансата не се фокусирале на ова, меѓутоа доволно е да ги погледнете дебатите во ЕУ и да сфатите дека на друга адреса се упатуваат прашањата, а неподелен е ставот и оценката на сите земји членки на НАТО дека работите во Македонија во поглед на функцинирањето на правната држава и на изградбата на овие институции се во нагорна линија. Се разбира, никој не вели дека ситуацијата е совршена, но политичката волја и резултатите од овие промени се видливи, рече Шекеринска.
Таа оцени дека истрагите, обвинителните акти и пресудите покажале оти правдата и правната држава мора да функционираат за секој независно дали е поранешен или сегашен функционер.
Во однос на НАТО аспирациите, Шекеринска очекува наскоро да биде подготвен протоколот за пристапување во НАТО Алијансата и во првото тримесечје од 2019 година да бидеме де факто дел од Алијансата.
– На Самитот на НАТО во јули ја добивме поканата, ги почнавме и успешно ги завршивме пристапните разговори. Она што е јасно е дека во моментот кога во Македонија ќе заврши процедурата на уставни измени, бидејќи претпристапните разговори ги завршивме успешно, очекуваме во кусо време да биде подготвен протоколот за пристапување во НАТО алијансата и во првото тримесечје на 2019 година да станеме де факто дел од Алијансата и седнати на иста маса со земјите-членки. Потоа ќе почне процедурата на ратификација на договорите со секоја земја-членка на министерскиот состанок на почетокот на декември и ќе биде уште еднаш изразено задоволството од двете страни од успешно завршените преговори меѓу РМ и НАТО. Пораката ќе биде испратена дека сите земји членки се согласни оти РМ го заслужи членството во НАТО, рече Шекеринска.