Мистериозното бегство од државата на Никола Груевски, поранешниот претседател на Владата и долгогодишен претседател на најголемата политичка партија, и натаму е главна тема во Македонија. Околу неговото заминување се шири палета на претпоставки, сомнежи и шпекулации што се движат од тоа дека е предаден, дека е намерно испорачан во Унгарија до тоа дека можеби бил киднапиран. Текстот што следува не ги разгледува тие дилеми низ политичко-правни толкувања, туку низ еден поинаков ракурс, низ призмата на неколку познати изрази преземени од таканаречената популарна лингвистика.
Кој го натера да побегне и кој го предаде Груевски? Еден од одговорите може да биде дека него не го предаде власта, него го предаде неговата петта колона. Што е петта колона? Петта колона е термин што настанал за време на крвавата Граѓанска војна во Шпанија од 1936 до 1939 година, водена меѓу демократски избраната републиканска влада и побунетите фашистички генерали, на чело со Франциско Франко. Генералите, кои го имаа опсадено главниот град Мадрид, каде што беше седиштето на легалната влада, тешко можеа да ја пробијат народната одбрана. Во текот на најжестоката битка еден од генералите им испратил порака на мадриѓаните преку радио, која гласела: „Четири наши колони маршираат кон вашиот град, а петтата колона се наоѓа зад вашиот грб и наскоро ќе тргне во напад“. Петтата колона биле оние контрареволуционерни сили што дејствувале во заднината на опколениот Мадрид, оние што биле блиски до раководните политички структури, но кои неочекувано им го свртеле грбот и однатре го скршиле отпорот на бранителите на уставната република.
Така првпат во историјата е запишан изразот „петта колона“. Подоцна тој стана вообичаена ознака за организации, групи или поединци што со пропаганда, шпионажа, саботажа, со поткуп и со диверзии дејствуваат од заднина во корист на непријателот. Со петта колона се означуваат и соработници и платеници на непријателски странски сили што работат против својата земја не само на воено-политички туку и на економски и на секаков друг план. Така, на Груевски му се случи петта колона од заднината на неговите редови, меѓу кои, секако, се вбројуваат наводно верните и лојални осумте пратеници од неговата партија.
Доколку тие не ги урнеа плановите на партијата и не гласаа за амандманите, поточно за промена на името на Република Македонија, сѐ ќе беше поинаку. Ситуацијата ќе беше поусложнета, ќе имаше вонредни избори, водата ќе се заматеше, ќе ги користеше сите финти и лавиринти за спас и немаше да бега. Ќе ги искористеше сите можности барем да не оди во затвор, иако тешко е да се поверува дека ќе се вратеше на политичката сцена, особено не без дозвола на странците што управуваат со Македонија. Но таа петта, која, во случајов заради бројката, може да го понесе називот „осма колона“, во голем дел му ја одреди судбината, му ја изрече доживотната пресуда на својот поранешен водач, пријател, патрон и долгогодишен заштитник. Без суд го осуди до крајот на животот да се плаши од сопствената сенка.
Не е мал бројот на шпекулациите што си фаќаат место во јавноста дека бегството е добро организирано, со волја и знаење на власта, тој да биде свесна жртва за полесно да се довршат почнатите процеси околу промената на името и да се замачкаат и оправдаат многуте неповолни состојби во државата. Оттаму се поставува прашањето дали Груевски е жртвен јарец за да се релаксираат состојбите, да се раскринка и доразбие неговата партија и да бидат отстранети сите можни пречки во идните политички планови на актуелната влада.
Од каде потекнува и што значи изразот „жртвен јарец“? Кај Старите Евреи постоел посебен обред посветен на прочистување и проштевање на гревовите. Обредот се изведувал еднаш во годината, на денот посветен на помирувањето меѓу луѓето. На местото на ритуалот се носеле два живи крупни јарци, од кои, по ждрепка, едниот бил јавно колен, а другиот ослободуван. Врз оној што останувал жив свештеникот на симболичен начин ги пренесувал сите народни гревови направени претходната година. По тој чин јарецот го протерувале во пустината, прогонет таму да умре од глад и од жед и така низ неговото патење и страдање се очистувале и биле простувани колективните, туѓите гревови. Јарецот всушност бил жртвуван за луѓето да бидат ослободени од гревовите за лошите дела и за неправдите што ги сториле во меѓувреме.
Древниот еврејски обичај одамна не се применува, но остана обичајот заедничката вина за неуспех на некој потфат да се натоварува само на еден човек, на жртвениот јарец. Неговото прогонство без можност за враќање, неговата жртва е корисен прилог за прочистување на другите. Изгонетиот јарец со себе го понесува и злото, тоа престанува да биде товар на грешниот народ. Од друга страна, жртвен јарец се нарекува и човекот што ја носи туѓата вина, кој нема можност да се повика на правдата, кој не може да се брани и кој е осуден од средината уште пред да биде законски осуден. Преданието за жртвениот јарец што е раширено на сите континенти, го прикажува и настојувањето на човекот да ја префрли својата вина на друг и со тоа да ја задоволи сопствената нечиста совест. Вреди да се спомене дека во некои легенди, наместо јарец, се спомнува (или се преведува) јагне, како знак на невиност, споредба што не може да се употреби за Груевски.
Дали Никола Груевски по бегството и по експресното добивање азил во Унгарија и натаму може да биде јаболко на раздорот во партијата и во државата? Изразот „јаболко на раздорот“ е плод на древна грчка легенда, во која се замешани богот Зевс, трите најубави божици – Хера, Атена и Афродита, и славната љубовна двојка Парис и Елена. Од спорот меѓу трите божици, од постапката на божицата на злото Ерида, која го понудила златното јаболко, и од изборот на Парис на која да ѝ го додели јаболкото, романтичната легенда стана повод за десетгодишната Тројанска војна. Троја сигурно нема никаква врска со Груевски, но има врска што оттогаш до денешен ден изразот „јаболко на раздорот“ има значење на причина, на повод за кавги, за спорови и несогласувања.
Значи, прашањето е дали судбината на Груевски ќе биде повод за натамошни расправи, за натамошен раздор и поделба меѓу неистомислениците во државата, дали неговата судбина ќе биде предмет на кавги и спорови или ќе биде заборавен, како секое чудо за три дена. Ќе има ли големи несогласувања дали бил во право што побегнал или требало да си ја одлежи казната? Бил ли навистина виновен или е наместен преку прислушуваните разговори? Вистина ли е или лага дека му бил загрозен животот? Заслужил ли таков третман или неговиот случај можел да се реши на поинаков, поелегантен начин? Беше ли тој добар, успешен премиер или вистински криминалец? Го бранеше ли името или тоа му беше покритие да владее диктаторски и криминогено?
Останува да видиме дали сите овие прашања и натаму ќе бидат камен на сопнување меѓу двете партии и нивните членови и симпатизери или по големото новинарско телевизиско млатење празна слама, сите нешта ќе си легнат на брашното, онака како што од некаде, од повисоко, е планирано и остварено.