Некои работи мора да се менуваат. Ќе доставуваме наши предлози до соодветните власти и ќе ги искористиме наредните избори, при нашите средби со политичарите да им ги предочиме нашите видувања и нашите идеи, рече д-р Никола Мариновски, новиот претседател на УО на Регионалната стопанска комора на Прилеп

Прилеп

Стопанството во Македонија веќе подолг период се соочува со најразлични кризи – ковид-кризата, енергетската криза, но и немањето доволно квалификувана работна сила, а сите овие кризи се рефлектираат и врз прилепското стопанство. Дополнително во одредени сектори во изминатиот период се појавија доста проблеми, како што се во секторите за храна, кондиторските услуги, трговијата со производи на храна и слично, нaгласува д-р Никола Мариновски, новиот претседател на УО на Регионалната стопанска комора на Прилеп.
– Економската криза и мерките што ги донесе Владата со цел зачувување на стандардот на граѓаните и директната интервенција преку замрзнување на цените на одредени прехранбени производи, ги нарушија воспоставените бизнис-практики и нормалното планирање на профитот и инвестициите за во иднина. Притоа се предизвикаа инфлаторни движења што го намалија индустриското производство во Прилепскиот Регион. Од друга страна, пристапот до свеж капитал од банките за нови инвестиции дополнително се отежна преку зголемувањето на каматните стапки – објаснува Мариновски.
Тој вели дека предизвик на комората ќе ѝ биде поголема промоција на Пелагонискиот Регион, како во земјата така и во странство, и воспоставање посигурна и партнерска соработка со сите органи на државната и локалната власт, за да може бизнис-секторот полесно и побрзо да ги решава проблемите.
Според него, обемните законски процедури за најразлични предмети траат со месеци, ако не и со години, па затоа како комора мора да се обидат да ги акцентираат до надлежните власти за побрза услуга.
– Во западноевропските држави најголемиот процент од административните барања се дигитализирани и многу лесно се движат. Ние сѐ уште чекаме потпис од некој службеник или печат за некој документ или слично. Мораме да ги убедиме законодавците дека при носењето измени и промени на законски решенија треба најпрвин да отворат поширока дебата за носење поквалитетни решенија. Дополнително се редовните измени на законите. Има толку многу закони што не е можно еден стопанственик сите да ги познава. Од друга страна, секоја инспекциска контрола, без разлика од која природа, предвидува големи парични казни, како за правното лице така и за управителите. Некои работи мора да се менуваат и во тој правец. Ќе доставуваме наши предлози до соодветните власти и ќе ги искористиме наредните избори, при нашите средби со политичарите да им ги предочиме нашите видувања и нашите идеи – вели Мариновски, кој наедно е и член на Советот на Општина Прилеп.
Главните проблеми со кои се соочуваат стопанствениците во Прилеп, смета претседателот на комората, се недонесување нови детални урбанистички планови, проблемот со недостиг од работна сила и инфраструктурата.
– Една декада на локално ниво има забавен урбанизам. Нема правен субјект што не се жали за бавните и долги административни процедури за издавање дозволи за градби. Дополнително имаме стар и неразвоен ГУП, кој не соодветствува на барањата на стопанството, а кој е основа за идно планирање, односно за изработка на нови детални урбанистички планови. Како член на советот, а наедно и член на комисијата за урбанизам, континуирано ги нагласувам проблемите во интерес на стопанството. Поднесов четири иницијативи за изработка на ДУП во интерес на стопанските субјекти, кои веќе се прифатени од секторот Урбанизам и Советот на општината. Недостигот од работна сила, пак, може да се надмине заеднички меѓу образовните институции и бизнис-секторот. Како пример тука би го навел дуалното образование…. Подолго време го истакнуваме барањето за автопатско поврзување на Прилеп со Велес преку Дервен или Бабуна. До денес немаме наидено на разбирање. Успеавме да добиеме поддршка и од регионалната комора во Битола за оваа работа, но на крајот добивме автопат помеѓу Прилеп и Битола, кој сѐ уште не е започнат. Се надеваме дека брзо ќе се заврши и експресниот пат преку Плетвар, кој во овој момент изгледа како некое преодно, но не и трајно решение. Итно се потребни инвестиции и во железничкиот сообраќај и пуштање во промет на пругата кон граничниот премин Меџитлија – истакнува д-р Никола Мариновски, доктор на економски науки од Економскиот институт во Скопје, кој повеќе од 20 години дава свој придонес во приватниот сектор.