Фото: ШФМ

Целта на овие турнири е популаризација на шахот, како и зголемување на бројот на училишта во кои се имплементира шахот како изборен предмет, вели претседателот на Шаховскиот сојуз на град Скопје, Ѓорѓи Миновски

КАКО ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „ШАХ ВО ШКОЛИТЕ“

Како дел од проектот „Шах во школите“, на кој се работи активно во претходните две години, во дел од основните училишта во Македонија се организираат општински турнири во шах. Така, в четврток, во организација на Шаховскиот сојуз на Град Скопје (ШСГС), ќе се игра Турнир за учениците од основните училишта во општината Кисела Вода.
– Турнирот ќе се одржи во спортската сала на ОУ „Круме Кепески“, а ќе учествуваат 194 ученици, кои ќе бидат поделени во четири категории, момчиња и девојчиња од прво до петто одделение и момчиња и девојчиња од шесто до деветто одделение. Целта на овие турнири е популаризација на шахот, како и зголемување на бројот на училишта во кои се имплементира шахот како изборен предмет. Особено радува што на претходно одржаните селективни турнири во основните училишта забележавме дека има особен интерес за шахот помеѓу децата, а и на секој училиштен турнир имавме пријавено по стотина учесници – ни изјави претседателот на ШСГС, Ѓорѓи Миновски.
По општините Центар и Аеродром, Кисела Вода е третата општина од Скопје што се придружува на оваа иницијатива за организирање училишни натпревари, што е особено значајно за популаризацијата и за развојот на шахот во Македонија. Г.И.