Стратешките партнери, „Митилинеос“ и конкуренцијата

Сведоци сме на забрзана постапка за донесување специјални закони и специјални договори со стратешки партнери за изградба на когенеративната постројка „Митилинеос“ и три сончеви парка. Сведоци сме на бескрупулозно користење на позицијата власт, при што се отфрлаат, без сериозно образложение, ставовите на инженерите и професорите од секторот енергетика. Сведоци сме на притисокот врз пратениците во Собранието забрзано да се усвојат овие закони и да се потпишат договорите

Сведоци сме на забрзана постапка за донесување специјални закони и специјални договори со стратешки партнери за изградба на когенеративната постројка „Митилинеос“ и три сончеви парка. Сведоци сме на бескрупулозно користење на позицијата власт, при што се отфрлаат, без сериозно образложение, ставовите на инженерите и професорите од секторот енергетика. Сведоци сме на притисокот врз пратениците во Собранието забрзано да се усвојат овие закони и да се потпишат договорите.
Или, како што вели проф. д-р Д. Трајковски (преземено од opserver.mk):
„Зошто оваа штеточинска и отворено антинародна и антимакедонска влада се откажува од евтините кредити, во името на моќната грчка компанија, наместо самата да ги искористи за инвестирање во сопствени капацитети за ОИЕ? Не можеме да пронајдеме никаков друг мотив, освен лична корист за главните протагонисти на овој здружен злосторнички потфат… Нивната дрскост отишла толку далеку, што ниту се трудат да ги скријат трагите, туку се надеваат дека со надгласување во парламентот ќе ги протуркаат овие штетни договори. Дури и се фалат како ќе нѐ изиграат и дека ништо не им можеме. Откако будалиот ќе го фрли каменот во бунарот, потоа ни сто паметни не можат да го извадат… Ќе бидеме ставени пред свршен чин, бидејќи споровите нема да можат да се решат во државата, пред домашните судови, туку единствено пред меѓународниот арбитражен суд во Париз“.
Реализацијата на овие проекти е потребна и никој не го спори тоа. Единствено прашање е: кој да биде сопственик, Македонија или стратешкиот партнер. Кој да ја користи финансиската придобивка, стратешкиот партнер или македонските граѓани!
Со овие специјални закони/договори со стратешки партнери се кршат основните услови за рамноправно конкурентно инвестирање. Неправда во однос на претходните инвеститори. Спречување на други инвеститори што би сакале да инвестираат според пазарни услови!

Дали комисијата за заштита на конкуренцијата треба да реагира во однос на овие договорни услови, кои им нанесуваат штета на сегашните инвеститори и ги елиминираат другите потенцијални инвеститори?
Постројките од приватните инвеститори (домашни или странски) се изградени врз основа на постојната законска регулатива, без посебни однапред договорени придобивки (benefitions). Својот производ, електрична енергија од ФВ-сончеви колектори, или електрична и топлинска енергија од ТЕ-ТО Скопје, ја нудат/продаваат според пазарни услови на трговците со електрична енергија. Немаат однапред потпишани и со државни гаранции обезбедени долгорочни договори со државата со која им се гарантира целосен откуп на произведената енергија. Цената на топлинската енергија што се купува од ТЕ-ТО Скопје, АД „ЕСМ топлификација“ е само 41 отсто од регулираната цена што Регулаторната комисија за енергетика им ја има одобрено. Ако се изгради постројката „Митилинеос“, во согласност со договорот МОРА да се купи топлинската енергија од него. Мораш да ја преземеш енергијата или да си платиш, без обѕир дали си искористил. А му обезбедуваш над 50 милиони привилегии! Повторувам МОРА, дури и ако ТЕ-ТО Скопје понуди пониска цена за таа енергија. Дали овде има услови за рамноправна конкуренција? „Ако треба, и ќе ја затвориме ТЕ-ТО“ беше шеговита изјава? Дали ќе ја затвориме со декрет или ќе ја спречиме да го пласира својот производ на македонскиот пазар е исто. Да ве потсетам дека на таков начин, со спречување пристап кон топлификациската мрежа на постројката КОГЕЛ Север, инвеститорот банкротираше, постројката си ја купи АД ЕСМ. А токму тие не им дозволуваа пристап кон топлификациската мрежа. Ја согледувате аналогијата?
Во Македонија веќе има изградено и приклучено кон преносната мрежа околу 600 MW ФВ-колектори. Потенцијални инвеститори на над 2000 MW чекаат одобрување на поднесената документација (според информации од јавните гласила). Тие стопанисуваат на енергетскиот пазар при еднакви пазарни услови.
Со предлог-законите за три стратешки инвестициски проекти е предвидено вградување на нови 620 MW ФВ-колектори. На инвеститорите во овие стратешки инвестициски проекти им се гарантира долгорочен откуп со дефинирана цена, без обѕир на моменталната потреба. За да им биде појасно на читателите, ова значи дека производството од сопствените извори на електрична енергија ќе биде прекинато, за да се преземе производството од овие стратешки партнери. Или државата НЕМА ДА ЈА КУПУВА енергијата од досега изградените постројки. Ќе ги „пушти низ вода“, сами да се справуваат со нелојалната конкуренција создадена од Владата. Затоа што тие немаат договорна обврска државата (преку АД ЕСМ) да гарантира откуп! Тие инвестирале, враќаат кредити, ама нема да им биде редовно откупуван производот. Може да очекуваме нивно банкротирање?

Дополнително, стратешките партнери користат земјиште, локации што се најповолни во Македонија за таа цел. А тие локации, Македонија не може да ги користи за свои потреби во следните 30 години. Триесет години не си сопственик на своето земјиште, немаш суверенитет. Ниту можеш да влијаеш на динамиката на користење на таа енергија. Си презел обврска сѐ да купиш, иако не ти треба! Де факто не си суверен.
Калимеро ќе речеше „нема правда“, а јас прашувам дали органите на државата обезбедуваат услови за рамноправна конкуренција? Кој друг приватен инвеститор би градел когенеративна постројка во Скопје, ако ПРВО МОРА ДА СЕ ОТКУПИ енергијата од „Митилинеос“? Иако неговата цена е и со повисока цена од берзанската!? Ако во договорите се отстрани обврската задолжително да се откупува произведената енергија и да се доделува финансиска помош, УБЕДЕН СУМ ДЕКА ОВИЕ ПАРТНЕРИ ЌЕ СЕ ОТКАЖАТ од предвидените инвестиции! Немаат гарантиран откуп на производот. Мораат да ги почитуваат правилата на конкурентност – најниска цена, при најдобри услови и највисок квалитет. Конкуренцијата ќе ги сведе цените на енергијата на подносливо ниво! Со овие закони/договори не се постигнува тоа. Со прифаќање на овие закон/договори граѓаните на Македонија имаат зголемени финансиски обврски во следните 30 години.
Спречувањето на конкуренцијата се прави со подготвувањето на два основни документа: посебен закон за стратешко партнерство и посебен договор со стратешкиот партнер. Замислете законче за секој проект. Секој се разликува од претходниот. Да предвидиме по едно законче за секоја јавна набавка во Македонија? А јас сметав дека Законот е универзален документ, кој важи еднакво за сите (кај нас баш и не мора). Какви закони се менуваат двапати во ист ден? Недокваканите. Народот рекол: брза кучка, слепи кучиња раѓа. Ист ден две седници на влада, два формата на закон. Прво се најавува дека треба да се доработат, да се отстранат коруптивните елементи, да се усогласат со ЕУ-нормативи… Ама им се брза и, по неколку часа, сѐ е „обработено“, сѐ е „договорено“, сѐ е „усогласено“ (меѓу себе, што мора со ЕУ, и така сѐ уште не сме членки, иако 3-4 пати добивме датум…).
Кога се притиска, без определена потреба да се донесат овие закони во брза постапка, кога имаме техничка влада, јасно е дека нема друго оправдување освен лукративни придобивки. За потсетување дека Законот за стратешко партнерство е донесен во 2021 година. Изборот на стратешкиот партнер АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ ДООЕЛ Скопје е во мај 2023 година. Слично и со другите проекти. Што се чекало цела година за да се испратат овие закони и договори на одобрување во Собранието? Да се создаде „гужва пред гол“, па да се спротнат некако закониве? Со скратена постапка? На „балкански начин“? Некој да не спомна дека „смрди“ работава? Или корне?
Ако се прифатат овие закони/договори, тие се штетни и за енергетиката и за финансиската состојба на граѓаните во Македонија. Убеден сум дека определбата дали се штетни или не, се разликува меѓу нас, кои сакаме да ги изгради Македонија, и тие што инсистираат по секоја цена, набрзина, да се усвојат. Наша цел е придобивките од овие проекти да ги стекне Македонија, а намерата на предлагачите (во последна инстанца и пратениците во Собранието ако ги прифатат) дека треба придобивките да ги стекнат стратешките партнери.

Зошто молчат Стопанската комора, Сојузот на стопански комори, Комората на Северозападна Македонија, Комората на овластени инженери и архитекти? Што чекаат инвеститорите на овие досега изградени 600 MW ФВ-централи на сончева енергија? Дали разбираат што им се подготвува? Дали се информирани преку коморите? На општеството му треба нивниот став. Едноставно е: или се за тоа да бидат сопственост на Македонија или на стратешките партнери. Што чекаат? Избори? Па, да формираат став?
Што чека јавното обвинителство? Ако големината на штетата за општеството, изразена со милијарди евра, е јавно прикажана со пресметките? Допрен глас? Народната поговорка е „молчат како мачка под кошула“ (во оригинал е позвучна)! Дали е казниво здружувањето за да се направи финансиска штета на државата? Дали како терористичко здружување против државата се подразбира само скубење коса, фрлање бомби или и финансиско упропастување?
Зошто молчат академските институции, МАНУ? Дали сметаат дека тоа не ги засега? Или не се занимаваат со вакви „приземни“ проблемчиња, кога тие се ангажирани во сферата на светската наука?
Како ќе гласаат нашите пратеници? Дали ќе ја разберат големината на штетата? Незнаењето не е оправдување. Дали ќе сакаат да ја разберат? Што им е приоритет? Дали повеќе си ја сакаат татковината или партиската наредба?
Дали воопшто смеам да се сомневам дека имаат повисок приоритет од служење на татковината? Прв приоритет е татковината, втор приоритет е заштита на татковината, трет приоритет е љубов кон татковината, четврти приоритет е напредок на татковината, петти приоритет е…, десетти приоритет или подолу е партијата. А можеби и не сум во право! А?