Во финалниот дуел, екипата од Македонска Каменица славеше против МЗТ Скопје Аеродром со 67-39
КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“
Екипата на Баскет Кам од Македонската Каменица е победник на женскиот Куп на Македонија „Благоја Георгиевски–Буштур“, откако во финалниот натпревар, против бранителот на трофејот, МЗТ Скопје Аеродром, славеше со 67-39 (21-11, 24-9, 10-11, 12-8). Баскет Кам уште по првата четвртина имаше двоцифрена предност (21-11), а во таков стил продолжи до крајот на првото полувреме, кое го доби со 45-20. За Баскет Кам ова беше третпат во последните четири години да го подигне славеничкиот пехар во домашниот Куп, кој се одигра во СРЦ „Кале“ во Скопје.
Во победничкиот состав најефикасни беа Ивана Кметовска со 23 поени, 15 скока и една асистенција, која патем беше и прогласена и за најкорисна кошаркарка (МВП) на Купот, и Цветанка Димова со 19 поени, девет скока и три асистенции. Кај поразените, прв стрелец беше Кристал Томас со 16 коша, пет скока и една асистенција.
– Среќна сум за освојувањето на овој пехар, како втор наш во оваа сезона. Девојките изиграа одличен натпревар. Сите што добија минутажа одговорија коректно на нивните задачи. Не очекував дека за еден куп-натпревар ќе ни оди толку лесно. Сметам дека лесно ќе ја освоиме и шампионската титула, која претставува наша главна цел – рече тренерката на Баскет Кам, Жаклина Стојановска.
Претходно, во полуфиналните дуели, Баскет Кам ја победи Крива Паланка со 90-70, а МЗТ Скопје Аеродром беше поуспешен од Вардар со 69-64. Г.И.