Центарот за јавно здравје Скопје има прогласено епидемија и моментално на државно ниво има регистрирано 34 заболени од пертусис. Ја користам можноста да се обратам до сите граѓани, особено на родители кои имаат мали деца, најголемо достигнување во здравствениот систем е вакцинација. Затоа замолувам сите да пристапат кон вакцинација на своите деца, истакна денеска новиот министер за здравство во техничката Влада, Илир Демири, прашан за неговиот став за состојбата со пертусисот.
Според Демири, не би требало да се вратат во градинка, децата кои се невакцинирани.
– Прво треба да се вакцинираат, па после да се вратат. Мислам дека тоа беше еден од критериумите и препорака од Комисијата за заразни болести. Сите деца кои се вакцинирани треба да одат во градинка. Тие кои не се вакцинирани, треба да ги прашате нивните родители како ќе го организираат чувањето на детето – одговори Демири на новинарско прашање.