Кога некој ќе спомне раздвижени градови што се магнет за туристите, многумина прво помислуваат на Париз, Рим или Лондон. Меѓутоа, според „Евромонитор интернешнл“, ниту една од овие дестинации не се најде на врвот на листата на најпосетувани градови во светот во 2023 година. На врвот е Истанбул, кој имал најмногу меѓународни пристигнувања минатата година.
Економскиот и културниот центар на Турција во 2023 година пречекал неверојатни 20,2 милиони посетители, а се предвидува дека во 2024 година оваа бројка ќе се зголеми.
Земјата неодамна ги олабави барањата за виза за патниците од САД и Канада, а со неговото богатство од блескави културни знаменитости и спој на азиската и европската култура не е ни чудо што градот е толку популарен.
Толку многу туризам не е секогаш благослов – само „Аја Софија“ пречекува околу 3,5 милиони луѓе годишно, а влезот наскоро ќе ги чини посетителите 25 евра. Сепак, охрабрувачки е да се видат напори за зачувување на ваквите историски елементи на градот.
Лондон го зазеде второто место на листата, со 18,8 милиони туристи, а со оглед на тоа што бројот на посетители на градот се врати на нивото пред пандемијата, тоа не е шок. Дубаи е на третото место, со 16,8 милиони, а Анталија, уште еден турски град, е на четвртото место.
Листата на 10-те најпосетувани града во 2023 година, според „Евромонитор интернешнл“, ги вклучува: Истанбул, Лондон, Дубаи, Анталија, Париз, Хонгконг, Бангкок, Њујорк, Канкун и Мека.