Долго време квалитетот на политичарите е прашање што ги загрижува демократиите. Широко распространето чувство е дека политичкиот естаблишмент вообичаено не е најдобриот избор на луѓе што една земја може да го понуди. Политичката реалност сугерира дека политичките партии можеби намерно регрутираат само просечни политичари, и покрај фактот што тие би можеле да изберат многу подобри поединци. Она што е застрашувачки за една демократија е што просечните, медиокритетите, ја презедоа власта.
Македонија е најдобар пример за општество што бара од своите граѓани да бидат апсолутно просечни и да не се стремат кон ништо повисоко. Системот кај нас ги наградува интелектуално мрзливите и покорните, но го казнува и отфрла креативниот мислител, безумните вжештени глави што го осудуваат функционирањето на институциите на моќта. Просечноста бара од нас да се избегнуваат добри идеи, гордост во својата работа, сериозност и страст. Наместо тоа, медиократијата инсистира да бидеме прагматично подготвени да ги следиме постојните стандарди и да се усогласиме со состојбата на нештата. Да бидеме рамнодушни кон она што го произведуваме, да ги следиме наредбите губејќи ја од вид нивната баналност. Од сите нас се бара да бидеме послушни слуги на општествениот систем во кој не треба и не смееме да се сомневаме.
Но да бидам јасен: да се биде просечен не значи да се биде неспособен. Системот поттикнува подем на умерено компетентни поединци на штета на суперкомпетентни и неспособни. Секаде неспособните ги исклучуваат од системот (освен кај нас) зашто се неефикасни, а суперкомпетитивните затоа што ризикуваат и може да ги доведат во прашање системот и неговото функционирање. Критичкиот дух на медиокритетот мора да биде ограничен во одредени рамки, затоа што ако не е така може да претставува опасност за системот. Послушно виткање на кичмата на правилата има цел медиокритетот да се позиционира на социјалната шаховска табла. Главната карактеристика на просечноста е конформизмот, зашто медиокритетот на најмоќните им ја остава моќта на одлучување. Ваквиот став има тенденција да генерира корумпирана политика и институции.
Велат дека просечноста е положена во смртта на политиката, заменета со „владеење“. Во систем што се карактеризира со владеење, политичкото дејствување е сведено на владеење, поточно на „решавање проблеми“. Односно, барање итно решение за непосреден проблем, што исклучува секакво долгорочно размислување засновано на принципи и политичка визија, која се дискутира и се споделува јавно. Во режим на владеење, ние сме сведени на мали послушни набљудувачи, оковани во идентична визија за светот со единствена перспектива, онаа на либерализмот. Од политиката се лизнавме кон систем на владеење што тежнееме да го мешаме со демократијата, вели канадскиот филозоф Ален Дено. Дури и семантиката е наклонета кон просечноста: избалансирани мерки, правилни мерки, компромис. Тоа е она што Дено го дефинира со граматичка рамнотежа на „екстремниот центар“. Екстремниот центар не одговара на средната точка на оската десно – лева, туку се совпаѓа со исчезнувањето на таа оска во корист на единствен пристап и единствена логика. Токму тоа ѝ се случува на политиката во Македонија. Додека се обидуваат да ги одвојат гласовите едни од други, главните партии – конзервативците и социјалдемократите почнаа да ја окупираат истата пријатна, централнолевичарска територија на политичкиот спектар. Секое отстапување од оваа филозофска зона се осудува како „радикално“. Додека се обидуваат да го одржат овој балансирачки чин, политичарите сè повеќе даваат погрешни предизборни ветувања или се засолнуваат во празни изјави или дури и отворени лаги.
Просечноста, а јас би додал и неспособноста, во Македонија го креира политичарот медиокритет – или политичар без човечки квалитет. Униформноста во политиката денес, непосредно пред изборите, може да натера многумина да се чувствуваат огорчени и изоставени, принудени да одат на политичката периферија или едноставно да се вратат на рамнодушноста – социјален рак што стана широко распространет и е токсичен за демократијата во Македонија.
Во Македонија просечноста поттикната од апатија, легитимирана од национализмот и од рамнодушноста, е обединувачка закана што демне под површината на секоја институција и, сè повеќе, се манифестира во размислувањето на граѓаните.
Просечноста е болест затоа што ги заразува општеството и политиката на ист начин како што болеста го мачи човекот, а нејзините ефекти се исцрпувачки и штетни. Моќта на просечноста кај нас се реплицира самостојно, генерирајќи и зајакнувајќи се во самата средина каде што напредува; и, гледам сѐ повеќе и потешко да се препознае просечноста. Не верувам дека владеењето на медиокритетите ќе биде сериозно нарушено со изборниот процес што е во најава. Не верувам дека изборот ќе биде поинаков. Онака просечен. Како и сѐ во државата.
Проф. Звонимир Јанкулоски