Регионалниот ЦУК Штип известува дека има една жртва и при пожар на штала во селото Оџалија во Општина Карбинци.
По добиената информација за пожар, на единствениот повикувачки број 112 во ЦУК, за запалена штала, околу пладне, и интервенцијата на пожарникарите е добиено известување дека едно лице настрадало при тој пожар во с. Оџалија во Општина Карбинци. Настраданиот бил пронајден внатре во шталата, каде што најверојатно се задушил од чадот прво, а потоа и изгорел во пожарот до степен на непрепознатливост на идентитет и возраст.
На терен биле излезени пожарникарите на Територијалната противпожарна едница (ТППЕ) Штип и припадници на МВР од СВР Штип, од коишто веста е потврдена за ЦУК, а истрагата е во тек. Двете служби, субјекти во Системот за управување со кризи се излезени на лице место и вршат увид за причините на настанатиот пожар, а според стандардните оперативни процедури, секако и доктори од Итната медицинска служба и Јавен обвинител ќе бидат вклучени во истрагата до конечниот извештај за оваа трагедија.
Инаку, од почетокот на ова деноноќие ова е трето лице настрадано кога има пожар. ЦУК рано утрово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од ТППЕ Ранковце пронашле настрадано повозрасно лице при гаснењето на пожар на отворено сношти при интервенција од 20.30 до 00.10 часот во атарот на селото Псача. Потоа, имаше второ известување за настрадано лице при услови на пожар кога пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Македонска Каменица денеска во периодот од 7.20 часот до 10.35 часот интервенирале на пожар на запалена куќа во селото Косевица, во месноста „Реката“.
Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, превентивно да се внимава на причини за пожар по, куќи, станови и објекти и при евентуална појава на пожар што побрзо да се пријавува на eдинствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
Истовремено, покрај постојаните апели од ЦУК, потребно и корисно е да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.